Ивана Трајаноска: Деса е архетип на жената жртва, но и херој на патријархатот

Деса e жена-сон, тивка, приспособлива, непокорна, но свитлива, скротувачка на своите внатрешни ветрови и сили. Како довеано бело, лесно облаче среде модрите стратуси. Егзотична птица залутана во туѓо небо. Големите соништа ги носи од Кратово во Скопје, каде што треба да се остварат. Но, новата средина значи и поголем избор. Поголемиот избор значи и поголеми шанси за грешни одлуки… Деса е главната протагонистка во истоимениот најнов ракопис на младата авторка Ивана Трајаноска. Taa ни носи филигрански изработена приказна за несреќниот живот на една жена, за миграцијата и судирот на вредностите од мало место во големо, за погрешните животни избори и за тагата за непроживеаното.

Романот „Деса“, кој е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, беше претставена на Саемот на книгата 2021. По тој повод разговаравме со авторката.

Ивана Трајаноска е универзитетска професорка, книжевна истражувачка и критичарка, преведувачка и писателка. Родена е во Скопје во 1981 година. Додипломските студии по англиски јазик и книжевност со француски јазик и книжевност ги завршува на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Постдипломските и докторските студии ги завршува на Универзитетот „Пол Валери-Монпелје 3“, во Франција, во областа на англистиката. Докторира во 2014 година на тема „Улогата на музиката во романот ’Аџилак‘ на Дороти Ричардсон“ со највисоки почести. Речиси дваесет години работи како професор по англиски и француски јазик. Од 2008 година предава англиска книжевност, академско пишување и интеркултурна комуникација на Универзитетот „Американ колеџ“ – Скопје. Во 2008 година го објавува својот прв роман „Разгледници“ во издание на „Арт и Арт“. Објавува и кратка проза во македонски литературни списанија. Има објавено повеќе стручни и научни трудови на македонски, француски и англиски јазик во меѓународни списанија и зборници на теми од книжевноста, особено интердисциплинарноста и интермедијалноста во англиската книжевност од почетокот на дваесеттиот век и наставата по англиски јазик. Одржала повеќе гостински предавања на универзитети во странство како Новиот бугарски универзитет (Бугарија), Државниот колеџ во Кросно (Полска), Уралскиот државен педагошки универзитет (Русија), Универзитетот во Келн (Германија) и други. Член е на повеќе здруженија меѓу кои и Меѓународната асоцијација за реч и музика. Во 2017 година е објавен нејзиниот прв книжевен превод од француски на македонски јазик на романот „Јастребот од Мае“на францускиот писател и добитник на наградата „Гонкур“, Жан Кариер.

* Романот „Деса“ беше дел од најтесниот избор за наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман за 2020 година. Зошто се одлучивте да конкурирате за оваа награда и какви Ви беа очекувањата при пријавувањето?

– Романот „Деса“ беше штотуку завршен кога излезе конкурсот на „Пегаз“ и сметав дека е одлична можност да стигне до читателите. Всушност, најпрвин конкурирав на конкурсот од 2019 година. Тогаш романот не влезе во потесниот избор, но не се обесхрабрив. Го доработив и повторно го пратив на конкурсот за најдобар необјавен роман за 2020 година, кога влезе во потесниот избор во конкуренција од 61 ракопис. Кога прочитав дека е помеѓу четирите ракописи во потесен избор бев навистина среќна особено што тоа значеше негово објавување. Во оваа пригода сакам да им се заблагодарам на организаторите „Арс Ламина“ и Фондацијата „Славко Јаневски“ и на жири-комисијата. Сметам дека овој конкурс е од големо значење за македонската книжевност и авторите. Поттик и поддршка се неопходни и овој конкурс го овозможува тоа.

* Што Ве инспирира да ја напишете приказната за Деса?

–– Идејата за романот се роди многу одамна. Мојот прв роман „Разгледници“ излезе во декември 2008 година. Штом го завршив, идејата почна да се оформува. Професионалните и семејните обврски не дозволија да го почнам и да го завршам кога посакував, но приказната за „Деса“ во најразлични форми и облици живееше во мене цели десет години и се радувам што сега е конечно објавена.

* Кога и колку време се создаваше приказната на „Деса“? Како течеше соработката со издавачот и колку сте задоволна од финалниот производ?

– „Деса“ е краток роман. Почнав да го пишувам во 2018 година. Летото интензивно работев на него и го завршив. Но, како што споменав погоре, приказната и структурата на романот се оформуваше подолго време. Едноставно, требаше да дојде тој момент да седнам и да почнам да пишувам. Си реков дека не смеам веќе да одолжувам. Како да се исплашив дека приказната за „Деса“ ќе почне да бледнее и на крајот ќе ме напушти засекогаш. Се исплашив дека едно утро ќе се разбудам и веќе нема да се сеќавам што сум сакала да раскажам, други приказни ќе ја потиснат и ќе остане само нејасно сеќавање на некоја идеја што можеби била добра. Решив дека тоа нема да го дозволам. И за среќа, тоа не се случи. Романот е подготвен да се најде во рацете на читателите, а приказната за „Деса“ е остварена идеја. Што се однесува до соработката со издавачот, со задоволство би кажала дека беше беспрекорна. Ми беше чест и задоволство да соработувам со професионалци кои одговорно и стручно си ја вршат работата. Финалниот производ го отсликува тоа.

* За што раскажува книгата и која е главната порака?

