Романот за деца „Црната птица“ од Александра Јовановиќ се најде на престижната книжевна листа The White Ravens

„Црната птица“ е меѓу 200 најдобри книги за деца во светот.

Наградуваниот роман за деца „Црната птица“ од српската авторка Александра Јовановиќ, кој на македонски јазик е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, се најде на престижната книжевна листа „Вајт рејвенс“ (The White Ravens) за 2021 година. Станува збор за листа со 200 книги за деца и млади од автори од целиот свет, што секоја година ја објавува Интернационалната младинска библиотека од Минхен.

Каталогот годинава содржи книги од 54 земји и 38 јазици. Меѓу нив овој пат нема книга од Македонија. Изборот на годишно ниво го прави голем тим уредници кои од многуте пристигнати книги селектираат 200 најдобри дела на годишно ниво. Досега, во оваа високоценета листа имало само две македонски книги: „Девојче и мече“ од Ване Костуранов во 2019 година и „Бајки од Македонија за цела година“ во 2020 година. Двете книги се во издание на „Арс Ламина“.

Македонската верзија на „Црната птица“, која е со превод на Бисера Бендевска, а уредувана од Оливера Ќорвезироска, беше промовирана на годинашното издание на Саемот на книгата во Скопје. На промоцијата, покрај авторката Јовановиќ, специјален гостин беше и младиот и наградуван српски автор Стефан Тиќми, кој ја претстави својата книга „Јас сум Акико“, која исто така на македонски јазик е во издание на „Арс Ламина“. На саемот тој го најави македонското издание на неговиот нов роман „Капут од мов“, што ќе го објави „Арс Ламина“ и кој исто така се најде на годинашната листа The White Ravens за 2021 година.

Романот „Црната птица“ на Александра Јовановиќ (1996) ја доби и наградата на „Политикин забавник“ – за најдобра книга за деца и млади напишана на српски јазик за 2020 година. Ова е прв роман на најмладата добитничка досега на оваа престижна награда што се доделува од 1979 година, на секој 25 јануари, и претставува вистински книжевен бренд не само во Србија туку и пошироко во регионот. Насловот на романот – „Црната птица“, иако можеби на прв впечаток асоцира на несреќа, во суштината е одлично извлечен од самата приказна, каде што црната птица е еден вид лик, лик во ликот, книжевен „жител“ во песната на таткото на Желба и, сосем спротивно од првиот впечаток, симболизира надеж и истрајност. Верба. Починатиот татко на главниот лик, девојчето Желба, чиешто име е необично и менливо/преводливо од јазик во јазик, е клучниот лик во овој роман… Целта на овој роман е да не нè залажува дека сè ќе биде исто, оти тоа е неможно, туку да покаже дека и најстрашните загуби што се ненадоместливи, можат да бидат премостени. Крајот на романот не е и не може да биде класичен „хепиенд“, зашто загубата на татко никогаш не се надоместува, ниту, пак, се заборава. А сепак е оптимистичен, разумно среќен, зашто болката успева да се премости, со помош на пријателството…

Меѓу 200 најдобри книги за деца и млади во светот се најде и романот „Капут од мов“ од српскиот автор Стефан Тиќми, кој на македонски јазик исто така ќе биде објавен во издание на „Арс Ламина“.

Каталогот „Вајт рејвенс“ се објавува од 1984 година. Вообичаено, тој и избраните наслови се претставуваат на посебен настан на Меѓународниот саем на книгата во Франкфурт, но годинава, како и лани, поради светската пандемија, промоцијата се изведува виртуелно. Каталогот за „Вајт рејвенс“ е најважното издание на Интернационалната библиотека за млади во Минхен, кој се издава со цел да ги промовира најдобрите книги за деца и млади од целиот свет. Се работи за листа на книги што заслужуваат светско внимание поради универзалните теми што ги обработуваат, како и поради нивниот исклучителен уметнички и литературен стил.

Книгата „Црната птица“ е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14699

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.