„Арс Ламина“ на тркалезна маса за детска литература на фестивалот „Литера“

Како македонската литература за деца полесно да ги премине границите на нашата земја – е темата на која вечерва во 19 часот во Чифте-амам ќе се одржи тркалезна маса, како дел од програмата на третото издание на Фестивалот за литература и илустрација за деца „Литера“.

На настанот ќе учествуваат: Татјана Димовска-Атанасова, уредничка во издавачката куќа „Арс Ламина“, Ване Костуранов, илустратор, автор на сликовници, Бистра Георгиева, авторка на сликовници за деца, Билјана Црвенковска, писателка, основачка на издавачката куќа „Чудна шума“, и Александра Јуруковска, литературна критичарка.

– Македонските книги за деца речиси и да ги нема на други јазици. На една рака се бројат авторите кои успеале да допрат до повеќе публика макар на некој од јазиците од соседството, а подалеку – многу тешко. Ни недостига ли државна стратегија? Зошто немаме агенти за литература за деца? Како да му се приближиме барем повеќе на регионот – ова се дел од прашањата што сакаме да ги отвориме – велат организаторите на „Литера“.

Димовска-Атанасова од „Арс Ламина“ ја истакнува клучната улога на оваа издавачка куќа во реактуализацијата на македонските автори за деца од сите генерации, но и во поддршката на нови имиња, не само писатели туку и илустратори за деца.

– Благодарение на искусниот тим и на целокупната поддршка во смисла на уредување, ликовно-графичко обликување, промоција кај нас и на меѓународните саеми, создадовме квалитетни изданија и едиции на кои сме особено горди. Дел од нив, како едицијата „Бајки и басни од Македонија“, што ја работиме во соработка со фондацијата „Браво сине“, и сликовницата „Девојче и мече“ од Ване Костуранов, влегоа во изборот „White Ravens“ за најдобри сто книги за деца во светот на Саемот во Франкфурт и се преведени на неколку јазици. Голем број изданија ги преведовме на англиски, француски и германски јазик и редовно ги нудиме на странските издавачи, но за да имаме поголем успех, неопходна е поддршката од ресорното министерство, која, за жал, е само декларативна. Клучот за излегување на книгите за деца надвор од границите на нашата држава е квалитетно и континуирано претставување на меѓународните саеми, финансирање преводи од македонски автори од страна на Министерството, изработка и дистрибуција на каталози, едукација на агенти кои ги нудат нашите изданија и вмрежување и партнерство со издавачи надвор од Македонија. Кога имате квалитетен производ, во визуелна и книжевна смисла, а со исполнување на претходно нотираните предуслови, не може а да не успеете – вели таа и додава:

– Охрабрени од интересот на нашиот последен конкурс за современи бајки, можеме да кажеме дека се создава нова генерација млади писатели и илустратори кои ние сме спремни да ги поддржиме и да ги поттикнеме и понатаму да творат, но нивното пробивање на други пазари е скапа инвестиција што ние самостојно не можеме да ја издржиме, особено што успехот не е загарантиран „од прва“. Потребни се години континуирана работа и презентација. „Арс Ламина“ поседува ресурси, искуство и квалитет, но без поддршка за развој и промоција на литературата за деца, изданијата од македонски автори нема да ги поминат границите на нашата земја.

Настанот ќе се одвива според Ковид-протоколите за организирање на културни настани. Стриминг од тркалезната маса ќе може да се проследи на профилот на „Фејсбук“ на фестивалот „Литера“ (www.facebook.com/Litera.mk).

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.