Владимир Лукаш: Сликовниците треба да бидат како децата – разиграни, луцидни и искрени

„Сите возрасни некогаш биле деца, но само малкумина се сеќаваат на тоа“… Овој цитат од култното дело „Малиот принц“ од Антоан де Сент-Егзипери е потсетување дека, за да ги разбереме децата (и тие нас) треба најпрвин да го „слушнеме“ детето во нас. При создавањето дела за најмладите, без разлика дали тоа се книги, цртежи, анимации, филмови или музика, покрај едукативниот дел, треба да се разберат децата и нивната потребата од игривост. Одржувајќи ја оваа врска со детето во себе, уметникот Владимир Лукаш ја напишал својата нова сликовница „Ши, ѕифри, копчи“, каде што е автор на стиховите, а илустрациите се на Наталија Лукомска.

Иако ова е втора негова книга за деца, Лукаш, кој е сестран уметник: музичар, визуелен уметник, поет, прозаист и илустратор, во секој сегмент од неговото творештво ја внесува детската ведрина. Со својот автентичен, иновативен израз, остава значаен печат во сите сфери на уметноста. Препознатливи се неговите илустрации, анимации, музички и писателски творби. Се јавува како автор и илустратор на повеќе книги. Има снимено повеќе кратки анимирани филмови и одржани девет самостојни изложби.

„Ши, ѕифри, копчи“ е збирка поезија за деца со многу интересна структура. Замислена е како „пеење“ на мечокот Гриз Ли, кој онеобичувајќи го светот околу себе нѐ води низ еден ден – од неговиот почеток до крајот; од будењето до заспивањето. Гриз Ли измислува зборови, наутро вели ШИ (наместо добро утро), напладне ЅИФРИ (наместо добар ден) и навечер КОПЧИ (наместо добро вечер). Измислувањето нови, непознати зборови за стари, познати нешта ја поттикнува креативноста на децата и нивната јазична слобода. Секој од зборовите на Гриз Ли, лирскиот херој на оваа книга, претставува одделен циклус со еднаков број страници. Утринските или ШИ-песните се најкуси, сонливи; пладневните ЅИФРИ-песни се подолги, со ококорени очи; и најдолги се КОПЧИ-вечерните песни, кои завршуваат со миење заби, како и секој детски ден.

Книгата „Ши, ѕифри, копчи“ , која е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде промовирана вечерва (18 ноември), во 19 часот, во книжарницата Literatura.mk Superstore во „Скопје сити мол“. По повод објавувањето на делото и промоцијата разговаравме со Владимир Лукаш.

* Децата првиот контакт со книгите го имаат преку слушање на приказните што им ги читаат возрасните. Па, така, преку нивниот избор, на некој начин се дефинира и вкусот и љубовта на децата кон книгата… Покрај селекцијата, многу е важно и како им се пренесуваат (раскажуваат) приказните. Во Вашата нова СТИХОвница „Ши, ѕифри, копчи“ раскажувате преку стихови, а на промоцијата книгата ќе ја „читате“ со музика… Колку е важен формат на кој им се претставуваат книгите на најмладите?

– Играта никогаш не смее да запре – велат децата, а возрасните, ете, понекогаш не го разбираат тоа. Форматот секогаш мора да биде разигран, луциден и искрен. Како дете. Возрасните им читаат приказни на децата, најчесто напишани од некој возрасен што одбива да порасне или што заборавил да порасне, што останал дете, само со малку попрецизна логика, и во рамките на формата што си ја дал како задача. Пишувањето за деца, колку и да се чини како многу одговорна работа – што и е – сепак за основа ја зема играта, а играта никогаш не запира: кога ќе заврши една, веднаш почнува друга, а првата седнува да земе здив и да направи план за некои идни палавштини. Играта е единствениот начин за елиминација на досадата, таа подмолна настинка на здравиот дух.

* Главен лик во книгата е мечокот Гриз Ли, кој, пеејќи, нѐ води низ еден ден, од неговиот почеток до крајот, од будењето до заспивањето. Како настана ликот на Гриз Ли? Дали тој е олицетворение на мултимедијалниот раскажувач Лукаш?

– Мечокот Гриз Ли е шумскиот мудрец, шаман, седнат на пиедесталот на сезнајноста откако бувот со украинско потекло – Ококоренко, отиде во заслужена пензија. Сите приказни се раскажливи, но никој не може да раскаже приказна на ист начин; некои тоа го прават со зборови, некои со мелодии, некои со цртеж итн., така што, не можам за себеси да кажам дека сум мултимедијален раскажувач, затоа што самите приказни го наметнуваат начинот на кој ќе бидат интерпретирани. Едноставно, си раскажувам приказна на себеси и се обидувам да ја прераскажам најдобро што можам. Понекогаш успевам во тоа, понекогаш не. Како и со музичките инструменти, и раскажувачкиот тон мора да се „наштима“, да му се даде хармонија во која сите карактери ќе можат да се чувствуваат како дома.

* Книгите за деца, покрај уметничката цел, имаат и едукативна мисија, поттикнуваат прашања и даваат некоја поука. Која е порака што шифрирано, преку стихови, им ја праќате на децата преку „Ши, ѕифри, копчи“?

– Дека е здраво да се вели Добро утро, Добар ден и Добро вечер и кога утрото е мрачно и кога денот е дождлив и кога ноќта е студена, затоа што тие три едноставни двозборки речиси секогаш влеваат надеж и исцртуваат насмевки на лицата. Е, сега, децата сакаат да се изразуваат кратко, прецизно и слатко, па затоа велат: Ши, Ѕифри, Копчи: Добро утро, Добар ден, Добра вечер.

* Децата најдобро учат преку игра, а Вие одлично играте со зборови. Видлива е авторската инвентивност во смислување нови зборови или во именување на ликовите… Колку е важно децата да почувствуваат игривост, за да го разберат ритамот на содржината?

– Убаво е децата да почувствуваат дека песните/приказните им се раскажани лично ним, дека сите присутни карактери, преку авторот, им се обраќаат како на другари. Децата треба да бидат на Ти со световите што ги опкружуваат, без разлика дали се вистински или измислени – иако и измислените се вистински, но не се копии на вистинските, туку само се надополнуваат едни со други. Ако го земеме предвид ова, раскажувачкиот ритам прераснува во прераскажувачки ритам, односно, децата и самите стануваат автори.

* Иако и самиот сте илустратор, сепак овој пат за ликовниот приказ на делото се погрижи Наталија Лукомска. Со неа имате соработувано и на други проекти. Колку и како Лукомска ја надополни визуелно нарацијата во „Ши, ѕифри, копчи“?

– Секогаш е прекрасно е кога две визии ќе се спојат во една – секако, на креативен план, не како воен пакт. Илустрациите на Наталија им даваат нова димензија на песните, зашто и самите стануваат песни и можат да се интерпретираат на сосема поинаков начин. Но, ни за миг сликата не бега од стихот, ниту, пак, стихот од сликата. Тие решаваат да се дружат и заедно да појдат во нови авантури. Или, да одговорам попрецизно – Наталија е цар!

Сликовницата „Ши, ѕифри, копчи“ веќе е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14720

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.