Дејан Тиаго Станковиќ: „Замалек“ е приказна за тешкиот живот на жените во Каиро

Разговорите со харизматичниот српски автор, кој живее на релација Белград-Лисабон, Дејан Тиаго Станковиќ, се долги, но интересни, богати со анегдоти, несекојдневни случки и инспиративни личности, како што се впрочем и неговите пишани дела. Неговиот најнов роман „Замалек“, кој е годинашниот добитник на Европската награда за книжевност, деновиве беше промовиран во рамките на Саемот на книгата 2021. Книгата на македонски јазик е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, а е со превод на Илина Јакимовска.

Авторот Дејан Тиаго Станковиќ е роден во Белград во 1965 година, каде што живеел до дипломирањето на Факултетот по архитектура, со која потоа никогаш не се занимавал… Живее на релација Србија-Португалија. Во одреден дел од животот престојувал во Каиро, каде што ја нашол инспирацијата за романот „Замалек“. Имено, називот е според елитна населба во срцето на Каиро, на островот среде Нил. Таму со децении постоела антикварница преполна со најразновидно богатство како пештерата на Али-баба.

Еден од главните ликови во делото, Арна, е инспириран од реална жена, која Тиаго Станковиќ ја запознал во Каиро, а која му раскажала многу приказни, што се нашле во романот.

Во романот „Замалек“ оваа антикварница, најпозната во тој дел на светот, ја воделе Коста, познат египтолог, и неговата поќерка Арна, сè додека к’сметот, поради некои мистериозни гревови на Коста, не решил поинаку. Оваа приказна, во која се мешаат овоземскиот и задгробниот живот, не можела да се случи на никое друго место, освен во Каиро, па тој пустински мегалополис, неговата тивка махала Замалек, луѓето, обичаите и жештината на градот се еднакви важни јунаци во романот исто како и антикварот Коста и раскажувачката Арна, прашината што постојано паѓа и Нил, кој тече како животот.

– Книгата ќе им се допадне на тие што го сакаат Каиро или што биле таму. Каиро е феноменален и многу поразличен од нашите држави. Кога првпат ќе појдете ќе се одушевите од неговата магија и егзотичност. Но, колку подолго ќе престојувате, толку повеќе ќе се запознаете со тамошната култура, луѓето и начинот на живеење и ќе ги согледате и недостатоците. Во Каиро имав повеќемесечни престои во текот на четири години, па она што го доживеав таму и приказните што ги чув ги раскажав во романот. Романот го почнав како патопис, а ликовите и дејството почна да се развиваат дури кога почнав да ги запознавам жените кои живеат во Каиро. Навистина е тешко да си жена таму, без разлика дали се трајни жители или, пак, привремени иселеници. Тие се на постојана мета на дофрлувања и ограничувања. Развив емпатија кон жените таму и на крајот всушност ова излезе една приказна за жените – рече авторот.

Писателскиот занает го научил од најдобрите, преведувајќи книжевни дела. Со текот на годините објавил преводи од португалски на српски и од српски на португалски.

– По завршувањето на школувањето, од љубопитност и желба да го запознам светот, се преселив во странство, каде што немав намера да останам долго, но се случи околностите да бидат поинакви. До 1995 година живеев во Лондон, од каде што, наместо да се вратам дома во Белград, се преселив во Португалија. Живеам во Лисабон, добив нивно државјанство и ме гледаат како свој. Писателскиот занает го научив од најдобрите, преведувајќи книжевни дела. Со текот на годините објавив не баш голем број преводи, но само на најзначајните писатели, како од португалски на српски, така и од српски на португалски. Бев пионер во таа работа, па можев да избирам. Особено сум горд на преводите на Сарамаго, Иво Андриќ и Драгослав Михајловиќ. Со објавување на сопствени дела почнав доцна во животот, дури во своите четириесетти, кога бев сигурен дека имам што да кажам. Ја објавив книгата раскази „Од каде што бев, веќе не сум“ и романот „Есторил“, кој е преведен на големите светски јазици и награден во Србија и во Велика Британија, а во Португалија, на што сум многу горд, стана училишна лектира. „Замалек“, мојот втор роман, плод е на моите повеќемесечни престои во Каиро во текот на четири години, на она што го доживеав таму и приказните што ги чув таму – истакнува авторот.

„Замалек“, неговиот трет роман, неодамна ја доби Европската награда за книжевност, но книгата досега немала физичка промоција.

– Ова е прва ваква промоција на книгата и драго ми е што е во Скопје, каде што имам доаѓано како дете, бидејќи оттука потекнува едната моја баба. Сите мои книги се објавени и на македонски, а преводот на сите три го направи Илина Јакимовска, која ја гледав на еден „Тед ток“ и помислив дека е многу смешна… Ја контактирав велејќи ѝ – многу си ми духовита… така станавме долгогодишни соработници и пријатели. Таа во многу нешта ме дополнува и ме коригира. Па, можам слободно да кажам дека со преводот таа го поправи мојот роман подобар – рече Тиаго Станковиќ.

Романот е достапен во сите книжарници на „Литература.мк“, онлајн преку www.literatura.mk, како и на штандот на „Арс Ламина“ и „Литература.мк“ за време на Саемот на книгата 2021.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.