Издавачката куќа „Арс Ламина“ и книжарниците „Литература.мк“ со промоции, попусти до 80 отсто и подароци на Саем на книгата 2021

Под слоганот „Овде книгата греит душата“, како паралела на познатиот стих од антологиската „Т’га за југ“ од Константин Миладинов, издавачката куќа „Арс Ламина“ ќе се претстави на претстојниот Саем на книгата, кој ќе се одржи од 8 до 14 септември, во близина на Аква паркот, кај „А1 Арена“ – СЦ „Борис Трајковски“ – Скопје. На заедничкиот штанд со книжарниците „Литература.мк“ ќе има специјални саемски попусти до 80 отсто, како и подароци за секоја реализирана сметка. Попустите ќе важат и за онлајн-нарачките преку www.literatura.mk, за времетраење на саемот.

„Арс Ламина – публикации“ со своите импринти („Арс Ламина“, „Арс Либрис“, „Либи“, „Попули“ и „Скрипти“) традиционално ќе понуди повеќе од 300 нови наслови, промоции на 12 книги од домашни автори, но и од гости од регионот, како и работилници за најмладите и средби со авторите.

На првиот саемски ден (8 септември) ќе се одржат промоциите на „Веќе не сум истиот“ од Војо Цветановски (18 часот, главна бина) и на „Кинески мозаик“ од проф. Виктор Урумов (19 ч., штанд на „Арс Ламина“). Следниот ден во 18 часот на штандот на издавачката куќа ќе биде претставена новата книга за сите родители, „Разбуди го родителот во себе: како родителството да стане уживање“ од Соња Китановска-Кимовска, а еден час подоцна на главната саемска бина ќе се одржи промоцијата на романот „Деса“ од Ивана Трајаноска. На 10 септември (петок) на главната бина се закажани промоциите на книгите за деца од српските автори: „Црната птица“ од Александра Јовановиќ и „Јас сум Акико“ од Стефан Тиќми. Следниот ден, во истиот термин, е претставувањето на третиот автор-гостин од Србија/Португалија, Дејан Тиаго Станковиќ, кој ќе ја промовира македонската верзија на „Замалек“.

Во недела (12 септември), преку ден ќе се одржат и работилници за деца и родители инспирирани од четирите психолошки прирачници за деца од авторката и психолог Христина Стефановска, „Кога Мешко се лути“, „Кога Ушко се плаши“, „Кога Сончка е среќна“ и „Кога Летко е тажен“, кои се дел од едицијата „Железница на чувствата“ (во 11 часот), како и од интерактивната книга „Мистериозниот град под калето“ од Александра Тодоровиќ (почеток 12 часот). Вечерта, во 19 часот, на главната бина, „Арс Ламина“ ќе организира „Вечер на трилери“, на која ќе бидат промовирани новите македонски романи: „Храмот на натписите“ од Петар Стојановски, „Сенки во подземјето“ од Марија Ралповска, „Опасна игра“ од Мери Арсова и „Афера во музејот на пари“ од Сашо Кузмановски.

На 13 септември, во 19 часот, на штандот на „Арс Ламина“ ќе биде претставена книгата „Животниот пат на иноваторот“ од Јоти Поповски.

Покрај промоциите, на штандот на „Арс Ламина“, во периодот меѓу 11 и 13 часот ќе се одржат повеќе средби и потпишување книги со авторите: Владимир Плавевски, Васко Тодоров (Тошо Малерот), Јана Мишо, Јагода Глигоровска и други.

Издавачката куќа „Арс Ламина“ и книжарниците „Литература.мк“ ќе се претстават согласно мерките за заштита на здравјето на посетителите и учесниците на Саемот на книгата. Очекуваме уште едно успешно издание и претставување, со оглед на тоа што на нашите посетители ќе им понудиме: одличен избор на нови изданија, интересни промоции и големи попусти.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.