Мотивациски книги и вистински приказни од „Литература.мк“ кои најмногу се читаа минатиот месец

Книгите со вистински приказни, лични есеи, анализи и сведоштвата на авторите, отсекогаш биле интересни за читателите. Особено се примамливи овие дела ако станува збор за личност со големо и необично животно искуство, некој што се нашол во несекојдневни ситуации или во клучни историски моменти… Делата од областа на нефикцијата, исто како и во фикцијата, раскажуваат интересни приказни, со таа разлика што тие се вистинити и автентични. Во оваа категорија влегуваат автобиографиите и авторизираните биографии, како и мотивациските книги, во кои авторите даваат совети за подобар и поквалитетен живот. Ваков тип литература е мошне популарен последниве години, а особено се интересни за читање за време на годишните одмори.

Ви ја претставуваме топ 10 листата со најбарани дела од областа на нефикцијата за возрасни, меѓу кои се и едно од најчитаните книги воопшто изминатите две години. Доколку сè уште размислувате која книга да ја прочитате следниот период, ви ги претставуваме содржините на овие инспиративни дела. Книгите се во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, а се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн на www.literatura.mk. Уживајте во овие неверојатни дела и дознајте како да не ви е гајле за неважните нештa, како да го поедноставите својот живот и како да бидете посреќни… Дел од нив ќе „нурнат“ во сеќавањата на најгенијалните умови, а некои ќе ве насмеат до солзи. На листата е и дело што ги охрабрува жените и девојките да ги прифатат несовршеноста и храброста.

1. „Е, баш ме заболе“ од Марк Менсон

„Во животот се соочуваме со мошне ограничен опсег на работи за кои треба да ни е гајле. Оттука, мораме да бидеме многу мудри во поглед на изборот за што треба да ни е гајле, а за што не“, вели авторот Марк Менсон во бестселерот „Е, баш ме заболе“, кое е едно од најпопуларните книги последниве три години кај нас. Во оваа книга-водич за самопомош, што дефинира една цела генерација, авторот, кој е суперѕвезда во блогерските кругови, не нè замајува со глупости од типот дека постојано треба да се обидуваме да бидеме „позитивни“, за да станеме навистина подобри и посреќни луѓе. Веќе со децении ни се сервира тезата дека позитивното мислење е она клучното што води кон среќен и исполнет живот. Но, Марк Менсон вели: „Море, кој ја ’врти‘ позитивноста. Да бидеме искрени – нештата се зафркнати, но немаме друг избор освен да живееме со нив онакви какви што се“. На неговиот многу популарен блог на интернет, Менсон ниту ја бојадисува стварноста во розово, ниту ја заобиколува. Тој ги изложува работите токму онакви какви што се, што е една вистинска доза необработена, свежа и искрена вистина – нешто што денес навистина ни недостига. Менсон ја изнесува и ја брани тезата дека луѓето, според природата на работите, се суштества со свои мани и ограничувања. „Не може секој да биде исклучителен – општеството е сочинето од победници и губитници, а нешто од сето тоа ниту е фер, ниту, пак, е по твоја вина.“ Неговиот совет до нас е да си ги препознаеме и да ги спознаеме нашите ограничувања и да ги прифатиме – и дека токму тоа, вели тој, е вистинскиот извор на моќ со кој можеме да се стекнеме. Откако еднаш ќе ги прифатиме нашите стравови, грешки и несигурности – откако ќе престанеме да бегаме и да ги избегнуваме болните вистини, туку ќе почнеме да се соочуваме со нив – дури тогаш можеме и да тргнеме во потрага по храброста и самоувереноста по кои трагаме толку очајно.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн на следниот линк:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13453

