Во конкуренција за наградата „Роман на годината“ влегоа 14 книги од „Арс Ламина“

Четиринаесет книги во издание на „Арс Ламина“ влегоа во конкуренција за престижната книжевна награда „Роман на годината“, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.

Во конкуренција за најдобар роман објавен во 2021 година се следните романи во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“: „Албино трип“ од Александар Русјаков, „Втората месечина“ од Владо Димовски, „Лулу“ од Јана Мишо, „Уништување“ од Моџо Килингтон, „Деса“ од Ивана Трајаноска, „Веќе не сум истиот“ од Војо Цветановски, „Сантос блуз“ од Ненад Алексовски, „Брезите што шумеа крај Темза“ од Катерина Серафимовска, трилерите „Опасна игра“ од Мери Арсова, „Афера во музејот на пари“ од Сашо Кузмановски, „Сенки во подземјето“ од Марија Ралповска и „Храмот на натписите“ од Петар Стојановски, книгата за млади „Музеј на детството“ од Алма Растодер, како и книгата „Се викам Лена“ од Јагода Глигоровска, која е издание на „Попули“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Жири-комисијата во состав Владимир Јанковски (претседател), Катица Гароска Ацевска, Ермис Лафазановски, Лилјана Пандева и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата), соопшти дека годинава во конкуренција се 39 романи од повеќе издавачки куќи.

Комисијата е должна да го соопшти добитникот на наградата најдоцна до 15 март оваа година. Наградата „Роман на годината“ годинава се доделува по 23-ти пат и се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари.

Во продолжение се кратките описи на романите во конкуренција за роман на годината.

„Албино трип“ од Александар Русјаков

„Албино трип“ на Александар Русјаков е и луцидно „трипање“ и возбудливо патување од внатрешниот Парнас на човекот албино до сивите ќор-сокаци на мнозинството, со попатни одморалишта во оазите на чистите души.

– Ти си најдобриот албино писател во Македонија.

Јас сум единствениот албино писател во Македонија. Веројатно и пошироко. Ама уживам кога Шоте се заебава. Неговата чудесно луда смисла за хумор е натпросечна. Понекогаш вџашува. Ама секогаш расположува.

– Колку добро изгледаш на погреб, човек да посака да умре за да му дојде албино на збогување.

Луд е.

Уметноста на пишувањето ме спаси од полудување. Ме спаси и од самоубиство. Јас сум отворена книга нераскажани приказни. Неиспеани стихови. Албинизмот е само корица.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14702

„Втората месечина“ од Владо Димовски

…и од под вода излезе втората месечина. За да има втора месечина, почитувани, треба да ги има и седумдесеттите години на минатиот век, треба да ве има и Вас во Долна Преспа. Авторот на оваа проза ги исполнува и двата услова. Замислете ги селата од овој дел на Македонија полни со млади луѓе. Сите населени места си имаа селски домови во кои секоја вечер имаше игранки. За забава беа потребни еден засилувач, неколку звучници и пристоен грамофон. Во време кога скопските девојки требаше да бидат дома пред 22 часот, моите долнопреспанки се прибираа по полноќ. Во време кога во другите места можеа да сонуваат дека ќе ја имаат најновата плоча од „Битлс“, ние ја вртевме со месеци. Плочите ни ги носеа нашинците кои доаѓаа од суровиот капитализам да си најдат партнерка, Македонка. Селските плажи?!… На врелиот песок задниците си ги топлеа и нашите и дојдените убавици. Модна ревија без концепт и без сценарио. Нешто највозбудливо и преполно со колективна емоција беше летната фудбалска лига. Замислете го сега познатиот голгетер во овој летен котел. Исончан, надоен од самоуправниот социјализам и со црвен пасош во џебот. Можеби сте за едно ноќно капење во водите на Преспанското Езеро?!… Сигурно ќе се престорите во месечина?!… Девојко, вам ви зборувам! Две приказни за едно волшебно време, за големи љубови, за две втори месечини.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14753

„Лулу“ од Јана Мишо

Хумор, метал и книжевен салон во приказна за девојка која работи во една од последните класични ковачници во градот. Откако ќе избега од живот до кој не може да си објасни како стигнала, Лулу решава да се затвори над чекан и наковална, без некоја посебна возбуда и, се разбира – не ѝ успева. Влегува во свет на преиспитување, самобендисани автори и Гертруда Стајн. На лажни и вистински луѓе, на неочекувани ракописи и комплицирани односи. Приказна во која жените немаат време да размислуваат дали живеат во машки свет, напротив – сами се спасуваат.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14547

