Ана Ѓокиќ и Ване Костуранов: „Мирко Немирко“ е приказна што ќе ги освои децата, но и возрасните

Со онлајн-разговор со авторката Ана Ѓокиќ и илустраторот Ване Костуранов, вчеравечер (26 август) беше промовирана новата сликовница „Мирко Немирко“. Македонската верзија на книгата е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Преводот на делото, кое во оригиналот (на хрватски јазик) е со наслов Staško Nestaško, е на Бранка Бугариска.

„Мирко Немирко“ е приказна за еден мал, палав дете-облак. Мирко, како и сите деца, постојано сака да си игра. Патува по небото во потрага по забава. Сакајќи да се шегува со луѓето, наидува на нивното негодување што го збунува. Со дождовните капки со кои се обидува да ги развесели и да ги насмее луѓето, всушност ги брка од себе и ги затвора во домовите. Се обидува еднаш, уште еднаш,.. и потоа, тажен, исчезнува. Зад себе остава еден збор што продолжува да патува низ светот, без престан. Тоа е зборот Немирко, симпатичниот прекар на палавото облаче Мирко.

Во онлајн-разговорот, кој го водеше уредничката на изданието Оливера Ќорвезироска, Ѓокиќ и Костуранов открија како настанала нивната соработка, како го создале светот на Мирко Немирко, а зборуваа и за предизвиците при изработка на книгите за деца.

Ана Ѓокиќ е наградувана писателка, книжевна критичарка и драматург, позната и објавувана во регионот. Зад себе има над 30 драмски текстови и повеќе романи за деца и возрасни. „Мирко Немирко“ не е нејзина прва книга преведена на македонски јазик, но е прва сликовница, и е прва ваква соработка со наш илустратор.

– Со Ване Костуранов имаме неколкугодишна соработка, но сѐ уште не сме се запознале во живо. Се надевам дека ќе имаме можност да се сретнеме на претстојниот фестивал „Внимавај, книга!“ (Pazi, knjiga!) во Загреб. Ване го „открив“ на Фестивалот на детски сликовници „Чигра“, во Пожега, Србија (2018 г.), каде што гостуваше како илустратор од Македонија. Неговите авторски сликовници едноставно ме оставија без зборови. Со оглед на тоа што сум авторка, а и имам своја мала издавачка куќа, веднаш посакав да соработуваме. Му се јавив и се договоривме да ја објавиме неговата прва сликовница „Ѕвездено дете“ на хрватски јазик, во издание на „Креативна мрежа“. Потоа го прашав дали можеби би се нафатил да илустрира некое мое дело? Тој се согласи и така почна нашата соработка на „Мирко Немирко“ – изјави Ѓокиќ.

Познатиот македонски сликар, илустратор и автор на книги за деца Ване Костуранов зад себе има голем број илустрации за книги. Автор е на сликовниците „Ѕвездено дете“, „Девојче и мече“ и „Девојчето и градот“ (трите во издание на „Арс Ламина“), а „Мирко Немирко“ е прво негово искуство со илустрации по туѓ текст. Неговиот лирски стил на илустрирање одлично се надополнува на оваа топла и поучна приказна не само за деца туку и возрасните.

– Уште пред да ме контактира Ана, дома имавме неколку нејзини книги, сликовници, што ги читавме со моите деца. Па, така, јас ја почитував како авторка, уште пред да ја запознам. За мене беше предизвик да илустрирам текст што не е мој, бидејќи првите три сликовници се целосно мое авторско дело. Многу сум среќен што првото вакво искуство е токму со Ана. Пред сѐ, зашто таа е искусна авторка и уредничка и точно знае како треба да се напише текст за сликовница, што подоцна илустраторот треба да го визуализира тоа. При вакви соработки, многу е важно да се погоди сензибилитетот на авторот на текстот и на илустрациите. Претпоставувам дека Ана видела нешто во мојот ликовен израз што сметала дека ќе одговара на нејзината приказна. Кога првпат го прочитав текстот, како веднаш да влегов во светот на Мирко Немирко. Ми беше лесно да го замислам и да се заиграм со тоа. Се потрудив илустрациите да бидат забавни. Пред сѐ, мене ми беше забавно додека творам, надевајќи се дека така ќе ги доживеат илустрациите и децата – рече Костуранов.

Ѓокиќ истакна дека при пишување книга за деца важно ѝ е текстот да им биде интересен и на возрасните. Според неа, тоа е мерило дали книгата е добра.

