Гордана Вренцоска: Со книгата „Македонскиот визуелен идентитет“ имав цел да ја истакнам вредноста на нашите визуелни традиции во овој глобален свет

– Книгата е насловена „Македонски визуелен идентитет“, но поднасловот „Дизајнот како можност за еволуција на традициите од визуелното културно наследство“, во суштината, го одредува фокусот на ова дело. Идејата за истражување на идентитетот дојде со моето студирање во Велика Британија, каде што соочувањето со новата култура ми даде и друг поглед на тоа: која сум, каде припаѓам, кој е мојот идентитет, какви се македонските традиции и како тие функционираат во глобални рамки. Ќе го парафразирам Џорџ Орвел, кој вели дека само тогаш кога ќе се изложите себеси на поразлична култура од вашата, дури тогаш почнувате да ги сфаќате и своите сопствени убедувања – истакна дизајнерката, уметница и професорка Гордана Вренцоска на промоцијата на нејзината книга „Македонски визуелен идентитет“, која вчера (23 март) беше промовирана на фејсбук-страницата на издавачката куќа „Арс Ламина“.

Онлајн-промоцијата ја водеше уредникот на изданието Филип Видиновски, кој потенцираше дека станува збор за раскошно дело со повеќе од 300 страници што е графички дизајнирано во тесна соработка со авторката. Тој истакна дека фокусот на делото е тоа како визуелните уметнички традиции што се провлекуваат низ историјата ја наоѓаат својата реинкарнација во денешниот комерцијален и друг вид дизајн.

– Јас сум дел од една генерација која живее во сосема нова општествена реалност, време на глобализација, во свет што ја живее својата дигитална револуција, а имаме традиции што не се пренесени успешно во денешниот глобален свет. Традициите се начин на пренесување на културните вредности од претходните на следните генерации. Како уметник и дизајнер сакав да истражам и да најдам начини како нашата држава да ги искористи своите културни вредности и вековни традиции и на современ начин да ги пренесе во овој глобален свет. Како оваа мала, но интересна држава, да ја направиме компетитивна во денешниот свет. Мора и на самиот дизајн да му дадеме можност и да го признаеме како средство и можност да одиме напред – посочува Вренцоска и додава дека е задоволна што во изминатите петнаесетина години се отворија нови факултети за дизајн и школи од сферата на неформалното образование, кои помагаат повеќе луѓе да се обучат во оваа област.

Пожелно е колку што е можно побрзо и државните институции да ја препознаат важноста на дизајнот и да вложат во обучување на теоретичари за дизајн, на дигитализација на ресурсите од културното наследство, како и на отворање музеи за дизајн, каде што младите ќе можат да видат што направиле претходните генерации на дизајнери и да се запознаат со историјата со цел да се надоврзат врз неа.

Гордана Вренцоска дипломирала на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ, на отсекот сликарство со модно креирање. Интердисциплинарните магистерски студии по дизајн ги завршила на колеџот за уметност и дизајн „Централ Сент Мартинс“ (Central Saint Martins College of Art and Design) во Лондон, како стипендист на престижната британска програма „Чивнинг“. Докторската теза ја одбранила на Институтот за фолклор во Скопје, под менторство на проф. д-р Антоанела Петковска. Реализирала 14 самостојни изложби и учествувала во многубројни групни изложби во Македонија, Полска, Велика Британија, Италија, Германија, Белгија, Хрватска, Австрија, САД, Кина, Србија и други земји. Во моментов работи како редовен професор по визуелна уметност и дизајн на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет во Скопје, каде што ја извршува и функцијата декан.

Целата промоција на книгата „Македонски визуелен идентитет: дизајнот како можност за еволуција на традициите од визуелното културно наследство“ може да се проследи на фејсбук-страницата на „Арс Ламина“ на следниот линк.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, како и да се нарача онлајн преку интернет-страницата www.literatura.mk.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.