Роза Вентрела: „Градината на олеандрите“ е семејна сага за судбините на четири храбри жени

Интернационалниот бестселер „Градината на олеандрите“ од италијанската писателка Роза Вентрела, кој е семејна сага од југот на Италија, во периодот пред и по Втората светска војна, вчеравечер (20 декември) беше промовиран преку онлајн-разговорот, кој во живо можеше да се проследи на фејсбук-страницата на издавачката куќа „Арс Ламина“.

Покрај авторката, на онлајн-промоцијата се вклучија и проф. д-р Радица Никодиновска, која го преведе романот од италијански јазик, Марио де Роза, прв секретар и заменик-амбасадор на Италија во Р. С. Македонија, и Сандра Ангеловска, која го преведуваше разговорот. Модераторка на промоцијата беше Татјана Димовска-Атанасова, уредничка во „Арс Ламина“.

Романот, кој на македонски јазик е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е поддржан од Министерството за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија.

„Градината на олеандрите“ е семејна сага за испреплетените судбини на четири храбри и уникатни жени и мирисот на волшебната земја – Апулија. Во градината на една куќа во Карбонара, во Апулија, цвета олеандер. Го насадува Агостино, кога се преселува таму со неговата сопруга Анита, позната како „Марџала“. Жена со ретка и мистична убавина, Марџала има моќ да ги смири болките кај новороденчињата, претставува скапоцена помош при раѓање и, доколку е потребно, во состојба е да отстранува клетви. Има три ќерки: Розета, Корнелија и Дијаманте, која е најмладата. Првата е убава и дива како и таа. Втората има коса со боја на мед и истите светли, продорни очи на нејзиниот татко. Од друга страна, Дијаманте е полничка, со виткана и нескротлива коса и е своеглава. Со текот на годините Марџала станува сведок на смртта на нејзиниот сопруг, на почеток на војна и на растењето и созревањето на нејзините ќерки, со нивните несреќни љубови, горливи страсти, горчливи разочарувања…

– „Градината на олеандрите“ е еден од првите романи што ме одбележа како авторка и како писателка. Особено ми се драги ликовите на Марџала и Дијаманте. Затоа што, всушност, Марџала е лик кој го напишав инспирирана од баба ми. Навистина ги имам доживеано тој реалистичен романтизам и тој т.н. генерациски јаз, што го имаше во седумдесеттите и осумдесеттите години на минатиот век. Делумно тоа го имам искусено, а дел го имам студирано од учебниците по историја. Трите сестри во романот се карактерно многу различни. Најмладата, Дијаманте, сака да биде модерна и бунтовничка. Покрај тоа што толку ѝ пркоси на мајка си Марџала и сака да се оттргне од неа, сепак, на крајот, поради низа настани, ќе остане да живее со неа. Овој роман, освен тоа што претставува семејна сага, тој е приказ на јужна Италија во периодот од 1938 година, па сѐ до педесеттите и шеесеттите години на 20 век. Тогаш се случуваат големи промени: се појавува фашизмот, се случува Втората светска војна, економскиот бум, социјалната еманципација и, практично, преку тој микрокосмос на семејството сме сведоци на промените во Италија во тие години – изјави на промоцијата авторката Роза Вентрела.

За процесот и предизвиците при преведување на книгата од италијански на македонски јазик зборуваше проф. д-р Радица Никодиновска.

– Би сакала да ѝ се заблагодарам на издавачката куќа „Арс Ламина“ за укажана можност да работам на преводот на „Градината на олеандрите“. Романот има моќ да го одвлече читателот во едно друго време. Да предизвика прекрасни емоции во еден пејзаж со прекрасни бои, составен од море, една раскошна градина и мирисот на олеандри. Преводот на вакви текстови бара специфичен методолошки пристап и бара репродуцирање на стилскиот ефект преку аналогни форми во изразот, сѐ со цел да се постигне сличен естетски ефект во преводот. При читањето, преведувачот станува свесен за значењето на делото од културна медијација, едно е јазичната компетенција, а друго е познавањето на туѓата култура. Треба да оцени во колкава мера тие културо-специфични елементи, карактеристични за таа реалност, се важни да ги објасни за да се разбере текстот. Преведувачот треба да ја утврди границата до која ќе ги дава објаснувањата на културо-специфичните елементи, без притоа да го изневери авторот. Токму различните реалности создаваат проблеми при преводот и таков беше случајот со овој роман.

