Топ 10 книги од „Литература.мк“ по кои се снимени нови серии и филмови

Дали практикувате да гледате филмски и телевизиски верзии на вашите омилени книги? Дали сте прочитале некое дело откако прво сте ја погледнале екранизираната верзија? Дали книгата е подобра од филмот или обратно?

Книгата и филмот се две платформи што често се инспирираат една од друга, се испреплетуваат и се надополнуваат, давајќи можност на милионска публика да ја доживее приказната на свој начин. Безвременските книжевни дела добиваат нова димензија со магијата на филмот и телевизијата. А тие, пак, често и не би постеле ако не биле напишани книгите. Литературните остварувања се инспирација за филмот уште од неговите почетоци во дваесеттите и триесеттите години на минатиот век. На големото платно можеле да се видат филмувани верзии на некои од најпознатите наслови, од романсите на сестрите Бронте, преку историските спектакли на Толстој, безвременските драми на Шекспир, крими-романите на Агата Кристи и Артур Конан Дојл, хорор-трилерите на Стивен Кинг, фантастичниот свет на Џ. Р. Р. Толкин и Џорџ Р. Р. Мартин, па сѐ до магичните приказни на Роалд Дал и Џ. К. Роулинг… Кои се вашите омилени филмови базирани на книги?

Во издавачкото портфолио на „Арс Ламина“ има многубројни дела што биле основа за познати филмски остварувања. Изминатиот период беа објавени повеќе значајни наслови, по кои се снимени актуелни, популарни серии и филмови. Ви претставуваме предлог листа со топ 10 книги по кои се снимени нови серии и филмови, а во кои можете да уживате ова лето. Книгите се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“, а можат да се нарачаат и онлајн, преку http://www.literatura.mk.

1. „Девет совршени туѓинци“ од Лијан Моријарти

Најочекуваната серија за ова лето, „Девет совршени туѓинци“, со Никол Кидман во главната улога, е базирана на истоимениот светски бестселер од Лијан Моријарти. Во серијата, покрај Кидман, игра ѕвездена актерска екипа: Мелиса Мекарти, Мајкл Шенон, Боби Канавале, Лук Еванс, Реџина Хол и други. Сценариото го напиша Дејвид Е. Кели, заедно со Џон Хенри Батерворт („Форд против Ферари“) и Саманта Штраус („Академија за танц“). Тој и Батерворт се и главните извршни продуценти на серијата. Ќе бидат снимени осум епизоди. Првата епизода премиерно ќе биде емитувана на 18 август 2021 година, на „Хулу“. Станува збор за уиграна екипа која стои зад неколку ТВ-серии што беа хит изминативе неколку години. Моријарти е авторка и на романот „Големи мали лаги“, по кој беше снимена и истоимената серија на Ејч-би-о со Никол Кидман во една од главните улоги, а сценаристот продуцент беше Дејвид Е. Кели. Кидман и Кели соработуваа и на серијата „Слом“.

Книгата, која неодамна излезе од печат на македонски јазик во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ја следи приказната на група градски луѓе чијшто престој во едно зафрлено одморалиште воопшто не е онаков каков што очекуваат. Романот одговара на прашањето дали десет дена во здравствено одморалиште навистина можат да ве променат засекогаш? Деветте совршени туѓинци – протагонисти во делото, наскоро ќе го откријат тоа… Некои се таму за да ослабат, некои за да си го рестартираат животот, а некои се таму од причини што не можат да си ги признаат ниту самите на себе. Среде луксузното опкружување на одморалиштето, среде сесиите по сосредоточеност и медитација, за брзо време сфаќаат дека овие десет дена можат да бидат пресвртница во нивните животи. Но, никој од нив не може ни да си замисли колкав предизвик ќе бидат десетте дена што им претстојат.

