Јоти Поповски: „Животниот пат на иноваторот“ е сведоштво за мојот бурен и продуктивен живот

„Млади иноватори, никогаш не се откажувајте од вашите соништа и идеи“, вели еден од најпродуктивните домашни пронаоѓачи, Јоти Поповски кој е троен добитник на престижната награда од „Енерџи глоуб“, а неговата експериментална пречистителна станица е инсталирана и на Антарктикот. Книгата „Животниот пат на иноваторот“ на Поповски, во која тој зборува за неговиот бурен и интересен живот е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“ и веќе е достапна во сите книжарници „Литература.мк“ како и да се нарача онлајн на следниот линк.

Со господинот Поповски разговаравме за неговата богата професионална биографија како и за мотивацијата на новите генерации на иноватори во земјата.

* Може ли да ни кажете нешто повеќе за вашата книга „Животниот пат на иноваторот“ и за кого е наменета?

Книгата „Животниот пат на иноваторот“ е напишана по инсистирање на мојата фамилија како сведоштво на мојот бурен и продуктивен живот. Освен интимната автобиографска нота што ја носи во себе, книгата е впрочем наменета за сите идни млади македонски пронаоѓачи, иноватори, кои сметам дека ги има многу во нашата земја, да не се откажуваат од своите идеи и нивните остварувања и по цена на многуте тешкотии со кои ќе се соочат во својот живот.

* Што Ве мотивираше да го напишете ова дело?

Многубројните професионални остварувања со текот на времето се забораваат. Јас си дозволив со оваа книга да оставам еден документ за нивното постоење и ефикасност корисна за сите.

* Зошто одлучивте да соработувате со издавачката куќа „Арс Ламина“?

Можноста за соработка со издавачката куќа „Арс Ламина“ ја дознав од еден свој пријател, за понатаму да прерасне и во директна и долгогодишна професионална соработка во издавањето на моите три книги од нивна страна. Но, за оваа книга морам да истакнам дека освен мотивирачкиот импулс од страна на уредникот Филип Видиновски, размислувањата и поттикот да ја доведам оваа книга до овој свечен чин – нејзино издавање, со Филип прерасна во најпријателска дружба. Со тоа, нејзината промоција ќе нѐ потсетува и на сите наши дружења, моменти и разговори што ги поминувавме заедно, обликувајќи го ова дело, за коешто секој од учесниците во „Арс Ламина“ го вложи својот удел, од лекторското обликување до графичкото.

* Може ли накратко да ни го претставите вашиот професионален пат?

Мојот професионален пат е започнат од дамнешната 1962 г. (во Јаши, Романија) како дипломиран инженер технолог на Факултетот за индустриска хемија, и најкратко би можел да се подели во два дела: првиот како вработен во различни државни институции, и вториот, како основач на фирмата „Еколошко биро“ со седиште во Скопје од 1993. Во првата фаза се стекнав со професионалните искуства, во најразлични хемиски погони и фабрики во Романија и тогашната Југославија, а во втората како самостоен екологист со реализирани 56 прочистителни станици во 12 земји од 3 континенти. Инаку сум магистер по еколошки науки, со мастер во Белград. Србија. Подетално за мојот професионален пат, се надевам напишав во мојата книга.

* Едно од достигнувања кое најмногу беше истакнато во домашните медиуми е инсталацијата на вашата пречистителната станица на Антарктик. Дали би можеле да ни кажете нешто повеќе за овој проект?

Прочистителната станица (2009) на Антарктикот е изградена како експериментален проект, за една меѓународна научна експедиција поддржана од Бугарија. За мене, освен задачата како иноватор на прочистителни станици за прочистување на водите, нејзиното проектирање и изградба во климатски услови со толку ниски температури беше голем предизвик, уште повеќе што истата претставуваше единствена станица за прочистување на отпадните води во Јужниот пол.

* Вие сте добитник на наградата од „Енерџи Глоуб“. Може ли да ни објасните за кои проекти сте добитник на ова признание?

Наградата од „Energy Globe“, организацијата од Виена, од областа на енергетската ефикасност и обновлива енергија ја добив трипати за иновациите: Анаеробна прочистителна станица со континуирана биофилтрација (2008, Брисел) за Филтерска постројка за SO2 и димна прашина (2009, Прага), како и за примената на Анаеробната прочистителна станица со континуирана биофилтрација (2011, Виена). Ја користам и приликата да ги истакнам и престижните награди како што беше златниот медал на меѓународниот саем за иновации „Еурека“, 2001, Брисел, златниот и сребрениот медал во Јена, Германија (2011, 2012) и други, но секако и оние од македонска страна златната плакета добиена на „Макинова“, 2014, Скопје, и „Патентот на годината“, во истата година.

* Вашата работа е генерално насочена кон екологијата и зачувување на животната средина. Како би ја оцениле Македонија во оваа сфера?

Македонија би била високо развиена еколошка земја доколку културата на живеење, со фрлање отпадоци насекаде би се забранила и со закони. А, по однос на отпадните води, вклучително и индустриските, истите да се прочистуваат преку прочистителни станици, чијашто вода понатаму ќе може да се користи како техничка. Ваквиот еколошки стремеж, како и економско оправдан елемент видно ќе ја подобри сегашната ситуација во нашата земја. Исто така, мошне важна е и соработката со истражувачите и иноваторите во Македонија, кои ги има во голем број, за нивните пронајдоци да се искористат во насоката на екологијата и подобрување на животната средина.

* Што сметате дека во нашата земја е приоритетно да се промени за да се подобри и состојбата со екологијата и особено со чистиот воздух?

Во однос на подобрување на загаденоста во Македонија, особено во поголемите и индустриски градови, вредно е да се напомене забраната за користење на гуми и пластики како горивно средство, но, исто така, за поголемата потрошувачка да се користат горивата со мала концентрација на сулфур. Во обидот за чист воздух, по однос издувните гасови од фабрики и оџаци, исто така треба да се користат филтри.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.