Извадок од романот „Брезите што шумеа крај Темза“ од Катерина Серафимовска

„Брезите што шумеа крај Темза“ е најновиот роман на авторката Катерина Серафимовска, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Серафимовска (1972) веќе три децении е присутна на македонската книжевна сцена. Член е на ДПМ од 2001 година и е автор на десет објавени книги, меѓу кои и романите: „Забранет поглед“ (1999); „Насмевка со цимет“ (2016); „Поглед полн синило“ (2017); „Небото над реката Чарлс“ (2018); „Блесок на пролетта“ (2019). „Брезите што шумеа крај Темза“ е нејзиното најново остварување.

Станува збор за слоевит роман во кој се испреплетуваат љубовта, страста, амбициите, себепронаоѓањето и простувањето. Во продолжение прочитајте извадок од романот:

Безгрижна младост

Нашата врска се одвиваше по нагорна линија, со пријатна динамика. Емили беше тип на девојка што живееше едноставно и со полни гради – сега и овде, токму во овој момент. Таа обожаваше да чита добри стари книги и да гледа иновативни европски фил мови, кои ги разбиваа стереотипите на Холивуд. Најмногу ги сакаше изложбите од мајсторите на импресионизмот и на ро мантизмот од изминатите векови, додека од дното на душата ги мразеше модерната ликовна уметност, современата архитектура и политиката.

Силно се противеше кога некој (или нешто) ја ограничуваше нејзината слобода на размислување и на однесување. Емили беше вистински уметник и живееше во поинаква димензија на перци пирање на реалноста. Беше една отворена и полетна душа… Сè што правеше во животот беше водено исклучиво од нејзините внатрешни импулси и визии за иднината, од емоциите и непо грешливата женска интуиција.

„Овој бел свет е мудар, Еди Ли“, понекогаш ми велеше таа додека лежевме заедно, стуткани на мојот тесен кревет. „Многу умешно знае да ги препознава лагите, а сè што е невистинито и вештачко, веднаш ќе биде отфрлено како такво.“

Не знам, можеби таа имаше право. Литературните кружоци на Лондон веќе го препознаваа нејзиното име, а таа полека стануваше симбол за еден млад и уникатен автор што смело ги крши правилата. Сепак, нејзиниот најголем сон беше да сотвори роман! Но, тоа не смееше да биде каква било проза, туку нешто посебно и навистина автентично.

„Волшебен роман, кој ќе го сврти све- тот наопаку“, доверливо ми шепотеше. Засега, сметаше дека сè уште нема доволно животно искуство, ниту, пак, духовен мате- ријал за да создаде такво нешто.

„Еден ден, наскоро…“, тврдеше таа занесено. „Ќе знам кога ќе се појави тој момент.“

Беше мошне едноставна девојка. Неjзе воопшто не ù требаа скапи парчиња облека, ниту, пак, посебен накит за да заблеска во сиот свој сјај. Одеше наоколу облечена во долги хипи–фустани на бретели, со босите стапала воврени во лесни кожени сандали. Дури и ако ставеше нешто на себе, тоа би биле интересни сребрени обетки украсени со зелен жад, или необични белегзии изработени од виолетов аметист. Силно веруваше во моќта на полускапоцените камења и во енергијата која тие ја пренесуваат. За неа, тие беа доказ за природната раскош и за чудесната благосостојба на светот што нè опкружува.

Кога доаѓаше кај мене дома, Емили се соблекуваше во два-три потега.

Толку едноставно, без одвишни церемонии. Потоа се љубевме без почеток и крај, без правила… Времето одеднаш престануваше да постои, а Земјата се вртеше околу Сонцето само за нас двајцата. Вратот секогаш ù мирисаше на млади полски треви и на свежи цветови. Од нејзините гради извираше чудесна поезија, од моите допири се слеваше вулканска лава…

Таа веруваше во астрологијата, во космосот и планетите.

Беше потајно вљубена во Сонцето, и самото ѕвезда од класата жолти џуџиња која се наоѓа во центарот на Сончевиот систем. Со голема жар ми зборуваше дека околу него кружат осум големи планети со нивните сателити, пет џуџести планети, а потоа астероидите, кометите и метеорите, како и честичките од космичката прашина. Сонцето ù припаѓаше на спектралната класа G2V, којашто во суштина му дава бела боја, иако тоа се чини поинакво заради атмосферското прекршување на светлината. Најпрвин се повлекуваат зраците со пократка бранова должина (сината и виолетовата светлина), па останува спектарот на фреквенции коишто нашето човечко око ги перципира како жолти. Кога  Сонцето се наоѓа ниско на небото, таму се разводнува уште повеќе светлина, а нам тоа ни изгледа портокалово или црвено.

Тоа е една совршена топка, возбудено раскажуваше таа. Оваа наша ѕвезда трпеливо кружи околу центарот на Млечниот пат на оддалеченост од приближно 27.000 светлосни години од центарот на галаксијата, движејќи се во насока на соѕвездие- то Лебед (Cygnus constellation).

„Тоа сме ние, Еди Ли, сфаќаш ли?… Ние сме создадени од енергијата на Сонцето, од неговата чудесна светлина и топлина. Всушност, постоиме и живееме благодарение на неа! Ние не сме ништо повеќе од ситна космичка прашина.“

Во главата ми се вртеше од сите овие информации. Но, пред сè, јас бев зашеметен заради сјајот во очите и природната арома на нејзината кожа, како и од нејзините нежни љубовни допири. Опиен од самата неа… Облечена во портокаловата светлина на залезот, Емили спокојно лежеше на моето голо рамо и мирно ме гледаше право в очи, шепотејќи ми:

„Се смета дека Сонцето е старо 4,6 милијарди години. А понекогаш и јас чувствувам, длабоко во своите жили, дури и покрај својата човечка смртност, дека мојата љубов кон тебе е стара толку многу. Речиси пет милијарди години… Ми веруваш ли на зборот, Еди Ли?“

Јас само молчев и ја гледав, без зборови.

Не ù верував докрај, можеби не сакав да ù поверувам. Бевме толку млади… Некој би помислил дека ние двајцата сме на некаква дрога. Ама не, ние воопшто не консумираме дроги. Само понекогаш пушевме малку трева*, набавена преку колегите од колеџот. Всушност, ние живеевме од вино и од љубов. Јас и Емили…

A времето коешто го минувавме заедно беше слатко како манастирски мед.

*Книгата „Брезите што шумеа крај Темза“ веќе е достапна во сите книжарници „Литература.мк“ и онлајн на интернет-страницата www.literatura.mk.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.