Книгата „Девет совршени туѓинци“ веќе е достапна во сите книжарници „Литература.мк“ и онлајн на следниот линк: https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14604

2. „Дамски гамбит“ од Волтер Тевис

Најгледаната ТВ-серија за 2020 година не само што го актуализира шахот како спорт туку и повторно ја популаризира книгата по којашто е снимена. Имено, најдобро рангираната мини-серија на „Нетфликс“ е базирана на истоимениот роман од Волтер Тевис, првично објавен во 1983 година. По барање на читателите, книгата беше објавена на македонски јазик, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Серијата, која има седум епизоди, ги доби сите престижни телевизиски и актерски награди и ја лансира актерката Ања Тејлор-Џој, која ја глуми Елизабет (Бет) Хармон, во вистинска ѕвезда. „Дамски гамбит“, која е наречена по шаховски потег, ја раскажува приказната за харизматичната и генијална девојка Бет Хармон, која влегува во светот на шахот каде што доминираат мажите. Осумгодишната Бет е тивко и повлечено девојче со невпечатлива појава. Така е сè додека не ја изигра првата партија шах. Нејзините сетила се изоструваат, размислува појасно и првпат во животот чувствува дека има контрола. На 16-годишна возраст, таа веќе се натпреварува на Отвореното првенство на САД. Но, како што ги усовршува вештините на шахот и зачекорува на патот на успехот, нејзината изолација станува сè позастрашувачка, а помислата за бегство сè попримамлива. Како што расте, Бет сѐ поинтензивно се бори со зависностите и траумите. Нејзината цел е да стане најдобра шахистка во светот, но нејзината емотивна состојба и затвореното, патријархално општество во педесеттите и шеесеттите години се само дел од пречките со кои се соочува таа.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на http://www.literatura.mk на следниот линк:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14527

3. Серијал: „Лупен“ од Морис Леблан

На почетокот на оваа година на „Нетфликс“ почна емитувањето на новата возбудлива француска ТВ-серија „Лупен“ со харизматичниот Омар Сај во главната улога. Серијата е модерна верзија, инспирирана од еден од најпопуларните крими-серијали во француската литература, „Арсен Лупен“ од Морис Леблан. Серијата креирана од Џорџ Кеј и Франсоа Узан ја следи приказната на крадецот со џентлменски манири Асан Диоп (Омар Сај), кој е голем фан на книгите за Лупен. Тој ќе смисли совршен грабеж, за да го одмазди својот татко, кој неправедно бил осуден за кражба. Динамична, ведра, паметна и актуелна, серијата за кратко време стана интернационален хит, потсетувајќи на книжевното наследството на Леблан.

Четири романи за џентлменот крадец неодамна беа објавени на англиски јазик во издание на „Арс Ламина“. Во книжарниците на „Литература.мк“ веќе се достапни: „Извонредните авантури на Арсен Лупен, џентлемен-крадец“ (The extraordinary adventures of Arsène Lupin, gentleman-burglar), „Арсен Лупен против Шерлок Холмс“ (Arsène Lupin versus Herlok Sholmes), „Следните авантури на Арсен Лупен“ (Further adventures of Arsène Lupin) и „Исповедите на Арсен Лупен“ (The confessions of Arsène Lupin).

Повеќе за овие романи прочитајте на следниот линк: https://blog.literatura.mk/2021/05/21/chetiri-knigi-na-angliski-jazik-za-princot-na-kradcite-arsen-lupen-dostapni-vo-knizharnicite-na-lteratura-mk/

Романите се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на http://www.literatura.mk на следниот линк:

4. Романите со Херкул Поаро од Агата Кристи

Kрими-романите на Агата Кристи се едни од најфилмуваните книги, а ликот на детективот Херкул Поаро е еден од најпрепознатливите книжевни ликови. Генијалниот белгиски детектив е инспирација на популарната серија „Поаро“ со Дејвид Суше, што се снимаше од 1989 до 2013 година. Во 2018 година беше снимена и мини-серијата „Убиства по азбучен ред“, базирана на истоимената книга на Кристи, во која во улогата на Поаро се јавува Џон Малкович.

