Преку книгите „Изброј ги ѕвездите“ и „Куферот на Хана“ раскажана е приказната за децата во холокаустот, на семинар за наставници во Скопје

Во рамките на меѓународниот семинар за наставници од основните и од средните училишта од земјава и регионот, што го спроведоа Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија и „Центропа“, се одржа и промотивна презентација на книгите за деца, „Изброј ги ѕвездите“ од Лоис Лаури и „Куферот на Хана“ од Карен Левин, кои се плод на соработката помеѓу издавачката куќа „Арс Ламина“ и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија.

Настанот се случи на 3.12.2021 година (петок) во просториите на Меморијалниот центар во Скопје, а промоцијата ја водеа м-р Жаклина Мучева од Фондот и Бисера Бендевска, уредничка во „Арс Ламина“.

Промоцијата на книгите беше поделена во два дела. Во првиот дел, Мучева зборуваше за децата како најранлива категорија за време на холокаустот. Поткрепена со фотодокументи и фактографски податоци, во својата презентација таа истакна дека во виорот на Втората светска војна и во логорите на смртта настрадаа еден и пол милиони деца, кои претходно биле злоупотребувани и врз нив (децата од еврејско потекло) биле извршувани медицински експерименти. Таа посебно го издвои примерот со попатниот логор во Терезинштат, каде што депортираните деца биле изгладнувани, измачувани и биле користени како работна сила. На крајот од својата презентација, Мучева сподели фотографии од преживеани еврејски деца од Македонија, потенцирајќи ја важноста за тоа денешните деца да се едуцираат за овој најцрн период од историјата на човештвото и да се подучуваат на толеранција, разбирање и солидарност.

Во вториот дел, уредничката Бисера Бендевска направи компаративна анализа на двете дела, чиишто содржини се инспирирани од вистински личности и настани што се случиле за време на холокаустот. „Изброј ги ѕвездите“ е роман за херојството и сплотеноста на еден народ – народот на Данска – кој солидарно успеал да спаси од сигурна смрт 7.200 Евреи, нивни соседи и пријатели, така што по воден пат ги засолнил во Шведска, која во Втората светска војна била неутрална држава. „Куферот на Хана“, пак, е документаристичка проза посветена на краткиот живот на Хана Бради од Чехословачка, која завршува трагично во логорот Аушвиц, но она што ја издвојува оваа книга од многуте на истата тема е начинот на кој се открива приказната за Хана. Имено, еден мал образовен Центар на холокаустот во Токио, добива реквизит од музејот на Аушвиц за потребите на нивната изложба. Тоа е еден куфер на кој е испишано името на сопственичката – Хана Бради. Љубопитноста на децата од Центарот и упорноста на нивната учителка – Фумико Ишиока, резултираат со откривање на приказната за младата Хана.

Двете книги се дел од едицијата „Читанки“ во рамките на издаваштвото „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, и се предвидени како дополнителна литература што ја следи образовната програма во основното образование, така што во нив се содржани и активности за работа на час, произлезени од содржинскиот дел на книгите. На крајот од своите излагања, промоторките ја истакнаа важноста од користењето на овие книги во наставата. Тие нагласија дека изданијата го следат примерот на Бирото за развој на образованието за тоа како треба да се учи за холокаустот во училиштата и дека промовираат позитивни вредности на емпатија, разбирање и толеранција.

Тридневниот семинар беше поддржан од Амбасадата на САД во Скопје, од австриската амбасада и од Claims Conference.

Изданијата „Изброј ги ѕвездите“ и „Куферот на Хана“ се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“, во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија и онлајн на интернет-страницата www.literatura.mk.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.