„Уништување“ од Моџо Килингтон

Четириесет и двегодишниот доктор Јан Рајсберг, сопруг на Марија, татко на Лотар и Ана, еден ден дава отказ. Се гледа во огледалото во тоалетот на еден бар и се прашува: „Кој сум јас?“ Тагата повеќе сликала на неговото лице, а се чини дека среќата не ја ни допрела четката… Изгледаше… Поинаков. Тоа не беше човекот кој го знаеше. Ниту човек кој сака да го запознае. Тоа беше маска на еден минат живот на кој му стави крај кога се измоча врз фикусот на директорот на клиниката. Првата вечер кога се почувствува слободен, ја поминува во ќелија во полициската станица каде што запознава млада девојка. Следуваат ноќи исполнети со забави, алкохол, дрога и секс… На колку сè начини можеме да си го уништиме животот, заслужуваме ли втора шанса и можеме ли да избегаме од себеси, се само некои од прашањата со кои Моџо Килингтон се занимава во овој емотивен, брутално соголен, интензивен и во филмски манир напишан роман.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14755

„Деса“ од Ивана Трајаноска

„Деса размислуваше. Не разговарала вака, за музика, за што било досега, со никого. Се праша, зошто, ама навистина зошто го сака Бетовен… воопшто не ја интересираа животите на композиторите, нивните биографии, не размислуваше за нивните карактери и за тоа какви луѓе биле. Ништо што беше надвор од музиката не ја допираше. Како да излегуваше од себеси кога слушаше, како да го напушташе своето тело… најпрвин ја оставаше својата облека, чевлите, крутиот градник, килотите со висок струк, а потоа и кожата. Телото го оставаше на подот заедно со сè друго и лебдеше над нив, а потоа се вивнуваше и ја напушташе собата, па куќата, па овој град, овој свет и пловеше по небото и некако, не знаеше како, како да беше поблизу до Бога…“

Деса, жена-сон, тивка, приспособлива, непокорна, но свитлива, скротувачка на своите внатрешни ветрови и сили. Како довеано бело, лесно облаче среде модрите стратуси. Егзотична птица залутана во туѓо небо. Големите соништа ги носи од Кратово во Скопје, каде што треба да се остварат. Но, новата средина значи и поголем избор. Поголемиот избор значи и поголеми шанси за грешни одлуки. Во својот дебитантски ракопис, Ивана Трајаноска ни носи филигрански изработена приказна за несреќниот живот на една жена, за миграцијата и судирот на вредностите од мало место во големо, за погрешните животни избори и за тагата за непроживеаното.

Романот „Деса“ беше дел од најтесниот избор за наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман за 2020 година.

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14701

„Веќе не сум истиот“ од Војо Цветановски

„Веќе не сум истиот“ е дебитантски ракопис на авторот Војо Цветановски, напишан во манир на искусен писател, кој вешто си игра со жанровите, создавајќи хибриден роман во кој има и раскажувачки и драмски и епистоларен дискурс, а сето тоа е вкомпонирано во една цврста и стабилна структура. Во изминатите петнаесетина години успеав да ги запознам речиси сите кловнови, жонглери, пантомимичари, голтачи на оган, магионичари, улични музичари, улични живи статуи, односно сите улични артисти што работат по улиците на Европа. И јас станав дел од тој патувачки циркус, дел од сите тие фестивали за улична уметност каде што настапував како уличен артист – пантомимичар, односно улична жива статуа. Веќе не сум истиот. Некаде по пат се загубив себеси…

Две навидум независни приказни се преплетуваат на крајно неочекуван начин. Во првата приказна – нараторот, уличен артист – презаситен од своето секојдневие, е во потрага по себеси, без да знае дека промената го чека зад аголот.

Во втората приказна, една млада писателка во креативна криза, не е свесна дека пред себе има содржаен материјал за роман што може да ја извлече од непријатната ситуација со нејзиниот издавач.

Неверојатен тек на настаните, речиси судбински, ќе ги спои овие две приказни во неочекуван епилог.

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14687

„Сантос блуз“ од Ненад Алексовски

„Не ја сакам зимата во Македонија. Посебно кога знам дека за неколку недели, додека тука ќе има метар снег, а потоа и растопена грда снежна маса испомешана со кал, јас ќе бидам таму далеку каде што во јануари има метар коктели на плажа.“

„Сантос блуз“ е првиот книжевен наслов на Ненад Алексовски, една мошне динамично раскажана „отплата“ на личниот долг кон повеќе страсти истовремено: патувањето, музиката, театарот… Овој можен портрет на модерниот номадизам (географски, професионален и емоционален) има хибридна форма на дневник, патопис, роад-роман и блуз-проза. Како што вообичаено се повторуваат првите два стиха во блузот, така се повторуваат и деновите, месеците,.. времето во оваа лесно читлива новела за не толку лесните нешта во нашите животи. „Сантос блуз“ ги сецира моментите кога чувството на едно големо „ништо“ се трансформира во моќна инспирација.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14689

