Мери Арсова: Раѓањето на силниот женски лик на Ева ме инспирира да ја напишам приказната на „Опасна игра“

Уште кога ќе ја погледнете корицата на романот „Опасна игра“ од младата авторка Мери Арсова можете да ја насетите, но не и докрај да ја откриете интригантната игра/приказната во делото. Борбата помеѓу кралот и кралицата, меѓу кои стои еден пион, е само мал вовед во овој трилер, кој е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Книгата беше претставена во рамките на Саемот на книгата 2021, на т.н. „Ноќ на домашни трилери“. Во својот дебитантски роман, Мери Арсова ни носи непредвидлив крими-трилер, маскиран под превезот на една наивна романса, наметнувајќи ги прашањата: Што ако немаме избор? Што ако мораме да го промениме својот живот целосно, за да преживееме? За да ги заштитиме своите најмили? Токму овој роман ќе ни покаже што сè сме подготвени да направиме, кога животот ни задава удари и нè остава да се бориме потполно сами.

Мери Арсова е родена во 1992 година во Скопје. Љубовта кон пишувањето ѝ се развива уште од основното училиште, каде што добила поддршка и поттик од предметната наставничка по македонски јазик и литература. Романот „Опасна игра“ е нејзино прво дело на кое работела две години до финалната верзија. Идејата зад романот ѝ е да создаде силен женски лик што ќе ја води приказната низ сите развојни фази. Таа е страстен читател, а омилен жанр ѝ се криминалистичките трилери и мистериите. По примерот на своите омилени писатели, го создава и нејзиниот роман-првенец, „Опасна игра“.

– Најважната улога во романот ја имаат ликовите и нивните одлуки, па оттука ќе кажам дека животот ни носи многу непредвидливи ситуации и ни задава удари, но од нас зависи како ќе одговориме на нив. Не смееме да се откажеме дури и кога мислиме дека немаме друг избор. Идејата за романот се роди многу одамна, додека студирав на факултет и, искрено, не знам точно кој беше пресудниот момент за да почнам со пишување, но мотивот беше создавање на силен, женски лик кој на некој начин ќе биде поразличен од нас „обичните“ жени – вели Арсова.

Со ова дело таа конкурирала за наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман. Иако не добила награда, ѝ било соопштено дека издавачот „Арс Ламина би сакал да го публикува делото.

– Ми беше огромно задоволство да работам со нивниот тим на професионалци. Книгата е одлична! И подобро од очекуваното – вели таа.

Главните ликови во романот се Давид и Ева. Авторката ги опишува како целосно спротивни карактери.

– Давид е секојдневен, обичен лик, работи досадна работа и има свршеница во која се сомнева дека е вљубен. Нема никаква возбуда во животот, да не речам дека е по малку изгубен. Ева, пак, има цврст карактер, решителна е, постојано презема ризици, за разлика од Давид, кој сака да живее во комфор-зоната. Еден вообичаен мартовски ден, кој по ништо не навестува дека ќе биде пресуден во неговиот живот, случајно се среќава со Ева, неговата средношколска љубов. Таа е одамна преселена во Америка и омажена за богат американски бизнисмен. Оваа средба, што навидум почнува да се развива во тајна љубовна приказна, всушност, е многу опасна игра – открива авторката.

Во приказната речиси сѐ е фикција, освен местата што ни се добро познати во Скопје, како Старата скопска чаршија, кафулињата, улиците и сл.), Чикаго, како и другите локации што се споменуваат во книгата, иако има и неколку што се измислени, на пример барот „Скај.

– Ликовите не се реални, се разбира, иако понекогаш заборавам на тој факт. На темата истражував многу долго време, и пред да почнам со пишување и во текот на творењето. Секој ден учиме по нешто ново. Морав да почнам од почеток. Учев како да направам структура на приказна, како да создадам лик според правилата на пишувањето, па и како да напишам сцена. Постојано ги слушав мастер-класовите на големите писатели, како Ден Браун, Џејмс Патерсон, Маргарет Атвуд и др. Од нив научив многу работи за создавање фикција – вели таа.

Високо образование Мери завршила на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. На истиот факултет се здобила и со титулата магистер по казнено материјално право. На прашањето дали нејзината професија влијаела врз развојот на приказната таа вели:

– Мојата професија немаше голем удел во приказната, но ја „искористив“ во два-три наврати. Сепак, колегите економисти и колегата кој има познавање од оружје ми помогнаа многу онаму каде што имаше потреба од решавање на економските прашања и прашањата поврзани со огнено оружје и како функционира тоа. А зошто токму крими-трилер? На работа постојано имам допир со криминални поведенија и кривични дела, па тоа ми се виде некако блиско со изборот на крими-трилер. Секако, најголемо влијание за да се определам токму за овој жанр имаше секојдневното читање на криминалистички романи. Читам секаков вид литература, но секогаш најдраги ќе ми бидат трилерите. Инаку, сметам дека „Опасна игра“ би била одличен трилер-филм – вели таа.

Неодамна го положила правосудниот испит и со тоа вели дека ја исполнила најважната цел во животот и се надева на адвокатска канцеларија во иднина.

– Интересен факт за мене е тоа дека во слободно време настапувам на свирки низ државата заедно со мојот најдобар другар и тоа е исто така многу забавна професија. Досега немам други публикации. Желбата за пишување книги се појави со раѓањето на ликот на Ева и ете така одеднаш добив желба да напишам нешто, да ја покажам Ева на светот. Книгата требаше да биде само еден тест за мене, да видам дали можам да ја завршам приказната, но многу ми е мило што прерасна во издадено литературно дело. Моментално работам на нешто ново, нема да откријам повеќе детали, затоа што за ова не се известени дури ни моите најблиски (мислам дека ќе дознаат вака). Издавањето ќе почека малку, зашто сум ептен на почетокот. Ме чека долга и се надевам возбудлива работа, па стискајте палци некогаш да биде комплетирана – вели таа на крајот.

Романот веќе е достапен во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку http://www.literatura.mk.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.