Романот „Деса“ од Ивана Трајаноска е филигрански изработена приказна за несреќниот живот на една жена

Новиот роман на универзитетската професорка, книжевна истражувачка и критичарка Ивана Трајаноска, „Деса“, беше претставен во рамките на Саемот на книгата 2021.  Книгата, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, беше дел од најтесниот избор за наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман за 2020 година.

– Романот „Деса“ беше штотуку завршен кога излезе конкурсот на „Пегаз“ и сметав дека е одлична можност да стигне до читателите. Всушност, најпрвин се пријавив на конкурсот од 2019 година. Тогаш романот не влезе во потесниот избор, но не се обесхрабрив. Го доработив и повторно го пратив на конкурсот за најдобар необјавен роман за 2020 година, кога влезе во потесниот избор во конкуренција од 61 ракопис. Кога прочитав дека е помеѓу четирите ракописи во потесен избор бев навистина среќна, особено што тоа значеше негово објавување. Во оваа пригода сакам да им се заблагодарам на организаторите „Арс Ламина“ и Фондацијата „Славко Јаневски“ и на жири-комисијата. Сметам дека овој конкурс е од големо значење за македонската книжевност и авторите. Поттик и поддршка се неопходни и овој конкурс го овозможува тоа – вели Трајаноска.

Романот „Деса“ е филигрански изработена приказна за несреќниот живот на една жена, за миграцијата и судирот на вредностите од мало место во големо, за погрешните животни избори и за тагата за непроживеаното.

– Во „Деса“ се зборува за неколку семејни приказни раскажани на еден синтетизиран, стегнат начин. Се обидов умерено да експериментирам со романот како литературен вид. Романот е краток, но јас сепак не би го карактеризирала како новела. Приказната е кондензирана и предадена преку наративни техники карактеристични за усната литература, музички техники, но и „тек на свеста“ и кратки внатрешни монолози. Со романот „Деса“ јас не испраќам прецизно насочена или конкретна порака. Верувам дека книжевноста поттикнува размислување, (себе)испитување, набљудување и поставување прашања. Се надевам „Деса“ ќе го стори тоа… Деса е жена. Деса е сопруга, мајка, наставничка по музичко во едно патријархално семејство и општество. Во романот е опфатен еден ден од животот на Деса, во осумдесеттите години од минатиот век, но откриваме испреплетени приказни за повеќе членови од неколку поврзани семејства од почетокот до крајот на дваесеттиот век во Македонија. Но, Деса е конципирана и како архетип на жена која е истовремено жртва и своевиден херој на патријархатот – вели авторката.

Денеска (петок, 10 септември), во 19 часот, на главната бина ќе бидат претставени двата романи-добитници на престижната наградата на „Политикин забавник“ за најдобра книга за деца и млади во Србија: „Црната птица“ од Александра Јовановиќ и „Јас сум Акико“ од Стефан Тиќми. Разговорот ќе го води писателката и уредничка во „Арс Ламина“, Оливера Ќорвезироска.  За време на својот престој во Скопје, Јовановиќ и Тиќми одржаа предавања за студентите од Факултетот за драмски уметности и за учениците од ООУ „Кузман Јосифовски-Питу“.

На 11 септември (сабота), во 19 часот, на главната бина ќе биде претставена книгата „Замалек“ од Дејан Тиаго Станковиќ. Разговорот со авторот ќе го води уредничката Татјана Димовска-Атанасова од „Арс Ламина“, а ќе гостува и Илина Јакимовска, која беше задолжена за преводот на книгата.

Во недела (12 септември), во 11 часот ќе се одржи и работилници за деца и родители инспирирана од четирите психолошки прирачници за деца од авторката и психолог Христина Стефановска, „Кога Мешко се лути“, „Кога Ушко се плаши“, „Кога Сончка е среќна“ и „Кога Летко е тажен“. Во 12 часот ќе се одржи работилница поттикната од интерактивната книга за деца „Мистериозниот град под калето“ од Александра Тодоровиќ. Вечерта, во 19 часот, на главната бина, „Арс Ламина“ ќе организира „Вечер на трилери“, на која ќе бидат промовирани новите македонски романи: „Храмот на натписите“ од Петар Стојановски, „Сенки во подземјето“ од Марија Ралповска, „Опасна игра“ од Мери Арсова и „Афера во музејот на пари“ од Сашо Кузмановски. На 13 септември, во 19 часот, на штандот на „Арс Ламина“ ќе биде претставена книгата „Животниот пат на иноваторот“ од Јоти Поповски.

Покрај промоциите, на штандот на „Арс Ламина“, во периодот меѓу 11 и 13 часот ќе се одржат повеќе средби и потпишување книги со авторите: Владимир Плавевски, Васко Тодоров (Тошо Малерот), Јана Мишо, Јагода Глигоровска и други.

На годинашниот саем, „Арс Ламина“ традиционално нуди повеќе од 300 нови наслови, промоции на над десет книги од домашни автори, но и од гости од регионот, како и работилници за најмладите и средби со авторите. На заедничкиот штанд со книжарниците „Литература.мк“ има специјални саемски попусти до 80 отсто, како и подароци за секоја реализирана сметка. Попустите важат и за онлајн-нарачките преку www.literatura.mk, за времетраење на саемот.

Каталозите со сите нови изданија и попусти можете да ги погледнете на линковите подолу.

Каталог со книги за возрасни 👉 https://bit.ly/38GEt9s

Каталог со книги за деца 👉 https://bit.ly/3tl7eSk

Се читаме на саем!

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.