Го одбележуваме 75-тиот роденден на писателот Велко Неделковски

Еден од најзначајните македонски раскажувачи, романсиер, драмски писател, поет и сценарист, Велко Неделковски е роден на денешен ден (28 октомври), пред 75 години, во Скопје. Во своето литературно творештво ги негува речиси сите литературни жанрови: расказ, сказна, роман, драмски текстови, поезија.

Работел во Македонската телевизија како драматург и сценарист. Член е на ДПМ од 1980 година. Добитник е на наградите: на РТВ Скопје на СВП за најдобра книга за деца, за најдобра детска книга на Струшките вечери на поезијата во 1986 година, на наградата „Феникс“ на град Скопје (за постигнувања во книжевноста) и на наградата за животно дело од Македонската радио-телевизија. Голем дел од своето литературно творештво им го посвети токму на децата. Важи за мошне плоден автор, чиишто дела од својата содржина и со стилските особености им се мошне блиски на најмладите.

Автор е и на низа сликовници за децата од градинките, како и на романот сликовница во десет книги „Зеленкапа во шумата Еколо“. Негови литературни дела се збирките раскази: „Леб за тате“, „Како расте Пенчо“, „Срценца од ведро-а“, „Деници“; сказните „Пролетни авантури“, „Шоу под ведро небо“, „Чуденки со Тимитар Итар“, „Смеантури во Намќорец“, „Бибисек од Крампонија“, „Корнет Лизи во Шаренџам“; како и романите: „Симчо“, „Втората смена“, „Збунети години“ (објавена и во „135 тома македонска книжевност“), „Зборофон Тар-11“, „Дежурна приказна“, „Летачкиот човек Пеперут“, „Шармери од осмо“. Автор е и на стихозбирката „Шармантни песни“ и на поемата „Царче-Жарче“.

Има напишано шеесетина радиодрами за најмладите слушатели на Македонското радио (Радио Скопје). Дел од нив се преведени и снимени и во странство. Исто така, Неделковски е творец на триесет играни телевизиски серии за деца: „Саки од Саканија“, „Светот има осум страни“, „Царството на другарството“ и други, но и на сценаријата на три снимени краткометражни филмови. Пишува и за театарската сцена. Изведени се неговите театарски драми за најмладите „Ден за бегство“, „Бибисек од Крампонија“ и драматизацијата на романот на Ференц Молнар, „Децата од улицата Пал“.

Издавачката куќа „Арс Ламина“ има објавено повеќе негови дела – книгите за деца и млади: „Збунети години“, „Шармери од осмо“ и „Симчо“, и романите за возрасни: „И не биди млад мајмун“ и „Песја прељуба“ и првата поетска збирка за возрасни „Тишината на зборот“.

Во продолжение се кусите содржини на шест книги од Неделковски, кои се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн, преку www.literatura.mk.

„Збунети години“

Борче е осмоодделенец кој постојано ги задева и ги засмева девојчињата во училиштето. Симпатија му е Виолетка и преку Димитар, скромен седмоодделенец и нејзин соученик, ѝ праќа љубовни писма. Во неа е вљубен и Димитар, кој всушност ги пишува писмата во име на Борче. Различни во поглед на социјалниот статус, но и во однос на карактерот, сензибилитетот и физичкиот изглед, овие две момчиња ќе се обидат да го освојат девојчето со плетенки, црвени образи и со симпатична насмевка. Делото е со илустрации на Здравко Гиров.

Книгата, која е дел од едицијата „Лесно читливи лектири“, е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13498

„Шармери од осмо“

Во својот зелен нотес, будниот училиштен педагог Златан Самоилов запиша: „Мали вербални препукувања…“ Токму така почнува приказната за закачките помеѓу учениците од осмо-А и нивните врсници од осмо-Б одделение во училиштето „Септември“. Иако видно вознемирени и желни за одмазда, двете одделенија успеваат да најдат заеднички јазик и да ги премостат закачките и караниците, формирајќи заеднички тим за турнирот во мал фудбал. Нивниот тим „Шармери“ ги освојува срцата не само на девојчињата туку и на директорот на училиштето Бојан Милјановски, кој го одржува својот збор и ја закачува врамената фотографија на „Шармерите“ на ѕидот во својата канцеларија, наспроти работната маса. Шармот на младите „Шармери“ зрачи не само на фудбалскиот терен туку и надвор од него, вљубените срца почнуваат да бијат посилно…