– Во романот „Деса“ се зборува за неколку семејни приказни раскажани на еден синтетизиран, стегнат начин. Се обидов умерено да експериментирам со романот како литературен вид. Романот е краток, но јас сепак не би го карактеризирала како новела. Приказната е кондензирана и предадена преку наративни техники карактеристични за усната литература, музички техники, но и „тек на свеста“ и кратки внатрешни монолози. Со романот „Деса“ јас не испраќам прецизно насочена или конкретна порака. Верувам дека книжевноста поттикнува размислување, (себе)испитување, набљудување и поставување прашања. Се надевам „Деса“ ќе го стори тоа.

* Која е Деса? Каде ја сместувате физички и временски и дали книгата има автобиографски или вистинити моменти/ликови?

– Деса е жена. Деса е сопруга, мајка, наставничка по музичко во едно патријархално семејство и општество. Во романот е опфатен еден ден од животот на Деса, во осумдесеттите години од минатиот век, но откриваме испреплетени приказни за повеќе членови од неколку поврзани семејства од почетокот до крајот на дваесеттиот век во Македонија. Но, Деса е конципирана и како архетип на жена која е истовремено жртва и своевиден херој на патријархатот. Романот нема автобиографски карактер, ниту, пак, има вистинити ликови. Сепак, доколку се обидам да го сместам романот во некој жанр, тоа би било веројатно автофикција. За моето мало творештво генерално инспирација црпам од нешта, настани и личности со кои сум длабоко емотивно поврзана. Па, така, со помош на имагинација и некои други креативни сили, сето она што го доживувам го анализирам, па го разложувам, разглобувам, распарчувам и потоа повторно го составувам. Оние што лично ме познаваат можеби ќе препознаат некое делче, но всушност јас сум создала нова, друга приказна.

* Од кога и како Ви се разви интересот за пишување книги?

– Интересот за пишување се роди и се развиваше од многу рана возраст. Најпрвин почна како интерес за слушање приказни за што неизмерно им благодарам на моите покојни баба и дедо, и на мојата мајка. Приказните за Итар Пејо на баба ми, партизанските приказни на дедо ми и бајките што ни ги раскажуваше мајка ми направија да ја засакам книжевноста, го одредија мојот животен пат и професионален повик, но и му дадоа смисла на животот. Човекот е приказна и тој/таа живее преку и со приказните, и тоа можеби тривијално сознание го направи пишувањето неизбежност за мене. Во основно училиште бев дел од литературната секција, учествував на литературни конкурси, добивав и по некоја награда, а секогаш бев охрабрувана од прекрасната професорката по македонски јазик Васка Меловска. Секој роденден, покрај „основниот“ подарок, мојата мајка мене и на мојата сестра ни подаруваше и книга. Понекогаш книгите беа за поголема возраст, но тоа само ме поттикнуваше да размислувам дури и кога сосема не ги разбирав. Се сеќавам кога ја добив „Дневникот на Ана Франк“, збирка поезија од Жак Превер, „Сирано де Бержерак“, „Смрт во Венеција“… Во средно училиште пишував поезија, а по завршување на Филолошкиот факултет во Скопје, пишувањето, поточно академското пишување, стана дел од мојата професија. Како филолог, ја истражувам книжевноста и објавувам научни трудови. Во однос на креативното пишување, беше и сè уште е предизвик да се одвои време, сепак не се откажав. Првиот роман „Разгледници“ излезе во 2008 година. Имам објавено и неколку кратки прози на македонски јазик во наши литературни списанија од кои би ги издвоила последните две „Брод кој не плови“ и „Скопје се сеќава“ објавени во „Стремеж“, како и трите кратки прози „Тавче-гравче“, „Реванија“ и „Полнети пиперки“ на англиски јазик објавени во зборникот на приказни и јадења од целиот свет на Универзитетот во Источна Каролина, САД.

* Кои автори и дела имаат извршено влијание на Вас?

– Во фокусот на мојот истражувачки интерес веќе 16 години е англиската или, подобро речено, британската книжевност од почетокот на дваесеттиот век. Влијанието на Дороти Ричардсон, Вирџинија Вулф и Џејмс Џојс е несомнено и очигледно. Тука би го вброила и Марсел Пруст. Нивниот порив да го променат „традиционалниот“ роман ме воодушевувал и сè уште ме инспирира. Сепак, кога читам без намера да проучувам или да пишувам научен труд за тоа дело, ме маѓепсува едноставна, умерена, можеби до одредена мера и меланхолична брилијантност што сум ја почувствувала кај Емили Бронте, Томас Харди, Маргарет Дирас, Хенри Милер, Милан Кундера, Магда Сабо, Ката Мисиркова-Руменова, Лидија Димковска…

* Со што се занимавате покрај пишувањето?

– Покрај пишувањето, предавам. Јас сум професорка по англиска книжевност, академско пишување и интеркултурна комуникација. Активно работам и на унапредување на културниот живот на студентите и на р– Покрај пишувањето, предавам. Јас сум професорка по англиска книжевност, академско пишување и интеркултурна комуникација. Активно работам и на унапредување на културниот живот на студентите и на развивање вештини за интердисциплинарни и интеркултуролошки истражувања и комуникација кај нив преку неколку проекти и воннаставни активности. Исто така, најголемиот дел од времето му го посветувам на моето семејство.

Романот „Деса“ е достапен во сите книжарници на „Литература.мк“, онлајн преку www.literatura.mk, како и на штандот на „Арс Ламина“ и „Литература.мк“ за време на Саемот на книгата 2021.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.