Објавен вториот сет со шест детективски дела од Агата Кристи во издание на „Арс Ламина“

Колекционерски сет со шест детективско-криминалистички романи од славната авторка Агата Кристи неодамна беше објавено во издание на „Арс Ламина“. Станува збор за вториот дел од едицијата со 12 дела од Кристи. Првиот дел, со шест наслови, беше објавен минатата година, по повод стогодишнината од почетокот на нејзиното творештво.

Во вториот сет книги се најдоа: „По погребот“, „Завеса: последниот случај на Поаро“, „Мртво тело во библиотеката“, „Во 16.50 часот од станицата Падингтон“, „И не остана ниту еден“ и „Златната топка и други раскази“. Уредничка на едицијата е Надица Фирфова.

Агата Кристи е една од најславните британски авторки кои твореле во 20 век, а чијашто популарност може да се пресмета и со продажбата на рекордниот тираж од над две милијарди примероци на нејзините книги. Нејзината слава е постојана и не стивнува дури ни по речиси половина век од нејзината смрт. Постојано се јавуваат нови генерации посветени читатели и обожаватели на нејзиното творештво, а огромен број нејзини наслови биле преточени во филм, драмски изведби, радиоизведби и сл.

Огромната популарност на романите на Агата Кристи се должи на нејзиното мајсторство на пишаниот збор и начинот на кој го плени читателот со приказната. Ликовите во нејзините дела се шаренолики, заплетот интригантен, дејството динамично, локациите каде што се случуваат мистериите се хотели, возови, бродови, типични англиски села, острови, археолошки пронаоѓалишта итн., па со секој нов наслов читателот има чувство дека отпатувал некаде.

Во нејзината 56-годишна кариера Кристи има создадено и над осумдесет детективски романи и збирки раскази, како и деветнаесет сценски дела под презимето на нејзиниот прв маж, полковникот Арчибалд Кристи. А под псевдонимот Мери Вестмакот има објавено шест љубовни новели. Огромната популарност на делата на Агата Кристи е забележана и во Гинисовата книга на рекорди како најпродаван и најпреведуван автор на сите времиња. Денес, по цел век од почетокот на нејзиното творештво, сè уште постои огромен интерес за нејзините дела и се создаваат нови генерации нејзини посветени читатели.

Во 2020 година се навршија сто години од творештвото на Кристи и по тој повод „Арс Ламина“ подготви пригодна едиција од 12 наслови. Целата едиција е поделена на два дела по шест изданија, спакувани во специјално брендирани дизајнерски кутии. Во првиот сет беа вклучени: „Мистериозниот случај во Стајлс“, „Убиството на Роџер Акројд“, „Лорд Еџвер е мртов“, „Убиство во Ориент експрес“, „Смрт на Нил“ и „Зло под сонцето“.

Првиот сет беше објавен во 2020г, по повод сто години од творештвото на Кристи

Изборот на насловите е направен внимателно, со цел да се покрие поголем хронолошки опсег со оние изданија што се сметаат за најпопуларни и највредни од книжевен аспект. Во изборот доминираат наслови каде што главна личност е Херкул Поаро.

Ви ги претставуваме книгите опфатени во вториот колекционерски сет:

1. „По погребот“

Покојниот Ричард Абернети нема јасен наследник на неговиот имот, така што остава тестамент за поделба на богатството меѓу повеќе членови на неговото семејство. Собрани во Ендерби хол, викторијанската куќа на Абернети, наследниците се во очекување на објавата на тестаментот. Во таа пригода, атмосферата ја нарушува една забелешка на Кора Ланскенет, помладата сестра на Абернети, која вели: „Но, тој беше убиен, нели?“ Сите во семејството се вознемирени од оваа изјава, бидејќи Ричард Абернети се сметал за починат од природна смрт, но вистинскиот шок следува следниот ден кога ја наоѓаат Кора брутално убиена во својот дом. Господинот Ентвисл, семеен адвокат и извршител на тестаментот, го повикува својот пријател и славен детектив Херкул Поаро да помогне во расветлување на случајот. Романот „По погребот“, објавен во 1953 година, е приказна со интересни пресврти и необичен завршеток, каде што повторно до израз доаѓа генијалноста на Поаро, но, освен криминалистичкиот аспект во ова дело, авторката дава и увид во животот на Англија по Втората светска војна и нејзиното влијание врз општеството.

Книгата „По погребот“ е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ или можете да ја нарачате онлајн на следниот линк: https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14608

2. „Завеса: последниот случај на Поаро“

Херкул Поаро и капетанот Хејстингс повторно се наоѓаат во Стајлс корт, местото на нивната прва средба, каде што заедно го решаваат и својот прв случај на убиство, но овој пат средбата значи заокружување на нивната кариера во борбата против злосторствата и, воедно, нивно последно видување. Иако остарен, неподвижен, со артритис и болки, навидум се чини дека Поаро внатрешно е потполно здрав, односно дека неговиот величествен ум сè уште совршено функционира. Но, откако ќе посочи дека во пансионот каде што престојуваат со Хејстингс има петкратен убиец, а сите гости се мирољубиви ликови, се поставува прашањето дали тој можеби веќе ја губи вештината за дедукција? Во секој случај, Поаро смета дека треба да се спречи ново убиство пред да се спушти завесата за крај.

Романот „Завеса: Последниот случај на Поаро“ е објавен во 1975 година, но е напишан многу порано, за време на Втората светска војна. Агата Кристи овој роман го пишува како подарок за нејзината ќерка и го чува во банкарски сеф повеќе од 30 години. Од литературен аспект, ова се смета за едно од нејзините најдобри дела, како еден мошне возбудлив, прониклив и вешто смислен заплет со драматичен крај.