Романот „Убиство во Ориент експрес“ има неколку успешни филмски и ТВ-верзии. На малите екрани е снимена во повеќе земји, меѓу кои Англија, Германија, па дури и во Јапонија. Филмските адаптации се вистински спектакли, со долга листа на актерски ѕвезди. Се памети верзијата од 1974 година, со Алберт Фини во улогата на Поаро. Покрај него, во приказната за совршеното убиство во возот „Ориент експрес“, се јавуваат: Шон Конери, Лорен Бекол, Мајкл Јорк, Ванеса Редгрејв, Жаклин Бизе, Ингрид Бергман и други. Книгата доби нова адаптација во 2017 година, со Кенет Брана во улогата на славниот детектив Херкул Поаро. Во оваа верзија играат и: Џони Деп, Мишел Фајфер, Пенелопе Круз, Вилијам Дефо, Оливија Колман, Џуди Денч, Дејзи Ридли и други. Наскоро се очекува и уште една филмувана верзија со Кенет Брана како Поаро, според романот „Смрт на Нил“. Филмот требаше да биде снимен до 2020 година, но неговата премиера беше одложена и закажана за 2022 година. Во очекување на новиот филм, каде што на едно место е собрана ѕвездена актерска екипа: Анет Бенинг, Гал Гадот, Арми Хамер, Расел Бренд, Али Фазал, Роуз Лесли, Ема Маки и други, уживајте во романот во издание на „Арс Ламина“.

Имено, изминатата година, по повод стогодишнината од почетокот на творештво на Кристи, беа објавени 12 наслови, поделени во два сета. Во првиот се: „Мистериозниот случај во Стајлс“, „Убиството на Роџер Акројд“, „Лорд Еџвер е мртов“, „Убиство во Ориент експрес“, „Смрт на Нил“ и „Зло под сонцето“, а во вториот: „По погребот“, „Завеса: последниот случај на Поаро“, „Мртво тело во библиотеката“, „Во 16.50 часот од станицата Падингтон“, „И не остана ниту еден“ и „Златната топка и други раскази“.

Романите се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на http://www.literatura.mk на следниот линк:

https://www.literatura.mk/ListBooksByAuthor.aspx?aut=8582

5. Серијал: „Темната граѓа“ од Филип Пулман

Трилогијата наменета за млади читатели „Темната граѓа“ од Филип Пулман е инспирација за ТВ-серијата во продукција на Ејч-би-о и Би-би-си, „Неговите темни материјали“ (оригинален наслов His Dark Materials). Во главните улоги се: Дафне Кин, Рут Вилсон, Амир Вилсон, Вик Кин, Кит Конор и други.

Серијата, која веќе има две сезони, ја следи Лира, навидум обично, но храбро девојче од друг свет. Нејзината потрага по една киднапирана пријателка открива заговор со украдени деца и таа се обидува да го разбере таинствениот феномен наречен „Прашина“. Втората сезона, пак, почнува откако лорд Азриел го отвора мостот кон новиот свет, а Лира го следи Азриел во непознатото. Во мистериозен напуштен град таа го среќава Вил, момче со проблематично минато, кој ѝ станува најблизок сојузник. Серијата ќе има и трета сезона, која ќе се емитува во 2022 година.

Серијалот книги, кои се сметаат за модерни класици на детската литература, е составен од: „Поларна светлина“, „Суптилниот нож“ и „Килибарниот дурбин“, кои на македонски јазик се во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Првиот дел од трилогијата, „Поларна светлина“, има и своја филмска адаптација – „Златниот компас“. Во ова остварување глумат: Никол Кидман, Даниел Крег, Ева Грин, Сем Елиот и Ијан Мекелен.

Книгите се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на http://www.literatura.mk на следниот линк:

https://www.literatura.mk/ListBooksByAuthor.aspx?aut=8925

Погледнете го трејлерот за втората сезона на серијата:

6. „Артемис Фаул“ од Овен Колфер

На приказната од романот за млади „Артемис Фаул“ од Овен Колфер е базиран научно-фантастичниот филм во режија на славниот британски актер Кенет Брана. Главните улоги се доделени на: Фердија Шо, Лара Мекдонел, Џош Гад, Тамара Смарт, Колин Фарел и Џуди Денч.