При преводот на книгата наидов на предизвици, како од јазичен, така и од културолошки карактер. Од јазичен – фразеолошките изрази, а кај културолошките имаше проблеми со  реалните факти од гастрономијата, бидејќи кујната е царството на Марџала, подготовката на специјалитети по повод разни празници е една симфонија, рапсодија од мириси, вкусови и бои, кои на толку убав начин се опишани во книгата. Во одредени ситуации се одлучив да го задржам културо-специфичниот елемент, по пат на транскрипција на тој елемент – рече проф. Никодиновска.

Марио де Роза, заменик-амбасадор на Италија во Р. С. Македонија, зборуваше за улогата на амбасадата во промоција на културната соработка меѓу Италија и Македонија.

– Пријатно сум изненаден од големиот интерес за изучување на италијанскиот јазик во Р. С. Македонија. Министерството за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија секоја година дава одредени фондови за превод на уметнички дела, не само литература, романи, поезија, туку и куси филмови и слично, сѐ со цел промоција на италијанскиот јазик и на италијанските автори. Секоја година во фокусот на овие фондови се и различни региони, а местото на Македонија е истакнато, особено зашто има голем број на вредни италијанисти, како и самата Катедра за италијански јазик, која навистина вредно работи и ги организира сите околу себе. Оваа година имавме дури десет наслови, од кои девет романи објавени од тукашните издавачки куќи и еден драмски текст. Би ги издвоил и делата од детска литература, бидејќи на тој начин го доближуваме италијанскиот јазик на читателите од најмладата возраст. Во однос на финансирањето проекти, постојат повеќе начини, како што е Петтиот пакет за култура. Преку овој инструмент продолжуваме да ја споделуваме културата и соработката меѓу двете земји – рече тој.

Авторката Вентрела им се заблагодари на Марио де Роза, за поддршката на италијанската амбасада, како и на проф. Радица Никодиновска, за преводот и за нејзиниот детален опис како течел процесот на преведување.

– Благодарам и на издавачката куќа „Арс Ламина“, која по вторпат објавува мој роман на македонски јазик. Ја ценам можноста да бидам претставена пред македонската публика. Инаку, се зачудив како вакви приказни од јужна Италија успеаја да ја заинтересираат интернационалната публика и благодарение на преводот и технологијата да го прошетаат светот. Моите книги се преведени на повеќе од 30 јазици (меѓу кои и македонскиот) и претставуваат дел од нашата историја. Инаку, за мене, многу се важни местата и ликовите. Во моите романи локациите мора да се убаво опишани и раскажани. Местото на живеење е многу важно за моите ликови, таму се случуваат и нивните дејства. Во моите книги го објаснувам машкиот и женскиот универзум, а за да се доловат овие светови потребно е да се објаснат местата. На пример, ако дејството во романот не се случуваше во јужна Италија, ако беше во северна, тогаш случувањата ќе беа сосема различни. Жените од романот особено му даваат печат на местото, бидејќи тие се мошне живи и благодарение на нив живо е местото каде што создаваат тие, жива е куќата, населбата и каде што живеат тие… Преку односот на Марџала и Дијаманте е прикажан генерацискиот јаз. Преку Дијаманте е претставен бунтот на новата генерација. Тоа спротивставување на младите девојки го имам забележано во Бари. Иако бев мала, убаво се сеќавам дека тогашните 20-годишни девојки беа прв израз на тоа бунтовништво. Се бореа со традицијата и со желбите и идеите на нивните мајки каков треба да биде нивниот живот. Тие сакаа да ја преземат судбината во свои раце. Во педесеттите години на 20 век почнува развојот на феминистичкото движење, кој поинаку се одвивал во јужна Италија. Дијаманте го претставува тој нов тип на жени, до некаде и Розета, со тоа што таа ги претставува и негативните страни на феминизмот. Марџала, пак, е олицетворение на матријархатот и традицијата во тоа време. Дополнително, посебен белег на местото му дава и морето, всушност тоа е присутно и во другите мои романи. Тоа има главна улога во моите спомени и рефлексии– рече Вентрела.

Писателката Роза Вентрела е родена во Бари, а во моментов живее во Кремона. Дипломирала на Катедрата за современа историја, а мастер-диплома стекнала од областа на менаџмент во образованието. Долго време пишувала за специјализирани списанија за историја и држела предавања за положбата на жената низ историјата: нејзините романи најчесто говорат токму за чувствата и проблемите на жените. Работела и како уредник во издаваштвото, а веќе со години држи настава за креативно пишување за деца и за возрасни. На македонски, а во издание на „Арс Ламина“, е преведен и нејзиниот роман „Приказна за едно семејство“.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн на интернет-страницата http://www.literatura.mk.

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14715

Целата промоција на книгата можете да ја погледнете на следниот линк:

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.