Зоран Спасов Ѕоф: Со книгата и претставата „Торонто експрес“ ја промовираме македонската култура

Во присуство на многубројна публика, во празничниот амбиент на „Literatura.mk Superstore“ во „Ист гејт мол“, вчеравечер (7 декември) беше промовирана новата книга на Зоран Спасов Ѕоф – „Торонто експрес (Тибам штркот апдејт)“. Книгата, како и претходниот хит-роман, „Тито, мојот претпоследен херој“, е во издание на „Попули“, дел од „Арс Ламина – публикации“. „Торонто експрес“ е ново, дополнето издание на популарната книга и литературен првенец на Ѕоф, „Тибам штркот“. Дизајнот на корицата е на стрип-авторот Михајло Димитриевски – Тxе Мичо.

Промоцијата на книгата се одржа една недела пред премиерата на новата театарска претстава „Торонто експрес“, во Македонскиот народен театар. Претставата, која е базирана на книгата, е во режија на Јордан Симонов, а главната улога ја толкува Александар Микиќ.

Во промотивниот период, со секој купен примерок од книгата „Торонто експрес“, во книжарниците „Литература.мк“, ќе следува ваучер за влезница за некоја од изведбите на претставата „Торонто експрес“. Ваучерите можат да се заменат за влезници во билетарницата на МНТ.

– Пријатно сум изненаден од посетеноста на промоцијата. За почит е! Со „Литература.мк“ минатата година, со отворени срца, решивме да се откажеме од профитот на мојата претходна книга, „Тито, мојот претпоследен херој“ и средствата ги дониравме во „СОС детско село“. Оваа година, со новата книга, се одлучивме за друг чекор. Влеговме во нова авантура, во која и јас и „Литература.мк“ повторно се откажавме од заработката, а истовремено, од профитот се откажа и МНТ, сѐ со цел да се направи мултимедијално културно-забавно шоу. Првпат успеавме, на ваков начин, да споиме книга и претстава, со цел да се промовираат македонската културата, издавачи, автори и драматурзи… Книгата и претставата имаат многу допирни точки, но не се целосно исти, крајот во двата проекти е различен. Исто така, и ликовите се поинакви. Со Микиќ креиравме уште неколку нови карактери. Иако се комплементарни, и двата проекта нудат посебно доживување. Затоа книгата треба да се прочита, по што мора да се гледа претставата. Има еден празничен трик поврзан со книгата: со секоја купен примерок од „Торонто експрес“ добивате ваучер за истоимената претстава. Но, со купени две книги, добивате една за себе и друга што можете да ја подарите на драга личност за Нова година. Истовремено добивате ваучери за две влезници, што значи можете да ја погледнете претставата со друштво – рече Зоран Спасов Ѕоф.

На промоцијата зборуваше и еден од најзаслужните за театарското оживување на „Торонто експрес“ – Александар Микиќ, кој со Јордан Симонов и со Благоја Бошковски работеа и на театарската адаптацијата на текстот.

– Пред повеќе години ја прочитав првата верзија на книгата, „Тибам штркот“. Многу ми се допадна и добив желба да ја адаптираме на сцена. Но, помина многу време оттогаш, се случија многу работи, па конечно, дојде моментот – приказната да ја видиме в театар. Многу сум среќен поради тоа! Претставата е инспирирана од книгата. Голем дел од случувањата од книгата ги има и во сценариото, но и обратно – има работи што ги нема во книгата, а се додадени во театарската верзија. Па, ако сакате да сте комплетни, ќе морате да ги направите и двете работи – и да ја прочитате книгата и да ја погледнете претставата – рече Микиќ и откри дека премиерата на „Торонто експрес“ е закажана за 15 декември, а ден подоцна и на 20 декември се следните изведби.

Своите импресии од книгата ги сподели ТВ и радио-водителот Јанко Илковски, кој ги откри двете страни на оваа приказна, веселата и тажната.

– Книгата ја прочитав двапати. Првиот пат се смеев од сѐ срце. Ова е феноменална, духовита книга, извонредно напишана. Но, кога ја прочитав по вторпат, пред промоцијата – се изнаплакав. Плачев затоа што реално ги сфатив работите. Всушност, зад хуморот на ова книга се крие тажна приказна. Читајќи, го гледав авторот на книгата како плаче, а не како се смее. Иако сите се смееме, верувајте, тоа што го кажува е жално. Зборува за животот, за нас, дека сме добри, но како дојдовме на ова дереџе? Со оваа книга ми го тргна пердето од пред очи и пред 13 години, кога ја објави првата верзија, и сега. Си велам, можевме да живееме подобро, можевме да направиме подобро… Со нетрпение ја чекам и претставата, заедно да се изнасмееме (и да плачеме) – рече Илковски.

„Торонто експрес (Тибам штркот апдејт)“ е документаристичка стрип-проза; еден вид фотонарација со блиц, зум и слободен кадар и фокус; „водич за идните печалбари и тазе имигранти“, како што вели самиот автор, или литерарен прирачник за заминување, но и за враќање од Канада. Последното (враќањето) е нешто невообичаено за ваков тип „прирачници“, упатства и помош за адаптации во туѓи средини и можеби токму тоа ја долева последната капка во оваа преполна чаша искреност и таа претекува на сите страни. Ова е приказна што брзо и неосетно влегува под кожа: популарна, ефектна, штосна, документарна и есеизирана; приказна што „шверцува“ нашинство и носталгија во далечниот, среден свет каде што објективно тоа не е предвидено. Напишана на скопски сленг, книгава нуди една нова форма на битовост, на модерно печалбарство, актуализирајќи го вековниот проблем на иселувањето на нашиот народ на еден автентичен, самосвоен и мошне читлив, ведар и духовит начин. Новите „печалбари“ се академски музичари кои разнесуваат пици, машински инженери – „конобари“ по свадби, ортопеди – стручњаци за гипс-картон… Нивните (не)употребливи дипломи чекаат во куферите зафрлени во подрумите на изнајмените станови во Канада. Јазикот, стилот, фактографските пасажи, фокусираните детали, отворениот, духовит и автоироничен поглед на нас самите, секако и илустрациите на Тхе Мичо низ текстот, се чини дека повторно ја нашле формулата за успех и читаност на претходната книга на Ѕоф: „Тито, мојот претпоследен херој“.

Зоран Спасов Ѕоф е основач на Фондацијата „Македоника“, чијашто цел е зачувување, негување и промовирање на македонските јазик и култура. Преку фондацијата, на интернет-страницата http://www.makedonika.mk има споделено повеќе од 2.000 бесплатни е-книги. Oсновач e на првиот приватен весник во Македонија „Огласник M“, на првиот и единствен таблоид „MExpress“. Бил продуцент на популарното ТВ-шоу „Џандар збира“, а во 1995 година е избран за менаџер на годината во полето на културата. Пишувањето книги е негова голема пасија, а досега, покрај новата „Торонто експрес“, ги има објавено: „Тибам штркот“ (2009), „Некогаш, некаде“ (2012), „Тито, мојот претпоследен херој“ (2020).

Книгата „Торонто експрес“ веќе е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk на следниот линк:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14766

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.