Билјана Стојоска-Златков: Со читање се развиваат когнитивни вештини што се важни детето да биде успешно на училиште

Учењето често предизвикува стрес кај децата, бидејќи се соочени со нешто ново и непознато што треба да го усвојат до степен на знаење и примена. Од тие причини, едукативните книги треба да бидат пријатели на децата во процесот на учење, вели главниот уредник на програмите за образование во издавачката куќа „Арс Ламина“, Билјана Стојоска-Златков. Таа дава посебен поглед на книгите за деца со оглед на тоа што нејзин основен фокус се токму учебниците, едукативните изданија и дидактичките материјали за ученици од основно и средно образование.

* Зошто читањето е важно за децата?

Децата треба да имаат пристап до сите видови литература, бидејќи тоа е исклучително важно за нивниот успех. Едукаторите, родителите и членовите на заедницата треба да им помогнат на учениците да развијат љубов и страст кон читањето. Читањето не само што е важно во развојот на когнитивните вештини за да може детето да успее во училиште или работа туку тоа е важно и од други причини. Детската литература е важна затоа што: учениците ги развиваат чувствата кон литературата воопшто; им се дава можност да го препознаат и да го ценат сопственото културно наследство, но и да го почитуваат туѓото; им помага на учениците да развијат емоционална интелигенција и креативност; се негува раст и развој на личноста и социјалните вештини на ученикот и се пренесуваат важни литературни дела и теми од една генерација до друга.

* Кои се најголемите предизвици во процесот на создавање на едукативни книги за деца?

Учењето често предизвикува стрес кај децата, бидејќи се соочени со нешто ново и непознато што треба да го усвојат до степен на знаење и примена. Од тие причини, едукативните книги треба да бидат пријатели на децата во процесот на учење.

Содржините што се усвојуваат треба да бидат претставени со многу визуелни помагала, примери и добро организирани текстуални објаснувања.

Темите треба да се изучуваат од полесното кон потешкото, со постапно продлабочување и проширување на материјалот. Едукативната книга треба да биде една голема скала во која до знаењето се чекори постапно, но и во процесот на чекорење се учи за да се постигнат очекуваните резултати на крајот и да се реализираат поставените цели.

* Кој учествува во изработката на едукативни книги и колку е важна добрата соработка на целиот тим?

Едукативните книги ги креира тим составен од автори, дизајнер, лектор и уредник, кои постојано соработуваат и комуницираат во целиот процес на создавањето на книгата. Автори се стручни лица од областа за која се пишува во книгата. Тоа се најчесто практичари со големо искуство во работа со деца на соодветната возраст од соодветната област. Во тимот е вклучен и дизајнер кој има многу важна улога при визуелното прикажување на идеите што треба да се пренесат кај учениците. Секако, јазикот е важна компонента во учењето, бидејќи од овие книги се учи и соодветната стручна терминологија. Книгите се пишуваат на стандарден литературен јазик и за тоа е задолжен лекторот. Целата работа на сите во тимот ја координира уредникот на книгата. Уредникот се грижи книгата да ја постигне својата цел: да може читателот да научи нешто, а воедно и да не почувствува стрес и тешкотии при учењето.

* Од какви книги денес сакаат да учат децата?

Новите генерации ученици сакаат учењето да им биде лесно и забавно. Нивниот фокус на она што го учат е краткотраен и затоа материјалот мора да биде добро осмислен и концизен. Истражувањата покажале дека децата, па и возрасните, најдобро учат преку игра и преку истражувачки активности. Едукативните книги денес треба да бидат богати со активности и игри соодветни на возраста на детето. Едукативниот материјал треба да се учи преку сложувалки, загатки, крстозбори, лавиринти и слично.

* Како би можело да се поттикне желбата за читање и учење кај децата?

Клучот за поттикнување навики за читање кај децата е читање со нив дома од мали нозе. Читајќи често заедно, детето ќе научи од прва рака на радостите што може да ги донесе читањето, помагајќи му да развие мотивација за читање. Сепак, секој ученик учи и обработува информации на различен начин. Па, така, некои деца имаат природна љубов кон читањето и учењето, а некои не. Развивањето навики на учење може да се прави од најмала возраст така што ќе се играат игри во кои се бара да се погодуваат гатанки и загатки соодветни на возраста; ќе се составуваат сложувалки според одредени правила (на пример, танграм); ќе се решаваат лавиринти, игри стратегија и слично.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.