Оливер Коларевски: Моите цртежи често се инспирирани од видео-игри, но од тие што ја збогатуваат имагинацијата

Цртањето, создавањето на интересни ликови и светови, како и илустрирањето приказни раскажани од други се најголемите пасии на Оливер Коларевски. Работел на многу книги за деца како илустратор, а во своето богато портфолио ја има и сликовницата „Мистериозното јајце“ на која е и комплетен автор и која е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Вели дека црта буквално од една година, креира оригинални ликови и светови, а кога илустрира, тогаш преферира да има максимална креативна слобода со цел навистина да ѝ даде живот на илустрацијата. За среќа, досега во сите проекти за илустрација таквата креативна слобода му била допуштена и искрено уживал во секој од нив.

* Кога првпат одлучи да се испробаш и како автор на „Мистериозното јајце“?

„Мистериозното јајце“ почна како едноставен проект за факултет, што потоа го развив во финалната сликовница што ја имаме денес. Генерално, типот на приказни што сакам да ги раскажам и за кои имам идеи се малку покомплексни и за малку поголема возраст на деца. Така, „Мистериозното јајце“ е исклучок што излезе подобро од очекуваното. Сепак, благодарение на едноставноста на книгата мислам дека јасно успеав да ја пренесам пораката дека детската фантазија е бескрајна. Всушност, фантазијата на човекот, без оглед на возраста, нема граници и со неа можат да се создаваат најразлични фасцинантни нешта.

Илустрација од сликовницата „Мистериозното јајце“

* Со кои твои проекти најмногу се гордееш и на што работиш во моментов?

Не можам да издвојам еден проект со кој најмногу се гордеам. Секој од моите проекти е работен со голема љубов и уживање. Дури и оние што подоцна донеле големо разочарување биле работени со љубов, внимание и радост, па така ги сакам и нив. Кога се навраќам и ги гледам моите минати проекти, секогаш ги доживувам како првиот пат кога сум работел на нив, мојот процес на работа е малку чуден. Кога ќе го прочитам текстот за илустрирање или ќе ја замислам приказната, јас го доживувам и го гледам тоа како еден комплетен цртан филм со движење, анимација, режија, звук. Кога се навраќам на моите изминати проекти, повторно го доживувам тоа, па така, колку и да ги согледувам нивните технички недостатоци, воопшто не ми пречи тоа, бидејќи се сеќавам прво и пред сè на убавите моменти при нивното создавање. Многу уметници не си ги сакаат своите претходни дела, ги гледаат само од технички аспект и се осудуваат себеси за недостатоците при цртањето или сликањето. Јас ги согледувам тие недостатоци, разбирам дека во тој период од животот тоа било најдоброто што сум можел да го направам, учам од своите грешки и доколку можам, се обидувам да не ги повторувам. Но, никогаш не гледам на своите минати дела со негативни чувства. Не сум перфекционист, едноставно сум човек кој сака да го искаже тоа што му лежи на душата преку цртеж или приказна на најдобар можен начин. Во моментот илустрирам детска книга за клиент од Америка, Ана Светчников, која работи како семеен психолог и има издадено и напишано околу 40 книги за деца. Некои од овие книги таа ги користи и во својата дејност со цел полесно и подобро да им помогне на децата и полесно и подобро да им ги разјасни проблемите и ситуациите со кои тие често се соочуваат. Во моментот книгата на која работам со Ана е акциска авантура сместена во еден фантастичен свет. Понекогаш работам и на едноставни проекти како поединечни илустрации или дизајн на ликови за кои можам да најдам време додека работам на голем проект.

Илустрација за новиот проект кој Оливер Коларевски го работи во Америка

* Што најмногу те привлекува кон литературата за деца?

Искрено, не сум запознаен многу со детската литература, моите интереси се прво и пред сè во цртаните филмови и видео-игрите, што се главна инспирација за мојот стил на цртање и за приказните што сакам да ги раскажам. Дури и „Мистериозното јајце“ е инспирирана на еден начин од една прекрасна видео-игра по име „Ni No Kuni“, во која на еден фантастичен и искрен начин е прикажана детската фантазија и начинот на кој едно дете, по име Оливер, се справува со загубата на неговата мајка. Видео-игрите се медиум чијашто вистинска креативна вредност на нашите простори е речиси непозната, и покрај неговата популарност. За жал, децата во Македонија, и покрај тоа што ги сакаат и ги играат видео-игрите, во најголем број не се запознаени со оние видео-игри што би ја збогатиле нивната креативност и имагинација.

Илустрација на Оливер Коларевски за сликовницата „Тито и Дино“

* Колку е важна соработката со сите учесници во процесот?

Без оглед на тоа што се работи, добрата комуникација и соработка е клуч за проектот да биде правилно и успешно изведен. Секогаш треба јасно и искрено да се дискутира проектот, неговите позитивни и негативни страни. Важно е илустраторот да има солидна претстава колку време би му било потребно да го заврши проектот и тоа јасно и искрено да го каже на клиентот. Од друга страна, клиентот треба да биде јасен што бара и колку креативна слобода му дава на илустраторот. Илустраторот прво и пред сè треба пријателски и отворено да му пристапи на клиентот чијашто приказна ја илустрира, да дискутира со него/неа за дизајнот на ликовите или просторот и заедно да дојдат до решение што ќе одговара на двајцата. Доколку клиентот нема одредена замисла за визуализацијата на текстот, во тој случај останува на илустраторот да го интерпретира на најдобар можен начин, да направи пробни цртежи и да види дали тоа што го замислил му се допаѓа на клиентот. Најчесто, ова оди без никакви проблеми и клиентите се задоволни. Во спротивен случај, ќе се направат некои промени и ќе се дојде до соодветното решение. Сепак, илустраторот треба и мора да знае да ги почитува својот труд и својата способност, не смее да дозволи да биде манипулиран од клиентот и константно да прави најразлични помали или поголеми промени на илустрациите што само ќе ги исцрпи и клиентот и илустраторот и ќе има негативни последици на проектот. Сосема е во ред да се прифати критика, но треба да се внимава која критика се прифаќа и колку таа критика е врзана во уметничкиот израз на илустраторот и неговиот интегритет.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.