2. „ЗЕН: Уметноста на едноставното живеење“ од Шунмио Масуно

Преку јасни и практични лекции што се учат лесно – по една на ден во текот на сто дена – познатиот будистички свештеник Шунмио Масуно евоцира мудрост стара со векови за да ви покаже како да ја применувате суштината на зен-будизмот во модерното живеење. Станува збор за новата книга во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, „Уметноста на едноставното живеење: 100 секојдневни вежби од јапонски зен-монах за живот исполнет со мир и радост“ од Шунмио Масуно. Тука ќе научите како длабоко да издишувате за да ги исфрлите негативните емоции, како да го средувате својот дом едноставно, што ќе ви помогне да ги расчистите вашите мисли, да ги подредувате обувките навечер за да внесете ред во вашиот ум, да засадите едно цвеќе и да гледате како расте, помалку да се грижите за она што не можете да го контролирате и уште многу други нешта… Дури и ќе си создадете време за да не размислувате за ништо. Поедноставете си го животот со уметноста на зен-будизмот и научете како да се чувствувате порелаксирано, поисполнето и со обновено чувство на мир и спокој.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн на следниот линк:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13682

3. „Храбри наместо совршени“ од Решма Саџани

Во книгата инспирирана од нејзиното популарно излагање на „ТЕД ток“, Решма Саџани ги охрабрува жените и девојките да ги прифатат несовршеноста и храброста. Замислете си дека живеете без страв дека не сте доволно добри. Дека не ви е гајле како изгледа вашиот живот на „Инстаграм“ или што мислат комплетните туѓинци за вас. Замислете си дека лесно се ослободувате од чувството на вина и сте престанале да се раскинувате себеси поради ситни грешки. Што доколку, при соочувањето со секоја одлука, сте го избрале похрабриот пат?

Повеќето од нас се чувствуваат скршени од товарот на нашите сопствени очекувања. Се исцрпуваме себеси, обидувајќи се да ги задоволиме сите, цело време. Си го нарушуваме сонот, размислувајќи да не сме навредиле некого, кои можности да ги пропуштиме затоа што ќе нè извадат од нашата зона на комфорот и како по секоја цена да избегнеме одбивање. Постои причина зошто се однесуваме на овој начин, вели Решма. Како девојчиња, нè учеа да играме на безбедна карта. Родителите и наставниците нè фалеа затоа што сме тивки и учтиви, нè предупредуваа да бидеме внимателни за да не бидеме повредени и нè насочуваа на активности на кои можеме да блеснеме. Проблемот е дека совршеното девојче расте во жена која се плаши да потфрли. Време е да престанеме да дозволуваме нашите стравови да ги потопат нашите соништа и да го стеснат нашиот свет, заедно со нашата шанса за среќа. Со избирањето храброст наместо совршенство можеме да најдеме сила да го зацврстиме нашиот глас, да го оставиме зад себе она што нè прави несреќни и да тргнеме по работите што вистински и страсно ги сакаме. Совршенството можеби нè поставува на патеки на кои се чувствуваме безбедно, но храброста нè води до оној пат што автентично треба да го следиме.

Во „Храбри наместо совршени“, Решма споделува моќни согледувања и искуства со кои ќе ни помогне да ја надминеме нашата обука за совршено девојче и да ја направиме храброста наша доживотна навика. Со тоа што ќе станеме храбри наместо совршени сите можеме да станеме креатори на нашиот најхрабар и најсреќен живот.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн на следниот линк: https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14374

4. „Мала книга за хиге: данскиот начин на добро живеење“ од Мајк Викинг

За Данска често се вели дека е најсреќната земја во светот. А тоа се сведува на една работа – хиге. Хиге се преведува на најразлични начини, од уметност на создавање блискост, преку пријатна душевна удобност, па до црпење задоволство од присуството на смирувачки нешта. Кога ќе го почувствуваш она што се нарекува хиге, едноставно го знаеш тоа. Тоа е она кога си стуткан на каучот со саканата личност или кога јадеш заедно со најблиските пријатели. Тоа се оние јасни сини утра кога светлината што ти влегува низ прозорецот е токму онаа вистинската. А никој не може да ти биде подобар водич за сето она што се подразбира под хиге од Мајк Викинг. Мајк е генерален директор на Институтот за истражување на среќата во Копенхаген и има поминато многу години во проучување на магијата на данскиот начин на живот. Почнувајќи од изборот на вистинското осветлување и сè околу планирањето забава, преку создавањето комплет за хиге прва помош, па дури и во однос на изборот на облека, оваа прекрасна и инспиративна книга на Мајк ќе ти помогне да бидеш по-хиге.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн на следниот линк: https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13584

