Одбележуваме 86 години од раѓањето на Живко Чинго со реобјавените „Пасквелија и Нова Пасквелија“ и „Големата вода“

На денешен ден (13 август) во 1935 година во селото Велгошти, Охридско, е роден еден од доајените на македонската литература – Живко Чинго. Со реобјавените класици „Пасквелија и Нова Пасквелија“ и „Големата вода“ одбележуваме 86 години од раѓањето на овој истакнат македонски раскажувач, романописец и драмски писател. Книгите што неодамна излегоа од печат во ново руво, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, се дел од едицијата „Македонски книжевни класици“, чијашто цел е реобјавување на класичните дела на македонската литература.

Во „Пасквелија и Нова Пасквелија“ се вметнати расказите од Живко Чинго од познатите збирки, кои заедно го градат органското единство на големата приказна за земјата Пасквелија и пасквелскиот народ. Всушност, приказната за Пасквелија е приказната за Македонија: полна со страдање, пустош, војни и раскол, но исто така, извор на неочекувана добрина, светлина и убавина – сето тоа прикажано преку нежното и сочувствително, но остро и сатирично перо на овој македонски автор.

Тешко е да се каже што или кој е во прв план во овие две збирки раскази: дали е тоа пасквелскиот човек – суеверен и безверен, традиционален и прогресивен, добар и лош – или, пак, самата земја Пасквелија – пуста и плодна, прастара и нова, вечна и историска. И покрај тоа што темите се јасно фиксирани во историјата, втемелени на конкретни историски настани, поуките што Чинго ги извлекува од своите ликови и самата земја се безвременски, исто како и неговиот начин на раскажување што води потекло од фолклорот и приказните на Марко Цепенков. Инаку, збирката раскази „Пасквелија“ првично била објавена 1961, а „Нова Пасквелија“ во 1965 година.

Во романот „Големата вода“, кој првпат бил објавен во 1971 година, Живко Чинго ни раскажува за случувањата во домот за сирачиња „Светлост“, во периодот непосредно по Втората светска војна. Тоа било време на безредие, сиромаштија и глад. Приказната ја гледаме и ја слушаме низ очите и гласот на Лем Никодиноски и преку него се запознаваме со низа гротескни, но мајсторски изработено ликови: неговиот најдобар пријател Исак Кејтен, управителот на домот Аритон Јаковлески, воспитувачот, поет и спортист Трифун Трифуноски, ѕвонарот Анески, воспитувачката Оливера Срезоска… Покрај овие маркантни и конкретни ликови, низ душата на Лем прострујуваат и клучните симболи на оваа приказна – Големата вода, Сентерлевиот рид и Ѕидот – обременувајќи го романот со вечно, општоважечко значење. Романот во 2004 година доби и филмска адаптација во режија на Иво Трајков.

Живко Чинго завршува основно образование во селото Велгошти, Охридско. Средно гимназиско образование стекнува во Охрид, а во 1959 година дипломира на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, на групата за југословенска литература. По дипломирањето, одредено време работи како професор по книжевност во гимназијата во Охрид. Подоцна доаѓа во Скопје, каде што работи во најразлични престижни медиуми и институции: „Студентски збор“, „Млад борец“, во Радио-телевизија Скопје, во Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, во Центарот за политички студии. Воедно, тој е и долгогодишен директор на Драмата при Македонскиот народен театар и при крајот на животот работи како советник при Републичкиот комитет за култура. Во 1963 година станува член на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ), а потоа и на МАНУ.

Неговото творештво главно е содржано од раскази, романи, драми и филмски сценарија: „Пасквелија“ (раскази, 1963), „Семејството Огулиновци“ (раскази, 1965), „Нова Пасквелија“ (раскази, 1965), „Сребрените снегови“ (роман за деца, 1966), „Пожар“ (раскази, 1970), „Големата вода“ (роман, 1971), „Жед“ (сценарио, 1971), „Поле“ (сценарио, 1971), „Образов“ (драма, 1973), „Ѕидот, водата“ (драма, 1976), „Вљубениот дух“ (раскази, 1976), „Кенгурски скок“ (драма, 1979), „Макавејските празници“ (драма, 1982), „Накусо“ (раскази, 1984), „Пчеларник“ (сценарио, 1988), „Гроб за душата“ (раскази, 1989), „Бабаџан“ (роман, 1989), „Бунило“ (раскази, 1989), „Ал“ (проза, 1989).

Во историјата на македонската книжевност најмногу е запаметен по циклусот раскази „Пасквелија“, по романот за деца „Сребрените снегови“ и романот „Големата вода“. „Сребрените снегови“ и „Големата вода“ со години се на стандардната листа за лектири за основно и средно училиште, додека, пак, неговата кратка проза и романите предизвикувале и сè уште предизвикуваат голем интерес кај книжевните критичари и теоретичари како: Георги Старделов, Влада Урошевиќ, Петар Т. Бошковски и Славица Србиновска. Добитник е на многу престижни награди, меѓу кои се: „Рациновото признание“, „11 Октомври“, „1 Мај“ и „Стериино позорје“, а често е преведуван и на странски јазици. Почина на 11 август 1987 година во Охрид, на 51-годишна возраст.

Книгите „Пасквелија и Нова Пасквелија“ и „Големата вода“, кои се дел од едицијата „Македонски книжевни класици“, веќе се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“, а можат да се нарачаат и онлајн преку www.literatura.mk, на следниот линк:

https://www.literatura.mk/ListBooksByAuthor.aspx?aut=8982

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.