
Во недела (12 септември), на штандот на „Арс Ламина“, во рамките на Саемот на книгата 2021, ќе се одржат работилници за деца и родители. Во 11 часот е закажана работилницата инспирирана од четирите психолошки прирачници за деца од авторката и психолог Христина Стефановска. Со почеток во 12 часот, ќе се одржи работилница за најмладите инспирирана од интерактивната книга „Мистериозниот град под калето“ од Александра Тодоровиќ.
Интерактивните психолошки прирачници за деца и возрасни „Кога Мешко се лути“, „Кога Ушко се плаши“, „Кога Сончка е среќна“ и „Кога Летко е тажен“ се во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, а се дел од едицијата „Железница на чувствата“. Книгите се илустрирани од познатиот илустратор Здравко Гиров.
Целта на овие книгие да им помогнат на децата да ги препознаат четирите доминантни емоции кај себе и кај другите, да научат да се справуваат со нив и да ги канализираат на креативен начин.
Низ лесни, едукативни и интерактивни приказни и активности, Стефановска ги насочува децата да се посветат на своите емоции и да работат на нивното прифаќање и трансформирање во нешто позитивно и корисно. Преку однесувањето и манифестирањето на емоциите на четирите лика – лутото еже Мешко, плашливото зајаче Ушко, тажното славејче Летко и среќната срничка Сончка, и преку придружните активности по секоја приказна, децата ќе научат да ги препознаваат и да ги разликуваат емоциите кај себе и кај другите луѓе, ќе стекнат увид во причинителите на емоциите, ќе откријат конструктивни начини за справување со емоциите и ќе создадат навика за корисно структурирање на слободното време.
По секоја приказна во нив следуваат низа вежби, задачи и игри поврзани со емоцијата што го поттикнуваат детето на активност и ги јакнат неговите капацитети за себегрижа, себеразбирање и себељубов. Во прирачниците постојат и вежби што имаат намена да ја зацврстат сликата за себе кај детето и да предизвикаат подобра автоперцепција. Емоционалното описменување на децата е императив и е од исклучителна важност за градење на здрав и психолошки зрел менталитет.

Делото „Мистериозниот град под калето“, кое е илустрирано од Марко Јанев, е посветено на Скопје во периодот под османлиска власт. Книгата е во издание на „Либи“, импринт на „Арс Ламина – публикации“. Станува збор за роман-авантура, базиран на концептот прашање и одговор, каде што самиот читател го одредува текот на настаните и дејството, преку избор на страницата што ќе се сврти. По првпат на нашиот пазар, ваквата иновативност е директно поврзана со податоците за градот и аспектите од неговото културно наследство: спомениците, настаните, начинот на облекување, храната, јазикот и друго. „Мистериозниот град под калето“ е првата книга од серијалот книги за деца „Скопје од А до Ш“.
Книгата, замислена како интерактивна прескокалка со читателот како главен јунак, вешто и ненаметливо ни ги открива фактите за Скопје од османлискиот период. Заплетите и загатките што се случуваат низ книгата ја даваат динамиката за развојот на дејството на приказната, водејќи го главниот јунак (читателот) да продолжи да открива и разоткрива, да спознава и сознава. Извонредните илустрации и мноштвото од факти што се поставени ненаметливо, одлично ја надополнуваат сликата за богатството на оваа книга. Ова е извонреден начин како на новите генерации да им се доближи еден начин на живот и една традиција што постоела во овој град.
Книгите се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“, онлајн преку www.literatura.mk, како и на штандот на „Арс Ламина“ и „Литература.мк“ за време на Саемот на книгата 2021.
Каталозите со сите нови изданија и попусти можете да ги погледнете на линковите подолу.
Каталог со книги за возрасни 👉 https://bit.ly/38GEt9s
Каталог со книги за деца 👉 https://bit.ly/3tl7eSk
Се читаме на саем!