5. „Сè е за*бано: книга за надежта“ од Марк Менсон

Ова е контраинтуитивен водич за проблемите со надежта. Живееме во интересно време. Материјално, сè е подобро од кога и да е, но некако сè изгледа како да е непоправливо и ужасно заебано. Што се случува? Ако некој може да ја именува нашата моментна малодушност и да ни помогне да ја решиме, тоа е Марк Менсон. Во „Сè е за*бано“, Менсон исцртува планини од психолошки истражувања базирани на безвременската мудрост на Платон, Ниче, Кант, па и на Том Вејтс, за да ги дисецира религијата, политиката, парите, забавата и интернетот. Со неговата препознатлива комбинација од ерудиција и хумор, Менсон нè предизвикува да бидеме почесни кон себеси, отворено спротивставувајќи се на нашите дефиниции на верата, среќата, слободата – дури и на надежта. Еден од најголемите модерни автори напиша уште една книга што ќе ја постави агендата на годините што доаѓаат.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн на следниот линк: https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13664

6. „Моите изуми“ од Никола Тесла

Малку луѓе во историјата дале толкав придонес кон погодностите на современото секојдневие како Никола Тесла. Неговите дела овозможиле електричната енергија да допре до сите катчиња на нашата планета, а нејзината примена да експлодира во безброј области на човековиот живот – процес што речиси незапирливо продолжува многу години по неговата смрт. Оставината на Тесла е богата, секогаш актуелна и неисцрпен извор на инспирација. Но, и покрај тоа што влијанието на Тесла е толкаво што е речиси невозможно да се исцрпат епитетите, неговата застапеност во јавниот дискурс е изненадувачки мала, особено во западната културна сфера. Оваа автобиографија дава увид во фасцинантниот внатрешен свет на еден од најголемите гении, но притоа на разбирлив јазик зборува и за техничката природа на неговите изуми. Правејќи го тоа, Тесла на посреден, но уверлив начин ни ја презентира својата визија за еден подобар, поправичен и помирен свет, чијашто благосостојба не е нуспроизвод на борбата за профит, туку е резултат на искрената, автентична желба за подобар живот на сите, без очекување награда.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн на следниот линк: https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13514

7. „Астрофизика за луѓе кои немаат време“ од Нил Деграс Тајсон

Каква е природата на просторот и времето? Кое е нашето место во универзумот? Кое е местото на универзумот во нас? Ова е најдобриот водич во потрагата по одговорите на овие прашања што го зашеметуваат умот, напишан од познатиот астрофизичар и популарен автор Нил Деграс Тајсон. Но, современиот човек речиси и да нема време да размислува за вселената. Затоа, Тајсон пишува на оваа тема со разбирлив и лесно читлив стил, правејќи ги и најсложените вселенски концепти достапни за оние што немаат време. Додека чекате да се свари утринското кафе или да дојде автобусот, „Астрофизика за луѓе кои немаат време“ ќе ви го каже само најнеопходното за разбирање на вестите од областа на вселенските науки, но и за информирано учество во разговори на таа тема. Ќе знаете интелигентно да зборувате за Големата експлозија, црните дупки, кварковите и квантната физика, за откривањето нови планети и потрага по вонземски живот. Оваа книга речиси гарантирано ќе ги прошири вашите перспективи и ќе ги збогати вашите знаења, и тоа на начин што ќе ве предизвика да посакате уште.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн на следниот линк:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13595