Артемис Фаул е генијалец. Тој има дванаесет години. Ниедна сплетка не е премногу подла, ниеден план премногу подмолен. А тој само што откри дека самовилите постојат. Кутрите самовили. Но, тие не се нежните суштества од приказните за добра ноќ. Тие се вооружени. Тие се опасни. Артемис ја киднапира капетан Холи Шорт, за да ја размени за самовилско злато. Холи е неверојатно опасна и многу изнервирана околу целава работа со киднапирањето. Артемис Фаул ќе открие дека самовилите знаат да го возвратат ударот…

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14400

7. „Вештерки“ од Роалд Дал

Еден од класиците во детската книжевност „Вештерки“ од омилениот британски автор за деца Роалд Дал минатата година доби нова филмска адаптација. Во комично-фантастичниот филм за деца главната улога ја игра оскаровката Ен Хатавеј. Таа ја игра Врховната Велевештерка, која го контролира вештерскиот свет. Овој лик го глумеше Анџелика Хјустон во филмската верзија на книгата во деведесеттите години. Покрај Хатавеј, во другите улоги во новиот филм се јавуваат Оливија Спенсер, Стенли Тучи и други. Филмот е во режија на култниот Роберт Земекис, познат по своите филмски ремек-дела: „Враќање во иднината“, „Форест Гамп“, „Смртта ѝ прилега“, „Поларниот експрес“, „Куќа на чудовишта“, „Божиќна песна“ и други. Покрај него, зад продукцијата на филмот стојат и Гилјермо дел Торо, Алфонсо Куарон, Џек Рапке и Лук Кели.

Приказната се движи околу едно момче, кое случајно ќе наиде на клан вештерки и ќе го открие нивниот план да ги претворат сите деца во глувчиња. Тој ќе тргне по помош за да ги одврати вештерките од злите намери. „Вештерки“, првично објавена во 1973 година, е една од најчитаните книги од омилениот британски автор за деца Роалд Дал. На македонски јазик е во издание на „Либи“, импринт на „Арс Ламина – публикации“.

Ова не е единствено дело од Роалд Дал што добило адаптација на големото платно. Меѓу нив најпопуларни се двете одлични филмски остварувања на „Чарли и фабриката за чоколади“, првата од 1971 година со Џин Вилдер, и од 2005 година со Џони Деп како Вили Вонка. По книгата „Матилда“ е снимен телевизискиот филм во 1996 година, а познати се и цртаните верзии на „ГДЏ“ (1989), „Џејмс и џиновската праска“ (1996) и куклената анимација по „Фантастичниот господин Лисец“, во режија на Вес Андерсон, во која гласовите ги позајмуваат Џорџ Клуни, Бил Мареј, Овен Вилсон и Мерил Стрип.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, а може да се нарача онлајн на следниот линк: https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13141

8. „Флора и Улис: Возбудливи авантури“ од Кејт Дикамило

Книгата за деца „Флора и Улис: Возбудливи авантури“ од американската авторка Кејт Дикамило е инспирација за нов холивудски филм во режија на Лена Кан. Сценариото по книгата на Дикамило го адаптира Бред Копленд. Главните улоги ги толкуваат младата актерка Матилда Лолер (која ја игра Флора) и Алисон Ханиган и Бен Шварц (како родителите на Флора). Филмот беше премиерно прикажан во февруари оваа година. Во фокусот на приказната е десетгодишната Флора, која ќе спаси верверица на која ќе ѝ го даде името Улис. Наскоро ќе дознае дека нејзиното ново крзнено пријателче поседува уникатни суперхеројски сили, кои ги водат во авантура со смешни компликации што на крајот го менуваат животот на Флора. Приказната почнува како и која било друга суперхеројска приказна – со трагична несреќа во неочекувани околности. Верверицата Улис не ја виде правосмукалката, но циничната Флора е вистинскиот човек за да се вклучи. Сепак, Улис е прероден со неверојатни моќи врзани со неговата сила, а патем ќе се промени и Флора додека ги дознава можностите за надеж и значењето на широкото срце. Кејт Дикамило е американска писателка на детска фикција и е една од шесте автори кои добиле два медала „Њубери“ за романите „Приказната за Десперо“ и „Флора и Улис“. Воедно, таа била и американски амбасадор за литература за млади назначена од Конгресната библиотека во 2014/2015 година. Се има најдено и на првото место на листата за најпродавани автори на престижниот весник „Њујорк тајмс“.