– Доколку приказната мене ми е здодевна, тоа е знак дека таа книга не е добра. Кога пишувам за најмладите (од три до шест години), тогаш внимавам да биде колку што е можно поедноставно. Најтешко е да се пишува едноставно! Најсложено е во три-четири реченици да ја опфатите суштината. Она што се мисли дека секој може да пишува за деца од три години, не е точно. Лексиката е важна за публиката на која ѝ се обраќате. Исто така, сметам дека кога пишувате за деца не треба текстовите да се многу мрачни, туку потребно е да имаат некој вид на „хепи енд“ (среќен крај). Децата треба да се чувствуваат добро, барем во светот на книгите, затоа што често реалноста знае да не е толку убава. Сметам дека читателите од шест години не треба да ги шокирате со страшен крај. Кај поголемата детска публика и тинејџерите, знам да внесам малку повеќе динамика и жестина, едноставно влегувам во нивниот филм… Инаку, улогата на писателот не е да држи лекции, туку да ја насочи светлината кон дадениот проблем/тема и да го остави читателот (без разлика дали има 7 или 77 години) да си донесе заклучок – рече авторката, која со Ване Костуранов создадоа приказна што ќе ги освои децата, но и возрасните.

Костуранов смета дека потребно е посебна умешност и искуство за да се создаде добар текст за сликовница. Важно е тој да биде краток и јасен за најмладата публика.

– Ми се допаѓа да илустрирам на готов текст, но кога сите автори би го имале искуството на Ана и би го владееле овој формат (сликовниците) би било идеално. Сметам дека автори кои претходно не пишувале книги за деца, често пишуваат преголеми текстови, со тоа го стеснуваат просторот за илустрациите… И кога црта по туѓ текст, важно е илустраторот да има можност да го задржи авторскиот ликовен израз и уметничкото ниво. Ако го сведеме цртежот на буквално пресликување на текстот, така ги потценуваме нашите млади читатели и не сме ја постигнале целта – истакна тој.

Ѓокиќ, која е родена и се школувала во Белград, сега живее и работи во Загреб. Покрај пишувањето, уредувањето и издавањето книги, голем дел од својата кариера ја посветува на организирање на книжевни настани, обуки и фестивали. Иницијатор е на Фестивалот на книгата и книжевноста „Внимавај, книга!“ (Pazi, knjiga!), на Меѓународниот фестивал на сликовници „Овца во кутија“ (Оvca u kutiji), на Меѓународната патувачка изложба на илустрации „Ме сака, не ме сака“ (Voli me, ne voli me), како и на многу други уметнички проекти чијашто цел е поврзување на уметниците од разни земји. Уметничка водителка е на Здружението „Креативна мрежа“ (Kreativna mreža).

– Кога се занимавате со организирање фестивал, тоа е посебен вид енергија, која знае да ја исцеди креативната енергија. Кога организирам фестивали не можам да творам во тој период, бидејќи тоа не оди едно со друго. Работата како уредник, пак, ми отвора очи при пишувањето сликовници за деца. Не е исто да пишувате приказни што ќе се илустрираат и текст за сликовници, голема е разликата, тоа не го знаат многу писатели. Потребно е да имате јасна, широка слика пред себе, која ќе биде разбирлива и за илустраторите, бидејќи кога пишувам веднаш си го визуализирам текстот. Сега се занимавам со организирање работилници за пишување текст за сликовници, кои се мошне корисни и од кои произлегоа многу признати автори. На овие часови се учат технички правила, како полесно да се напише текстот – рече Ана.

Таа периодов е посветена на организација на фестивалот „Внимавај, книга!“, каде што Костуранов ќе биде почесен илустратор. Ќе се одржи голема изложба на негови илустрации во дури три различни галерии во Загреб.

– Се надевам дека тоа ќе биде почеток на патувањата на сите илустрации на Ване во Хрватска. Тој веќе е добро познат во овдешните книжевни кругови и со нетрпение го очекуваме. Во однос на плановите за иднината, секогаш имам идеи за нови дела и не се сомневам дека ќе соработуваме и во иднина со Ване. Многу сум среќна што сум присутна во Македонија. Се надевам дека наскоро ќе гостувам и дека ќе се дружам со своите млади читатели – рече Ѓокиќ на крајот.

Сликовницата „Мирко Немирко“ веќе е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на www.literatura.mk.

Целата промоција на книгата можете да ја погледнете на следниот линк:

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.