Истакнатата пијанистка и авторка Снежана Анастасова-Чадиковска меѓу добитниците на државната награда „Св. Климент Охридски“

Истакнатата пијанистка, професорка и авторка Снежана Анастасова-Чадиковска, писателот Јован Павловски и академската сликарка и костимографка Елена Дончева се годинешните добитници на државната награда „Св. Климент Охридски“. Тие го добиваат ова признание за своите заслуги во областа на културата и уметноста. Министерството за култура соопшти дека универзитетската професорка Ѓулумсер Касапи ја добива наградата во областа на воспитанието и образованието. Наградите ќе бидат врачени на осми декември (среда) во Свечената сала на Собранието на Република Северна Македонија.

Државната награда „Св. Климент Охридски“ е највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност од јавен интерес на Република Северна Македонија.

Снежана Анастасова-Чадиковска (1950) е етаблирана пијанистка, професорка по пијано и музичка публицистка. Својот прв настап на концертниот подиум го бележи во 1972 година и оттогаш е постојано присутна на македонската музичка сцена. До 1984 година е претежно солист, а потоа и пијано-придружник на голем број македонски и странски музички уметници. Има настапувано во многу музички центри во Македонија и во светот, а има реализирано и повеќе снимки за продукцијата на МРТВ. За време на својот работен стаж, таа е професор во МБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје како професор по пијано, а нејзината класа на успешни пијанисти е една од најбројните. Неколкупати била и селектор на музичкиот дел на програмата на фестивалот Охридско лето.

Како музички публицист била рецензент на „Екран“, „Нова Македонија“, „Пулс“ и „Утрински весник“. Автор е на сценарија за повеќе дидактички музички серии и портрети, како „Приказни од пијаното“, „Моцарт-медалјони“ и др. Соработник е на енциклопедиските изданија на МАНУ, МИ-АН и ФДУ, коавтор и автор на публикациите „Светот на еден глас“ (монографија за Милка Ефтимова), „Зад звукот“ (монографија за Фимчо Муратовски), „Жоро“ (монографија за Георги Божиков), „30 години на МММ“, „50 години МБУЦ“ и други, а била раководител на тимот за изработка на монографијата „50 години Охридско лето“. Авторка е на книгата раскази за деца „Дружината на борот и други приказни“, која е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Книгата, која е со илустрации од Ирина Цоневска, е составена од пет прекрасни, топли, весели и необични приказни за деца: „Приказна за Големиот бор, мачката Тигра и другите животни“, „Бротчето кое не сакаше море“, „Принцеза – приказна со три краја“, „Приказна за кралот Мрчало“ и „Куса принцеза – приказна со дијалог и кула“.

Јован Павловски (1937) е наградуван поет, раскажувач, романописец, писател за најмладите, публицист, долгогодишен уредник на повеќе рубрики во „Нова Македонија“, нејзин дописник од Париз и Москва. Има објавено 20-тина збирки поезија и збирки раскази, неколку романи, книги за деца, монографии, книги со новинарски есеи, а се јавува како уредник и преведувач на повеќе енциклопедии и лексикони. Добитник е на повеќе награди: Рациново признание, „Стале Попов“, награда на КПЗ на Македонија за најчитан автор во 1991 година, награда на Радио Скопје за најдобра годинашна книга за најмлади (трипати), „Мито Хаџивасилев-Јасмин“ за публицистика (двапати), „13 Ноември“ – награда на град Скопје, Златна плакета на град Тетово, „19 Ноември“ – награда на град Тетово, „Поетско жезло“, признание „Духовен воин“, Почесен граѓанин на Радиовце, Тетовско, „Крсте Мисирков“ за животно дело, награда на НИП „Нова Македонија“ за животно дело, прва награда „Крсте Мисирков“ на Здружението на новинарите на Македонија, годишна награда на неделникот „Пулс“ (двапати), Златно перо за превод на поезијата на Ајги и Гоцева повелба.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.