Кои се топ 5 книгите според уредничката во „Арс Ламина“, Бисера Бендевска?

Во рамки на нашиот нов серијал „Нашите уредници препорачуваат“, следните препораки за топ пет книги „доаѓаат“ од уредничката во „Арс Ламина“, Бисера Бендевска. Таа издвојува дела од различен жанр и за сечиј вкус, следејќи ја препораката дека вистинските читатели се љубопитни за секоја книга. Во продолжение прочитајте кој е нејзиниот избор и зошто се одлучува токму за овие изданија.

Бисера Бендевска

Таа ноќ ја видов“ од Драго Јанчар

Минатата година, за овој роман, Драго Јанчар ја доби престижната национална книжевна награда – „Кресник на деценијата“ што ја доделува весникот „Дело“. Својата одлука за изборот, жири-комисијата ја поткрепи со зборовите: „(’Таа ноќ ја видов‘) е еден од најдобрите книжевни текстови за Словенците заплеткани во Втората светска војна и во меѓусебните односи“.

И во овој роман Јанчар ја покажува својата мајсторија како врвен стилист, но и книжевен практичар, па низ призма на пет ликови, ни ја раскажува приказната за младата и убава буржујка Вероника Зарник, опфаќајќи неколку години од нејзиниот живот и мистериозното исчезнување. Ова е многуслоен роман што ги тематизира турбулентните времиња во Словенија пред и за време на Втората светска војна; времиња што како Молох ги проголтувале не само луѓето со различни убедувања вклучени во историските случувања туку и оние што живееле на маргините на ваквите настани и кои не го разбирале во целост тоа што се случувало околу нив – едноставно, само сакале да живеат. Но, тогаш „само“ да се живее било илузија. Тоа било време кога дури и во навидум сигурното и идилично прибежиште на дворецот на Зарник било неможно да се избегне незапирливиот налет на насилството.

Спортски стории: записи, настани и сеќавања“ од Зоран Михајлов

Во оваа збирка тукуречи дневнички записи, Зоран Михајлов нè носи на голем број важни спортски настани низ светот на кои учествувале македонски спортисти, доближувајќи ни го нивниот натчовечки напор во постигнувањето резултати вредни за светската почит.

Благодарение на неговиот професионален повик, низ овие страници Михајлов ни врши директен пренос од светските борилишта, притоа не одминувајќи ги и важните историски настани што директно влијаеле и врз спортските случувања, како што е немилиот настан на олимпијадата во Минхен во 1972 година.

Неговиот анегдотски начин на пишување и раскажување би ги привлекол и читателите кои не се интересираат премногу за спорт, па затоа сметам дека „Спортски стории“ е книга за сечиј вкус.

Рико, Оскар и таинствените сенки“ од Андреас Штајнхефел

Од сите книги за деца кои сум ги прочитала досега, овој роман е во блага предност пред другите и затоа сесрдно го препорачувам и на млади и на возрасни читатели.

Рико е момче кое себеси се смета за скромно талентирано, затоа што размислува малку побавно од другите, но тој е вистински махер за забележување детали. Тој се здружува со Оскар, кој е гениј кој постојано носи безбедносен шлем на главата за да го заштити својот мозок. Рико е бестрашен, а стравовите на Оскар магично исчезнуваат кога двајцата другари се заедно. Двајцата заедно се добитна комбинација кога станува збор за разрешување мистерии, а прв на удар е опасниот киднапер – Мистер 2000.

Она што ја прави посебна оваа книга е што нарацијата ја води Рико, кој е аутистично момче, па низ неговиот светоглед – можеме барем за миг да погледнеме низ очите на децата со аутизам. Авторот многу умешно го извел тоа, за да биде уверливо и автентично. Токму затоа оваа книга нуди уникатно читателско искуство. Освен тоа, таа е полна со духовити досетки и забавни ситуации, што верувам ќе ве натера често да ѝ се навраќате и да ја препорачувате или да ја подарувате.

Барби од подрумот“ од Маша Колановиќ

Денес, куклите барби излегоа од мода, но во едно не толку далечно минато може да се каже дека беа симбол на едно поинакво детство. Иако беше престиж да се имаат оригиналните, Мателови кукли, не се сметаше за нерешлив проблем кој каква барбика поседува, затоа што важно беше играта да не страда. Оригинали секако немаше, па сите беа пресреќни ако некој роднина од странство испорачаше барбика со сè целиот движен и недвижен имот (тука спаѓа и нејзиниот сопруг Кен).

Во книгата на Маша Колановиќ, барбиките еволуираа во преносен мемориски предмет во кој детално се впишани сеќавањата на едно детство и на еден живот што неповратно ќе бидат променети од тревожните борбени сирени – воедно и единствена закана на тој бескласен свет на барбиките (и на луѓето).

Како што ќе напише Миљенко Јерговиќ во поговорот кон оригиналното издание, „ова не е никаква лесна литература, иако се чита многу лесно. Тешка е како оној оловен војник на Х. К. Андерсен… ’Барби од подрумот‘ е страшна, смешна и мрачна како детството. Таа е последното детство во Југославија и првото во Хрватска“.

Окото на волкот“ од Даниел Пенак

Силна и емотивна приказна за две идентични судбини – едната човечка, а другата – животинска. Едно африканско момче-сираче ќе помине низ низа премрежиња додека стигне до сигурното прибежиште во домот на двајца добродетели кои го посвојуваат и го носат во Другиот Свет, во подобра иднина. Во „подобрата“ иднина го запознава волкот од Големиот Север, кој од спротивната страна на кафезот, преку едното око му ја раскажува својата тажна приказна, како се нашол од слобода – во затвор. Двајцата наоѓаат утеха во оваа средба, затоа што нивните врвици се тешки и тие во тешкотијата се разбираат.

Ова четиво нуди катарзично искуство, а тоа се должи на лаконските реченици на писателот Даниел Пенак и на ефектните илустрации од познатиот стрип-цртач Жак Ферандез.

Сите книги може да се најдат во книжарниците „Литература.мк“ или онлајн да се нарачаат преку веб-сајтот www.literatura.mk

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.