Марија Ралповска: „Сенки во подземјето“ е приказна за тенката линија меѓу доброто и злото

Во свет што го движи криминалот, тенка е линијата меѓу доброто и злото. Токму тој дуел е главната тема во новиот крими-трилер на Марија Ралповска, „Сенки во подземјето“, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Книгата беше претставена на т.н. „Ноќ на домашни трилери“ во рамките на Саемот на книгата, заедно со уште три нови романи од домашни автори, со што се збогатува овој книжевен жанр кај нас.

Ралповска (24), која има дипломирано криминалистика на Факултетот за безбедност во Скопје, е млада авторка која има богато писателско искуство зад себе. Во светот на литературата зачекорила на 13 години, објавувајќи го својот прв роман „Фрагарија“. Следуваат „Осумте чувари“ (2013), „Рај во пеколот“ (2015) и најновиот, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, „Сенки во подземјето“. Овој роман претставува плод на спојот помеѓу желбата за авантура и професијата како нејзин животен предизвик.

Приказните на еден банкар, еден криминалец и еден јавниот обвинител се испреплетуваат во овој роман. Тројцата немаат ништо заедничко, освен жената по која се во потрага. Таа е плен, а тие се ловците. Или, можеби, е обратно? Обидувајќи се да ја откријат и да ја фатат, тројцата ќе мораат да играат надвор од рамките на правилата и на законите. Дали целта ги оправдува средствата? Каде е црвената линија што обвинителот нема да ја премине во оваа опасна игра? А ако го стори тоа, ќе успее ли да се врати назад?

– Тенка е линијата меѓу доброто и злото и понекогаш, за да се победи злото, мора да се премине таа линија. Знаеме дека целта ги оправдува средствата, но важно е и она што се ризикува за да се постигне таа цел – вели авторката во интервјуто по повод објавување на романот.

* Кога и како се појави идејата за романот?

– Идејата се роди во 2017 година. Сакав да напишам нешто со посериозна содржина, крими-трилер. Нафрлив неколку клучни реченици околу главната идеја и подоцна, како што пишував, така ја разработував идејата и ги редев сликите во романот. Она што ме мотивираше е вечната борба помеѓу доброто и злото. Таа не е црно-бела, ниту, пак, светот во кој живееме. Со романот сакав да ја доловам сликата на сивата зона, она што е блиску до граничната линија и дека понекогаш мораме да влеземе во сивилото за да се избориме за она што е праведно и добро.

* Како настана соработката со издавачот „Арс Ламина“?

– Минатата година дознав за конкурсот за најдобар необјавен роман што го распиша издавачката куќа „Арс Ламина“ во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски“. Во тој период мојот роман беше завршен, но сè уште се немав договорено со издавач, па така дојде идејата да го пратам ракописот на конкурс. Кога заврши постапката, ме контактираа од „Арс Ламина“ и ме известија дека се заинтересирани да го издадат. Издавањето на романот е поддржано и од Министерството за култура. Во оваа пригода сакам да им се заблагодарам на „Арс Ламина“, презадоволна сум од нашата соработка и од крајниот резултат.

* Станува збор за крими-роман каде што приказните на банкарот, криминалецот и јавниот обвинител се испреплетуваат… Колку во приказната има фантазија, а колку користевте вистински податоци или ликови?

– Приказната е плод на мојата фантазија, но тоа не значи дека настаните во книгата некогаш не се случиле… некаде и некому. Приказната се роди и се оформи во краток период, зашто, во принцип, немам „писателски блокади“. Кога еднаш ќе ја дефинирам главната водилка, лесно се движам според неа и додавам други притоки кон основната идеја. Истражував за романот, пред сè, во врска со локациите на коишто се одвива приказната. Додека пишував, немав замисла дека настаните се случуваат во нашата земја, па затоа одбрав градот да биде Париз. Местата и улиците се вистински и постојат во Франција, во Париз, каде што всушност се одвиваат повеќето настани.

* Имате дипломирано криминалистика на Факултетот за безбедност во Скопје. Колку Вашата професија имаше влијание во создавањето на оваа приказна?

– Кога се запишав на Факултетот за безбедност знаев дека во иднина ќе пишувам и крими-романи. Целото знаење што го стекнав за тие четири години го искористив при пишувањето, внесувајќи се во логиката на криминалците, од една страна, но и во примената на тактичките постапки, од друга страна, што се неопходни за да се разоткријат нивните намери. Оној што сака да биде добар полицаец, добар инспектор, мора да размислува исто како и криминалецот за да може да држи чекор со него.

* Зошто токму трилери, од каде афинитетот за овој жанр? Дали можеби читате таков тип литература?

– Почнав да читам книги од најрана возраст. Тоа беа делата на Андерсен и браќата Грим, а подоцна и авантурите на Хари Потер и Нарнија. Кога пораснав, особено внимание ми привлекоа детективските приказни на Херкул Поаро од Агата Кристи. Тогаш почнав да читам книги од жанровите крими и трилер, а имам и изгледано поголем број криминалистички серии. Книгите што ги читам сега најчесто се од жанровите фантазија и трилер.

* Со неколку зборови, како би ги опишале главните ликови во делото?

– Главните ликови се криминалецот, банкарот, јавниот обвинител и нарко-шефицата. Ќе почнеме со криминалецот, Дачо, кој, всушност, беше и првиот лик што го оформив. Дачо е лукав, интелигентен и снаодлив во секоја ситуација што ќе му ја приреди животот, но и во светот на криминалот. Мики е банкар, семеен човек, кој живее мирен и тивок живот и сосема неочекувано се заплеткува во мрежата на криминални настани. Тони, јавниот обвинител, го има посветено целиот живот на кариерата, со една цел: да ги стави криминалците зад решетки. Секогаш играл според правилата и законот, но за да го фати новиот противник, веројатно, ќе треба да ги заобиколи. Снежана е мистериозен лик и засега ќе ја оставиме така, нека ја открива читателот.

* Дали „Сенки во подземјето“ може да биде инспирација за некој филм или серија?

– Дефинитивно ја гледам приказната за „Сенките…“ како филм или мини-серија и би сакала тоа да се оствари еден ден.

* Кажете ни малку повеќе за себе, кои се најзначајните моменти од вашата биографија?

– Имам 24 години и живеам во Скопје, моментално сум вработена на Меѓународниот аеродром – Скопје. Како најзначајни моменти од мојата биографија би го споменала издавањето на моите три книги од жанрот фантазија, од кои првата ја напишав кога имав 13 години. Би ја споменала и плакетата за најдобар есеј што ја доделува Друштвото на писателите на Македонија, во 2018 година, за есејот „Под липата“.

* Од кога и како се појави желбата за пишување книги?

– Како што реков и претходно, читам книги од мала и како на секое дете, така и мене фантазијата ми работеше со полна пареа. Она што беше пресудно за да почнам да пишувам е што не дозволив да згасне таа фантазија. Се сеќавам на еден конкурс од едно детско списание за приказна за самовили. Одлучив да напишам приказна и тоа беше почетокот на моето пишување. Секако, сакам да им се заблагодарам и на родителите затоа што ја поддржаа мојата детска желба да издадам книга. Досега имам три објавени романи „Фрагарија“, „Фрагарија и осумте чувари“ и „Рај во пеколот“. Тука е и бајката за деца „Самовилата од Виленија“ како своевиден мини-роман што деновиве излезе од печат. „Сенки во подземјето“ е мојата петта книга. Планирам да продолжам со пишување и ќе ви откријам дека наскоро се подготвува и нешто ново.

Романот веќе е достапен во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку http://www.literatura.mk.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.