„Опасна игра“ од Мери Арсова

Во рамките на „Ноќ на домашни трилери“, во организација на „Арс Ламина“, за време на Саемот на книгата, беше претставен и романот „Опасна игра“ од Мери Арсова. Станува збор за крими-трилер во кој главниот лик, Давид, е обично момче кое живее монотон и здодевен живот. Има работа што ја мрази и свршеница во која се сомнева дека е вљубен. Еден вообичаен мартовски ден, кој по ништо не навестува дека ќе биде пресуден во неговиот живот, случајно се среќава со Ева, неговата средношколска љубов. Таа е одамна преселена во Америка и омажена за богат американски бизнисмен. Оваа средба, што навидум почнува да се развива во тајна љубовна приказна, всушност, е многу опасна игра. Во својот дебитантски роман, Мери Арсова ни носи непредвидлив крими-трилер, маскиран под превезот на една наивна романса, наметнувајќи ги прашањата: Што ако немаме избор? Што ако мораме да го промениме својот живот целосно, за да преживееме? За да ги заштитиме своите најмили? Токму овој роман ќе ни покаже што сè сме подготвени да направиме, кога животот ни задава удари и нè остава да се бориме потполно сами.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14700

„Афера во музејот на пари“ од Сашо Кузмановски

Во музејот на пари во Народната банка е свечен ден. По повод десетгодишнината од монетарното осамостојување на Македонија, јавноста има можност да го види историското богатство на земјата. Во импресивната нумизматичка поставка има и една ретка пара – тетроболот на Ликеј со уникатна иконографија од обете страни. Сите се возбудени и со гордост зборуваат за овој важен настан. Ништо не најавува дека нешто може да ја наруши идилата.

Но, еден неочекуван телефонски повик навестува невиден скандал. Уникатниот тетробол е, всушност, фалсификат. Алармот е вклучен! Потрагата по оригиналот почнува…

„Афера во музејот на пари“ е прво дело на новинарот Сашо Кузмановски, кое во стилот на најдобрите крими-трилери ни носи возбудлива приказна за борбата со нелегалното тргување со антиквитети. Напредното познавање од областа на нумизматиката и вештиот раскажувачки стил на Кузмановски го прават овој роман убедлив и конкурентен на светските бестселери од овој жанр.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14705

„Сенки во подземјето“ од Марија Ралповска

Тенка е линијата меѓу доброто и злото, во свет што го движи криминалот. Приказните на банкарот, криминалецот и јавниот обвинител се испреплетуваат. Тројцата немаат ништо заедничко, освен жената по која се во потрага. Таа е плен, а тие се ловците. Или, можеби, е обратно? Обидувајќи се да ја откријат и да ја фатат, тројцата ќе мораат да играат надвор од рамките на правилата и на законите. Дали целта ги оправдува средствата? Каде е црвената линија што обвинителот нема да ја премине во оваа опасна игра? А ако го стори тоа, ќе успее ли да се врати назад?

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14688

„Храмот на натписите“ од Петар Стојановски

Тлото почнува да се тресе… Консепсион, Чиле, 2010 година. Во целиот тој хаос на Нивес ѝ приоѓа жена која ѝ подава мистериозен предмет со шест симболи и во истиот момент починува. Нивес и нејзиниот брат Сантијаго се обидуваат да ја откријат тајната на предметот, кој ги води во три држави, од урбаните средини на Ванкувер, до длабоките џунгли на Јукатан и Мексико. Трилер-авантура што ќе ве однесе на многу историски места што кријат таинствени симболи, кодови и изгубени древни градови. Сантијаго и Нивес ќе бидат принудени да затропаат на вратите од универзитетот во Ванкувер, каде што ќе побараат помош од двајца научници, Насим и Марк. Потоа сите заедно тргнуваат на едно необично патување со многу тајни, но и опасности што ги демнат од сите страни…

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14690

„Музеј на детството“ од Алма Растодер

„Сакам да направам нешто многу важно со кое ќе го спасам човештвото од заборав на емоциите од детството. Тоа би бил првиот Музеј на детството. Оттаму од каде што доаѓам многу се ценат вистинските чувства, возбудувањата, искрените зборови… Музејот ќе биде вистината за едно дете, кое, каде и да се наоѓа, чувствува и се соочува со слични или исти настани.“

Новата книга на Алма Растодер „Музеј на детството“ е прозна сложувалка, колаж, пачворк од повеќе приказни за детството во различно време и од различни простори, врзани меѓу себе, допрени во една определена точка или сосем самостојни. Она што ги обединува во целина и што овозможува да ги читаме и како фрагментарен роман за млади е можноста личните приказни да се сфатат како книжевни експонати во замислениот музеј на детството, што е и носечката идеја при раскажувањето.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14741

„Се викам Лена“ од Јагода Глигоровска

Животот е сложувалка на која ѝ недостигаат клучните делови и сите имаме обврска да ги најдеме. Едниот дел од сложувалката е кај нас, другиот е кај другите, а решението е во малечката волшебничка Лена. Можеби токму таа е решението на нештата што никогаш не се онакви какви што ни изгледаат.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14540

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.