8. „Тошо Малерот: монологија“ од Васко Тодоров

Во книгата „Монологија“ на Васко Тодоров се собрани сите култни монолози на неговото хумористично алтер-его Тошо Малерот од легендарното шоу „К-15“. За книгата тој вели: „Батка, оваа книга ти е чист импресионизам со примеси на експресионизам, а целта е да се доближи човековото внатрешно битие кон возвишеното во него. Затоа што љубовниот стремеж е чекан, обостраната хемија е длето и сè се сведува на делкање“. Книгата ќе ве насмее и ќе ве потсети на една од најоригиналните ТВ-проекти.

Во продолжение е еден од најпознатите монолози на Тошо Малерот:

„Види батка, животот се состои од односи, а видот на односите зависи од стадиумот на поединечниот однос во однос на тоа дали станува збор за обичен однос, коректен или некоректен однос, а градењето односи во однос на нивното доградување се однесува на поединечниот однос во однос на меѓусебното однесување! Секој личен однос зависи од меѓусебниот сооднос, и може да се однесува на другарски однос воопшто, или на интимен однос, посебно!“

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн на следниот линк: https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14409

9. „Иднината на умот“ од Мичио Каку

Мичио Каку е професор по физика на њујоршкиот Градски универзитет, соосновач на теоријата на полето на струни и автор на научни книги, меѓу кои „Хиперпростор“, „По Ајнштајн“, „Физика на невозможното“ и „Физика на иднината“. Бил домаќин на научни телевизиски емисии на Би-би-си, „Дискавери“ и „Саенс“. Неговите емисии можат да се чујат на 130 радиостаници ширум светот. Пишувал за најугледните светски списанија и гостувал на најгледаните телевизии. Во оваа книга, професорот Каку на лесно разбирлив начин ни ги презентира досегашните сфаќања и откритија поврзани со човековиот ум и неговите ограничувања, но уште повеќе и неговите потенцијали. Во возбудлива низа од историски раскажувања и уверливи објаснувања, авторот нуди фасцинантна перспектива во разбирањето на мозокот, мислите, чувствата, стравовите и долгата низа несвесни пориви што во голема мера ги формираат одлуките што ги носиме секојдневно. Притоа, професорот Каку нè уверува дека нашиот ум, и покрај тоа што не е целосно разбран, е секако разбирлив. Мичио Каку е оптимист за иднината на човештвото. Воодушевено раскажува за најновите технички, експериментални и дијагностички постигнувања што нудат извонреден увид во неистражените пространства на човековиот ум. Истовремено, однапред се радува на откритијата што допрва нè чекаат во блиската иднина – забележувајќи јасен историски тренд, професорот Каку нуди уверлива визија за човештво во блиската иднина – човештво кое со помош на технологијата ќе стане уште похумано и уште подобро.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн на следниот линк: https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13607

10. „Машини како мене и луѓе како вас“ од Ијан Мекјуан

Дејството на овој извонреден роман се одвива во алтернативна историја и е сместено во Лондон во осумдесеттите години на минатиот век. Чарли, интелигентен, но мрзлив млад човек, го избегнува вработувањето со полно работно време, наследството го вложува во ситни ризични инвестиции на берзите и е вљубен во сосетката Миранда. Кога ќе заработи извесна сума пари, купува човеколик робот, Адам. Следејќи го упатството за употреба, самиот го обликува карактерот на Адам според сопствените желби, но тоа ќе резултира со љубовен триаголник меѓу него, Миранда и роботот Адам.

Овој остроумно напишан роман, што изобилува со духовити досетки, но истовремено отвора тешки прашања за замислениот однос помеѓу луѓето и интелигентните машини. Како таков, претставува неизоставно четиво како за љубителите на добриот роман, така и за оние што барем некогаш се прашале дали машините можат да се однесуваат како луѓе.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн на следниот линк: https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13650

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.