Македонското издание на книгата „Флора и Улис: Возбудливи авантури“ е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, и е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ или може да се нарача онлајн на www.literatura.mk на следниот линк: https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14441

Погледнете го трејлерот на филмот:

9. „Повикот на дивината“ од Џек Лондон

Книжевниот класик на Џек Лондон „Повикот на дивината“ во 2020 година доби возбудлива филмска адаптација, со Харисон Форд во главната улога. Филмот е во режија на Крис Сандерс, а адаптацијата на сценариото ја направи Мајкл Грин. Оваа приказна, еднакво интересна за децата и возрасните, ги следи авантурите на кучето Бак и неговиот пат од цивилизацијата до дивината. Тој е половина бернардинец, половина шкотски овчар. Живее удобен и мирен живот, како милениче во имот на големопоседник, но еден ден ќе биде украден и продаден на трговец со кучиња. Наскоро се наоѓа на брод што патува за Канада, во екот на златната грозница. Инстинктите на Бак почнуваат да се будат додека работи во поштенска запрега и е принуден да се бори за опстанок. Откако е продаден на група Американци во потрага по злато, Бак е спасен од Џон Тортон, со кого се спријателува. И покрај силната приврзаност што ја чувствува кон човекот, повикот на дивината е премногу силен. Не можејќи да му одолее, тој тргнува на патување низ неистражените краишта на дивината во потрага по исконските закони на својата природа. „Повикот на дивината“ го истражува неизбежниот повик на инстинктите што го повикуваат Бак надвор од цивилизацијата кон природата и законите на дивината. Покрај оваа адаптација, има уште еден успешен филм од 1972 година, со Чарлтон Хестон во улогата на Џон Тортон.

Романот, кој е дел од листата со лектири за основно образование, излезе од печат во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, како дел од едицијата „Лесно читливи лектири“. Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на следниот линк: https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13548

10. „Тајната градина“ од Франсес Хоџсон Барнет

Еден од најубавите книжевни класици за деца, „Тајната градина“ од британската авторка Франсес Хоџсон Барнет, неодамна доби нова филмска верзија. Филмот е во продукција на тимот кој стои зад филмската верзија на серијалот за Хари Потер. Во главните улоги се: Колин Фирт, Џули Волтерс и Дикси Егерикс. Приказната, која е сместена на почетокот на 20 век, се движи околу десетгодишната Мери Ленокс, која по загубата на нејзините родители е испратена од Индија да живее на мрачниот имот на нејзиниот вујко во дивината на англиските мочуришта. Таа е осамена и нема со кого да си игра, но еден ден дознава дека некаде на имотот има тајна градина во која не смее да влезе никој. Тогаш Мери наоѓа еден стар клуч во една цветна леа – и налет на магија ја води до скриената врата. Полека го завртува клучот и влегува во свет за кој никогаш не си ни замислувала дека може да постои. Првото издание на книгата било објавено во 1911 година, откако била објавувана како приказни во продолженија во „Американски магазин“. Важи за едно од најпопуларните дела на Франсес Хоџсон Барнет и еден од најчитаните британски детски книжевни класици на сите времиња. Романот повеќепати е адаптиран за филм и театар.

Новата верзија на книгата е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, и е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на: https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13687.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.