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13522

„Симчо“

Возбудлива, потресна, но истовремено и охрабрувачка приказна за едно дете фатено во костец со алкохолизмот на својот татко. Симчо е примерен шестоодделенец, кој живее во дом растргнат меѓу лошиот животен стил на татко му, бескрајната загриженост на мајка му и нивните меѓусебни кавги. И покрај сите предизвици, Симчо наоѓа сила да се справи со неволите во кои е вовлечен без своја вина, со осудата и неправедниот однос на околината и, конечно, со својот честопати груб и неодговорен татко. Истраен и искрен, Симчо всушност е столбот врз којшто ќе се потпре неговото семејство и ќе го најде патот кон посветла иднина…

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14541

„Песја прељуба“

„Вистинито ли беше неговото каење или само маска од интерес? Човекот не е отворена книга со крупни букви, наизуст да го прочиташ. Луѓето, генерално, сè повеќе користат шифрирани постапки. Често и сами ја забораваат сопствената лозинка. Жално.“ Народната мудрост вели дека песот е најдобриот пријател на човекот, дека неговата верност не познава граници. Но, дали нашата верност е еднакво голема? Дали човекот може да се пофали дека е најдобриот пријател на песот? Во денешно време, кога луѓето се кријат зад маски за полесно да се измамат и да си наштетат едни со други, што може да направи еден пес, за да се заштити од оваа заразна дволичност и опасно лицемерство? Во овој нов роман, Велко Неделковски се обидува да им даде глас на тие што се секогаш околу нас, без разлика на нашето однесување – истите тие за кои се грижиме, ги отфрламе, ги труеме, ги сакаме и ги мразиме. Со тоа нè тера, на длабоко етички и хуман начин, да се прашаме дали сме достојни за песјата верност.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14506

„И не биди млад мајмун“

Животот на главниот „јунак“ на овој роман, Симон (Шими) Апостолов, е пред распаѓање. Бракот со неговата сопруга, Агна, е речиси готов, нема работа и вплеткан е во различни криминални активности. Сепак, како судбината да му овозможува шанса за подобро утре кога Богдан Еврич ќе му понуди работа во неговото кафуле и сопругата ќе му соопшти една убава вест. Но, за време на неговата смена, во кафулето се водат сомнителни разговори помеѓу една жена и тројца мажи, а еден од нив не припаѓа на тоа друштво – еден од нив е на страната на законот. Краток, динамичен и со многу допирни точки до нашето актуелно општествено секојдневие, најновиот роман на Велко Неделковски, „И не биди млад мајмун“, буквално ќе ве остави без здив. Напишан како сценарио за криминалистички филм, со многу напнатост и постојана акција, овој роман ќе ве „зароби“ во неговата приказна и ќе ве „пушти“ дури откако ќе го прочитате.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14416

„Тишината на зборот“

Тишината на зборот е првата поетска збирка за возрасни на писателот Велко Неделковски, но впечатокот по нејзиното исчитување воопшто не коинцидира со вообичаениот впечаток кога се соочуваме со дебитантски ракопис. Напротив, во неа е собрано севкупното творечко и животно искуство на авторот и буди чувство на познат, некогаш претходно посетен книжевен предел, каде што секој збор има право на своја тишина и на починка. Помеѓу овие корици, зборот тихува со молчаливоста на мудрецот и ја реализира својата суштина во слободното течение на стиховите, кои понекогаш звучат како гатанки, а понекогаш – како народни умотворби. Затоа што само оној кому му е даден патоказот до музите, само тој може да ја слушне тишината на зборот и да рече:

„Посвој го Зборот, прегрни го

запиши го како реликвија

и кажи го како свеченост“.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14467

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.