Гордана Вренцоска: Книгата „Македонски визуелен идентитет“ ќе им биде од корист на сите што се занимаваат со дизајн

Секое претставување во својот роден град Виница, за уметницата, дизајнерка и професорка Гордана Вренцоска, е многу важно, бидејќи таму, како што вели, добива искрени коментари и впечатоци од публиката. Затоа, првото физичко промовирање на нејзината книга „Македонски визуелен идентитет“ се одржа токму таму, во понеделникот (12 јули), во рамките на културата манифестација по повод празникот на градот Виница, Павловден. Книгата што беше првично промовирана онлајн, пред два и пол месеци, е во издание на „Арс Ламина“ со поддршка на Министерството за култура и Општина Виница. Промоцијата ја водеше Татјана Димовска Атанасова, уредничка во „Арс Ламина“.

– Мојата книга „Македонски визуелен идентитет: дизајнот како можност за еволуција на традициите од визуелното културно наследство“ излезе од печат во екот на пандемијата со Ковид-19, па првата промоција беше одржана онлајн. Но, периодов, заради поповолната здравствена состојба се создадоа услови и за физичка промоција, која се одржа во мојот роден град Виница. На иницијатива на културните работници од Виница и по покана на Домот на културата „Тошо Арсов“, промоцијата беше организирана во рамките на традиционалното чествување на празникот Павловден во Општина Виница. Овој град, иако е мал, е место богато со културно наследство и традиции. Публиката редовно и заинтересирано ги следи културните настани и знае да ги цени вредностите што ги нудат уметниците/авторите. Секое мое претставување во Виница за мене е многу важно, бидејќи таму добивам искрени коментари и впечатоци од публиката. Така беше и овој пат, и сите мисли и импресии што посетителите ги споделуваа ги следев со големо внимание. Секако, за целосен впечаток, тие треба најпрвин да ја прочитаат книгата за да можат да го искажат своето мислење поавтентично, но првичните импресии се одлични и добив многу комплименти за објавувањето на едно вакво дело – изјави проф. д-р Гордана Вренцоска по промоцијата што се одржа пред Градската библиотека „Ванчо Прке“ во Виница.

Промоцијата ја водеше Татјана Димовска Атанасова (лево), уредничка во „Арс Ламина“

„Македонски визуелен идентитет“ предизвика значаен интерес во јавноста, како досега единствена студија од оваа област кај нас. Книгата е круна на досегашната уметничка и истражувачка работа на Вренцоска, која ја развила идејата за истражување на визуелниот идентитет на Македонија за време на студиите во Велика Британија.

– Книгата е скратена верзија на мојата докторска дисертација, која има 522 страници и е објавена во формат што ќе може да го собере на сечија полица. Овој интердисциплинарен труд е сублимирано патување, кое траеше речиси десетина години. Појдовната точка за мене беше потребата да се препознаат, зачуваат и еволуираат автентичните визуелни културни традиции што ги има Македонија, а преку дизајнот тие да го најдат своето место во современите визуелни комуникации. Ова е со цел да се промовира културната и економската вредност на националниот бренд во глобални рамки и важната улога на дизајнот во овие процеси. За мене, објавувањето на книгата е од големо значење, бидејќи во неа се собрани сите оние истражувања, студии, дизајнерски работилници и проекти, што јас и луѓето кои беа вклучени во нив ги реализиравме со голем труд и љубов. Искрено верувам дека ќе им биде од голема корист на сите што се занимаваат со дизајн кај нас, но и на читателите од сферата на бизнисот, маркетингот, на културните и туристичките работници. Книгата допрва го почнува својот живот и се надевам дека понатаму ќе ја проширува својата публика и ќе ја инспирира помладата генерација за нови истражувања и нови достигнувања во областа на дизајнот кај нас – вели авторката.

Книгата се занимава со македонската визуелна „генетика“ и ги истражува македонските визуелни културни традиции во ерата на брзи и драматични општествени промени. Вековната борба за македонски идентитет, како и барањето на македонскиот идентитет и културен „генетски“ код, станува видлива со бурните општествени промени и револуционерните движења кон крајот на 19 и на почетокот на 20 век, а се зајакнува со сувереноста, самостојноста и независноста на Р. Македонија од 1991 година и потребата за определување на нејзината културна различност и идентитет во светски рамки. Во постмодерната ера, во која царуваат глобализацијата, интернетот, социјалните медиуми и визуелните комуникации, овој културен „генетски“ код е студиран во рамките на визуелната култура, низ призмата на народната култура и фолклорот од една страна и високата култура и уметност од друга страна, но и преку полето на поткултурите и меѓусебното испреплетување на сите овие форми во современите визуелни комуникации. Во трудот се вклучени и три студии на случај од Шкотска, Норвешка и Русија.

Проф. д-р Гордана Вренцоска дипломирала на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ, на отсекот сликарство со модно креирање. Интердисциплинарните магистерски студии по дизајн ги завршила на колеџот за уметност и дизајн „Централ Сент Мартинс“ (Central Saint Martins College of Art and Design) во Лондон, како стипендист на престижната британска програма „Чивнинг“. Докторската теза ја одбранила на Институтот за фолклор во Скопје, под менторство на проф. д-р Антоанела Петковска. Реализирала 14 самостојни изложби и учествувала во многубројни групни изложби во Македонија, Полска, Велика Британија, Италија, Германија, Белгија, Хрватска, Австрија, САД, Кина, Србија и други земји. Победила на натпреварот „Твинингс“ за дизајн на шапка во Велика Британија и е добитничка на престижниот грант за уметници на фондацијата „Полок-Краснер“ од Њујорк. Во 2018 година беше регионален победник на UK Alumni Entrepreneurial Award, награда што ја доделува Британскиот совет во Лондон. Членка е на здруженијата на уметници „УМ“, ДЛУМ и Македонски совет за дизајн. Вренцоска работи како редовен професор по визуелна уметност и дизајн на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет во Скопје, каде што во изминатите три години ја извршува функцијата декан.

Книгата „Македонски визуелен идентитет“ е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, а може и да се нарача онлајн преку интернет-страницата http://www.literatura.mk на следниот линк: https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14464

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.