Книгата „Завеса: последниот случај на Поаро“ е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ или можете  да ја нарачате онлајн на следниот линк: https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14609

3. „Мртво тело во библиотеката“

Едно рано утро полковникот Бантри и неговата сопруга Доли ги буди вознемирувачкиот глас на куќната помошничка, која им соопштува дека долу во нивната библиотеката има мртво тело. Иако не верувајќи, тие навистина наоѓаат мртво тело на една млада, силно нашминкана девојка облечена во вечерен фустан. Никој не знае која е таа и како воопшто се нашла токму во домот на Бантриеви. Тогаш, Доли ја повикува нејзината пријателка и аматер-детектив, госпоѓицата Марпл, за да помогне во откривањето на идентитетот на девојката и расветлувањето на ова убиство. Освен за овој случај, оваа кротка, но мошне прониклива старица, ќе успее да ѝ помогне на полицијата и при расветлувањето на уште еден случај на убиство, директно поврзано со првото убиство. Романот „Мртво тело во библиотеката“, објавен во 1942 година, е необична приказна со многубројни меѓусебно испреплетени и живописни ликови, а како што велат и книжевните критики: „Не треба многу време за да се прочита ова дело, но двата случаи на убиство изобилуваат со толку мистерија околу нив, што нема да сакате да ја оставите книгата додека не се открие убиецот со помош на остроумноста и интуицијата на Џејн Марпл“.

Книгата „Мртво тело во библиотеката“ е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ или можете да ја нарачате онлајн на следниот линк: https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14607

4. „Во 16.50 од станицата Падингтон“

Госпоѓа Елспет Мекгиликади се враќа од пазарување во пресрет на божиќните празници со попладневниот воз од Падингтон. Удобно сместена на своето место во возот, задоволна со сè што купила, во еден миг станува сведок на грозоморно убиство. На несекојдневен начин, таа успева да забележи сцена во која гледа маж како ги стега рацете околу вратот на една жена, лице в лице со него, а тој безмилосно ја дави. Убиството што г-ѓа Мекгиликади го посведочува, всушност се одвива во друг воз што во тој момент бавно се разминува со нејзиниот воз. Но, мистеријата почнува кога нема да се пронајде мртвото тело на убиената жена и никој нема да поверува во приказната. Никој освен г-ѓицата Џејн Марпл, која нема да одолее на предизвикот да го реши овој необичен случај. Романот „Во 16.50 часот од станицата Падингтон“, објавен во 1957 година, а исто така и повеќепати филмуван, е едно од попознатите дела на Агата Кристи со Џејн Марпл во детективска улога. Приказната се развива со необичен тек, а читателите од почетокот, па сè до крајот се во неизвесност за тоа како ќе се случи расплетот.

Книгата „Во 16.50 од станицата Падингтон“ е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ или можете да ја нарачате онлајн на следниот линк: https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14601

5. „И не остана ниту еден“

Осум луѓе, кои меѓу себе не се познаваат и немаат никаква врска еден со друг, се поканети да дојдат како гости на Војничкиот остров од страна на извесни г. и г-ѓа Овен. По пристигнувањето таму, дознаваат дека домаќините се отсутни, но тука се г. и г-ѓа Роџерс како нивна послуга. Отсечени од копното и во неповолни временски услови, што секако придонесува за една морничава атмосфера, секоја од овие личности ќе биде обвинета за сторено злосторство преку гласот на грамофонската плоча во текот на првата заедничка вечера. Дополнително, во секоја соба каде што се сместени гостите, како украс стои врамената детска песничка „Десет мали војници“ во која тие еден по еден исчезнуваат низ низа несреќни случаи. Што ќе се случува со гостите на островот кога стиховите од песничката ќе станат злокобна најава и за нивната сопствена смрт? Секоја страница од романот е исполнета со неизвесност, возбуда и брилијантен расплет. Романот „И не остана ниту еден“, објавен во 1939 година, се смета за ремек-дело на Агата Кристи. Воедно, таа изјавува дека ова е романот со кој и таа самата е најзадоволна како бил напишан. Инаку, оригиналниот наслов на ова дело е „Десет мали црнци“, кој на американскиот пазар фигурирал како „Десет мали Индијанци“, но во поново време за наслов на книгата е прифатен последниот стих од детската песничка.

Книгата „И не остана ниту еден“ е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ или можете да ја нарачате онлајн на следниот линк: https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14602

6. „Златната топка и други раскази“

Дали се работи за гест на добра волја или, пак, злобна замка што го намамува Руперт Сент Винсент и неговото семејство на еден прекрасен имот? Колкав ли е очајот на Џојс Ламберт, сиромашна млада вдовица, чијшто единствен излез за подобар живот е да се омажи за човек кого го презира? Каква неочекувана околност ја разбранува поранешната лојалност на Теодора Дарел, неверна сопруга која штотуку е подготвена да избега со својот љубовник? Во оваа збирка раскази, Агата Кристи, иако мајстор на крими-мистериите, нè води од чудни романтични сплетки, натприродни појави и класично убиство до нови инвентивни височини.

Збирката раскази „Златната топка и други раскази“, објавена во 1971 година, ги содржи петнаесетте најдобри раскази од други три збирки („Мистеријата на лорд Листердејл“, „Загарот на смртта“ и „Проблемот на Поленса Беј и други раскази“). Овие раскази изобилуваат со моменти на романса, мистерија и неизвесност и претставуваат вистинско задоволство за сите љубители на оваа куса наративна книжевна форма.

Книгата „Златната топка и други раскази“ е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ можете или да ја нарачате онлајн на следниот линк: https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14603

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.