Шарен избор на топ 5 книги според уредникот Филип Видиновски

Уредникот во издавачката куќа „Арс Ламина“, Филип Видиновски, направи селекција на топ 5 книги што секој читател мора да ги прочита. Неговиот избор е разновиден – од дела за претприемништво до изданија насочени кон биткоин-ентузијастите, начинот на чување на храната, кинеската наука и уметност, па сè до светот на автомобилите.

Книгите што ги одбра Видиновски можете да ги погледнете во продолжение и да дознаете нешто повеќе за нив, а воедно секое од овие изданија може да се најде во книжарниците на „Литература.мк“ или онлајн преку интернет-страницата www.literatura.mk

Филип Видиновски

Како ја изгубив невиноста? (второ издание)“ – Ричард Бренсон

Оваа книга е задолжително четиво за секој што има макар и површен интерес за светот на бизнисот и претприемаштвото. Но, таа е и многу повеќе од тоа. Оваа автобиографија нуди не само извонреден увид во начинот на размислување на еден од најуспешните деловни луѓе во историјата туку и пластичен опис на историските случувања во последните неколку децении, опишани на начин неоптоварен од актуелните политички наративи.

Како Ричард Бренсон за малку ќе ја спречел воената интервенција против Садам Хусеин? Како успеал да обезбеди дозвола за прелет преку Кина со својот балон? Како извојувал победа против една од најголемите и најстарите авиокомпании на светот? Како Нелсон Мендела учел да плива во неговиот базен? Зошто младиот Мајк Олдфилд за малку не го откажал својот прв и веќе распродаден концерт? Со овие и уште многу други историски детали, оваа книга гарантирано ќе го задржи вниманието на читателот од првата до последната страница.

Дигитално злато“ – Натаниел Попер

Веројатно нема подобро време за читање на оваа книга од… сега! „Дигитално злато“ е досега најобемната историја на биткоинот и претставува возбудлива приказна наменета како за биткоин-ентузијастите, така и за неупатените во областа на криптовалутите. Ова исклучително читливо и возбудливо четиво ја следи несмасната работа на основачот на „Мт. Гокс“, Марк Карпелес, подемот и падот на „Патот на свилата“ и деловните авантури на биткоин-проповедниците.

Можеби уште поважно, оваа книга содржи посебен дел со објаснување на сите технички и нетехнички поими поврзани со оваа област, и тоа на лесен и разбирлив македонски јазик! Книгата „Дигитално злато“ е задолжителна литература за секој што сака навистина да го разбере она што многумина го сметаат за најголем пронајдок после интернетот!

Пакување храна: принципи и практика“ – Гордон Л. Робертсон

Кога ќе ме прашаат која книга, од оние што сум ги уредувал, ми оставила најголем впечаток, многумина не ме сфаќаат сериозно кога ќе им кажам дека тоа е книгата „Пакување храна“. Сепак, тоа е жива вистина. Оваа книга не само што е најсовремена обработка на една древна и суштински важна тема – како храната да ги зачува своите својства подолго време – прави и нешто можеби уште поважно: растура една цела низа здодевни митови за спакуваната храна и нејзините својства. Дали знаевте дека млекото во тетрапак не содржи никакви адитиви? Дали знаевте дека инстант-кафето е најчистото и најприродното кафе што можете да го купите?

Дури и ако само го прочитате фантастичниот воведен дел, ќе ви биде отворен еден нов, подобар увид во храната и пијалаците што сите ги консумираме секојдневно. Елегантните, генијални технички решенија, неочекуваните предизвици и нивните анализи, како и придобивките без кои современиот живот не е возможен, ќе го претворат следното влегување во самопослуга во фасцинантно искуство, а ирационалните, бесмислени грижи за својствата на храната ќе потонат во заборав. Воедно, книгата може да послужи и како одличен, темелен речник за широки области во доменот на хемијата, биологијата и технологијата.

Кинески мозаик“ – Виктор Урумов

Дали знаете кој е најголемиот град на светот? Чонгчинг е најголемиот град на светот. Во споредба со неговите преку 30 милиони жители, Лондон, Париз, Бангкок и Сао Пауло изгледаат како провинција. Но, фактот што повеќето од вас сега по првпат слушнаа за Чонгчинг зборува многу. Зборува за една голема дупка во нашата визија за светот во која недостигаат некои од најкрупните компоненти. Кинеската цивилизација се протега повеќе милениуми длабоко во човековата историја, а нејзиниот навидум незапирлив економски подем сугерира дека нејзиното темелно влијание ќе се протега не помалку милениуми во иднината. Сепак, Кина парадоксално отсуствува не само во книжевната понуда на нашиот пазар туку и во академскиот свет. Во учебниците по историја и географија Кина е само спомената, а учебниците по филозофија, математика, литература и инженеринг, се чини како да ги заобиколуваат дострелите на кинеската наука и уметност.

Професорот по физика Виктор Урумов протестира против ваквата состојба. Според мотото „доколку не можеш да ја најдеш книгата што ја сакаш – напиши ја“, фрапантното отсуство на изданија посветени на Кина тој барем малку го ублажи со оваа фантастично напишана и обилно илустрирана мини-енциклопедија што барем симболично ќе ја коригира оваа бизарна ситуација во која македонскиот читател речиси и да нема што да прочита за Кина на македонски јазик.

Преглед на класични автомобили“ – Михаел Герман

Автомобилите се резултат на прекрасниот брак помеѓу технологијата и функционалноста. Во книгата „Преглед на класични автомобили“ ќе навлеземе длабоко во светот на најценетите автомобили на планетата – ретки, совршени и привлечни. Преку фантастични колор-фотографии со квалитет што го одзема здивот и испечатена во врвна технологија на најквалитетна хартија, книгата нè води низ колекциите на некои од најпознатите колекционери на класични автомобили во светот. Нивните интимни автомобилски приказни и фантастични анегдоти ни даваат увид во нивниот свет исполнет со километри патешествија, коњски сили и хармонични звуци на менувачот и моторот.

„Преглед на класични автомобили“ е сериозна инвестиција во духовната надградба на вљубениците во автомобилизмот. Текстуално илустрирана од Михаел Герман и Јирген Левандовски, а редактирана од цел конзилиум на врвни познавачи, оваа раскошна студија за уметничките дела на четири тркала ќе погоди директно во срцето како на познавачите, така и на неупатените, со подмолниот спој на убавина и моќ што можат да ја поседуваат металните машини.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.