Извадок од романот „Лулу“ од Јана Мишо

Писателката Јана Мишо неодамна го објави својот нов роман „Лулу“, кој е насловен по главниот лик. Авторката вели дела го одбрала името сосема случајно, а потоа дознала дека дефиницијата на зборот „лулу“ е „исклучителен пример за личност или предмет“, што се покажа како интересна коинциденција. Мишо зад себе ги има и романите за возрасни „Анаис од Монмартр“ и „Скоро парижанка“, како и серијалот за млади „Јас сум Миа“, додека „Лулу“ е нејзино ново дело кое е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Во продолжение прочитајте го првото поглавје на „Лулу“, а книгата можете да ја најдете во сите книжарници на „Литература.мк“ или да ја нарачате онлајн на следниот линк

1

„Не сакам да се мажам.“

„Молам?“

Првпат го кажав тоа гласно.

А ме мачеше уште од моментот кога прифатив. Правеше да ми се лоши секогаш кога морав да бирам торти, или локација што ќе собере 300 гости, или фотограф. Ме држеше будна навечер, додека се трудев да го отфрлам како чувство, уверена дека е анксиозност од очекувањето на новиот живот што беше пред мене.

И му го кажав на келнер.

„Из… извинете?“

Кутриот човек само си стоеше таму, со моето нарачано кафе во раце, веројатно прашувајќи се дали е некако можно несвесно да ме запросил некоја секунда претходно.

Не ме запроси. А јас, совршено неоптоварена што бев ужасна и го извадив од памет овој недолжен човек, а во исто време воодушевена од новото откритие, повторив:

„Не сакам да се мажам“.

Дечкото сега веќе внимателно ја спушташе шолјата со кафе на масата, веројатно чувајќи се од она што би можело да следи. Сè уште не коментираше, веројатно превентивно.

„Ова е неверојатно“, реков, откако конечно го погледнав.

„Сигурно, да…“ почна воздржано.

„Морам да му кажам!“ извикав.

„Па, мислам дека морате, да…“ рече тој, малку посигурен во себе, откако сфати дека моите извици немаат врска со него.

Не можев да чекам ни една секунда. Станав, ја грабнав чантата и истрчав на улица како некој да ме брка.

Не сакам да се мажам!

Едноставноста на тие зборови беше неподнослива. Олеснувањето со кое ме исполнуваа беше невидено. Како да можев да летам. И летав, едвај го чувствував тротоарот под стапалата, додека брзав кон станот каде што живеев со мојот свршеник во последните неколку месеци.

Морам да му кажам. Мора да разбере.

Супер дечко беше, помислив, додека се разминував со луѓе чии животи се комплицираа на други начини, за кои во тој момент немав време да размислувам. Супер дечко што не можев веќе да го поднесам. Одамна не можев. Треба да ти е во ред кога твојот човек ќе ја покаже и лошата, иритантна, кенкава страна. Не треба да сакаш да го треснеш со тавче. Не е виновен. Само му треба жена што ќе го цени. Што нема да ù пречи што никогаш сам не резервирал во ресторан и секогаш од нејзе ќе чека. Што нема да се нервира кога по којзнае кој пат ќе ù се јави на мајка му да ја праша што мисли, а би требало со тебе да донесе одлука.

Заслужува некоја што сака да пешачи во природа.

Брзав и се прашував како успеав да завршам во таа ситуација.

Во ред, добро, знаеше да биде и прекрасен. Првите состаноци што ги имавме ги организираше на многу симпатични начини. Се трудеше дури и со романтични изненадувања, без разлика што не бев воодушевена ни од романтика, ни од изненадувања. Често знаеше да се разбуди пред мене и да направи фантастичен појадок.

Забавив.

Што правам?

Не дека сигурноста ме напушташе. Не сакав да се омажам за него. Но, тој беше добар, и во моментот сигурно се подготвуваше за работа, комплетно несвесен дека трчам да му го променам животот, и тоа не како што се надева. Нели свршувачката требаше да значи дека нема да си правиме такви работи?

Каква е таа личност што е способна така да унесреќи човек што секогаш ја чека да се врати дома за гледање серија, и не притиска плеј ни минута порано?

О, боже.

Јас сум ужасен човек.

А сè друго?

Свадбата е за седумнаесет дена. На колку само луѓе треба да кажам, откако ќе му кажам нему!

Покрај мене помина кола со огромна брзина и ме промаши за влакно. Да ме удреше, тогаш свадбата секако ќе мораше да се одложи… Никој не би ме мразел… И би можела помазно да се извадам…

И тогаш се фатив како правам план да се доведам на чекор од смрт за да не морам да се мажам, и пак го забрзав чекорот.

Фин или кенкав, морам да му кажам.

Не сакам да се мажам.

Во лифтот влегов со преполовен ентузијазам. Навистина го сакав едно време. Не можев ни да се сетам кога престанав и зошто. Само знаев дека ако не сакам да завршам на нервно, морав

нешто да кажам.

А тој заслужува толку многу подобро, си мислев додека ја отклучував влезната врата. Вратата од нашиот прв стан, што заедно го биравме и го уредувавме, каде што готвевме заедно и каде

што требаше божем да ни почне заедничкиот живот.

Кога влегов во ходникот, дури и се поднасмевнав. Може да ми недостигаат ведрите утра овде. А сепак, не доволно за да ја истерам до крај оваа претстава и да се осудам на живот што не сакам да го живеам. Со таа тажна насмевка, влегов во дневната соба каде што го видов, мојот наскоро-поранешен свршеник, на синиот кауч за кој се каравме дали да го купиме, па поминавме прекрасна прва вечер гледајќи филмови на него.

И тој имаше насмевка на лицето.

И непозната жена над него.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.