Христина Стефановска во Штип одржа промоција на психолошките прирачници и работилница со деца за препознавање на емоциите

Во присуство на воспитувачи, педагози, учители, наставници и ученици, вчера (16 ноември), во НУ Библиотека „Гоце Делчев“ во Штип, беа промовирани четирите психолошки прирачници од Христина Стефановска: „Кога Мешко се лути“, „Кога Ушко се плаши“, „Кога Сончка е среќна“ и „Кога Летко е тажен“. Интерактивните прирачници се дел од едицијата „Железница на чувствата“ и се во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Пред промоцијата, во библиотеката се одржа работилница инспирирана од интерактивните прирачници, со 30-тина ученици од прво одделение од ООУ „Ванчо Прке“ – Штип. Преку илустрирани примери децата учеа и ги препознаваа емоциите тага, лутина, страв и среќа, но и доцртуваа свои според предлозите на авторката.

На промоцијата кон книгите се осврна м-р Јована Рилак. Таа истакна дека низ лесни, едукативни и интерактивни приказни и активности, Стефановска ги насочува децата да се посветат на своите емоции и да работат на нивното прифаќање и трансформирање во нешто позитивно и корисно. Преку однесувањето и манифестирањето на емоциите на четирите лика – лутото еже Мешко, плашливото зајаче Ушко, тажното славејче Летко и среќната срничка Сончка, и преку придружните активности по секоја приказна, децата ќе научат да ги препознаваат и да ги разликуваат емоциите кај себе и кај другите луѓе, ќе стекнат увид во причинителите на емоциите, ќе откријат конструктивни начини за справување со емоциите и ќе создадат навика за корисно структурирање на слободното време.

Авторката Христина Стефановска, која е лиценциран дипломиран психолог, кој исклучиво работи на теми поврзани со деца и адолесценти, преку примери од искуството работејќи со деца ги претстави четирите прирачници. Напомена дека овие прирачни се податливи за работа и во предучилишните установи, но и во училиштата, особено за децата од раноучилишна возраст.

– Емоцијата што ја манифестира детето не е секогаш тоа што го чувствува длабоко во себе, а овие интерактивни прирачници можат да им помогнат на возрасните да ја разберат суштината на емоцијата што ја изразува детето во одредена животна ситуација – рече таа.

По официјалниот промотивен дел, следуваше неформалната средба на авторката и претставниците од издавачката куќа „Арс Ламина“ со гостите на работилницата кои ги разгледуваа прирачниците и преку директни совети од авторката се уверија во нивната практична примена.

„Кога Мешко се лути“, „Кога Ушко се плаши“, „Кога Сончка е среќна“ и „Кога Летко е тажен“ се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн, преку www.literatura.mk.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.