„Веќе не сум истиот“ е приказна за сите нас…

Ова е приказна за себеспознавањето и за себеотуѓувањето. За тоа колку лесно или тешко се самозапознаваме и за тоа колку лесно или, пак, тешко се самоотуѓуваме и со колкава леснотија го прифаќаме сето тоа свесни или несвесни што нè чека таму зад аголот, што со години и години мечтаеме да го откриеме, а сепак тешко собираме храброст за тоа.

Ова е приказна за тоа да се открие кој сум вистинскиот јас навистина, притоа допишувајќи се со писма со еден непознат пријател, што го сретнуваш сосема случајно во некој воз некаде на патот на кој не сакаш да патуваш, но мораш. Ова е приказна за таинствената скриена помош кога е најнеопходна при создавање на едно литературно дело, чијшто зародиш е во една од собите на клиничкиот центар.

Ова е приказна за бегството од себеси или, пак, новото откривање за нас, кои можеме да бидеме и колку можеме да се носиме со новиот предизвик наречен продолжување на она што некогаш сме биле, продолжување што не е исто, а кое на патот во животот го носиме во истото тело во кое мораме да живееме, од кое не можеме да избегаме и тогаш кога веќе сме одлучиле да завртиме зад оној мистичен агол. Тоа ново пространство во исто време и нè радува, а воедно и стравуваме од него. Зошто стравувавме, тоа никој никогаш не си го одговорил, верувајќи дека секогаш можеме да се вратиме назад таму каде што мислиме дека ни е удобно.

Ова е приказна за љубовта, за посветеноста, за давањето еден на друг и тука не мислам само на љубовта помеѓу двајца партнери, туку повеќе мислам на љубовта кон сè што нè опкружува и сè она што го живееме, се разбира, не е исклучена и љубовта помеѓу двајца партнери. Оваа приказна раскажува и си постави цел да раскаже за „случајностите“ кои можат секому да му се случат секаде и во кој било момент од животот и тоа најнеочекувано. Дали е тоа кармички – некои ќе речат да, некои, пак, ќе речат не, зависи кој во што верува.

Ова е приказна за тоа колку често и искрено се гледаме себеси во огледало без разлика дали сме целосно голи пред него или гледаме само онака, паушално, гледаме во нашето лице сосема кратко, во нашите дланки или, пак, во некои други детали од нашето тело, кои со време ги препознаваме како поинакви одошто некогаш биле. Дали тоа нè вознемирува или нè прави уште посилни е одговор што оставам секој индивидуално да си го одговори, како што тоа си го одговараат персонажите во овој роман што раскажува за поделеноста кај една личност. Некој за тоа е свесен, некој за тоа е помалку свесен, а сепак ја потхранува таа поделеност кај себе, сакал или нејќел, и тука не мислам на биполарноста, тука мислам на она во што можеме да се претвориме или на она во што може да нè претвори животот и никој, ама буквално никој не е изземен од тој чин. Сите ние живееме по неколку ликови во текот на едно деноноќие. Различни сме наутро, различни сме попладне, различни сме навечер.

Крадеме или зајмуваме или, пак, среќата нè носи таму каде што треба да се најдеме на вистинското место и да го пронајдеме она што ни е најнеопходно во тој момент, не е наше, а сепак станува наше и сето тоа е зад оној агол што мистично со години го демнеме дали да појдеме зад него или не?

Ова е приказна за уличната уметност, за пантомимата, за уличните живи статуи, за кловновите, за голтачите на оган, за жонглерите, воопшто за циркусот, оној циркус што се игра на улица, оној патувачкиот циркус, што е поврзан со безброј фестивали за улична уметност насекаде низ светот. Ќе ме прашате дали сум уморен од сето ова, категорично ќе одговорам да, но не се откажувам! Ова е приказна што раскажува и за театарската уметност, литературната, музичката, ликовната… приказна за патувањето, за истоштеноста, за доаѓањето преку глава од работите од кои мислиме дека сме се презаситиле од горенаброените нешта, а сепак упорно се враќаме кон нив, како едноставно да не можеме да се откажеме, веројатно трагајќи по подобар уметнички израз, се враќаме во старото тело со новото „јас“ или како што е насловен овој ракопис, а тоа го изговара еден од главните протагонисти, Федор Фрелих: Веќе не сум истиот. Некаде по пат се загубив себеси. Не знам каде и не знам кога точно се случи тоа. Претпоставувам дека сум останат засекогаш во некоја од оние биртии во кои си ја губев главата бесцелно дремејќи до ситните часови во ноќта. Тоа што го забележувам кај себе оваа последна година е тоа што веќе не се барам себеси, односно веќе не го барам стариот јас, тој што го загубив некаде доаѓајќи наваму.

Ова е приказна за случајноста доколку воопшто постои зборот случајност. Ова е една обична приказна со необични настани во неа, во која секому може да му се случи сè, а сè што треба е внимателно да ја забележи. Ова може да биде и филмска и театарска приказна што еден ден можеби и ќе биде екранизирана или ќе биде поставена на некоја од театарските сцени, некогаш некаде…

Автор на текстот: Војо Цветановски

Романот „Веќе не сум истиот“ од Војо Цветановски е достапен во сите книжарници на „Литература.мк“, онлајн преку www.literatura.mk, како и на штандот на „Арс Ламина“ и „Литература.мк“ за време на Саемот на книгата 2021.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.