Деведесет и деветти роденден на Блаже Конески, една од најзначајните личности во поновата македонска историја

Блаже Конески е македонски книжевен, културен и јавен работник, академик, поет, прозаист, есеист, книжевен историчар, филолог и јазичар, преведувач, професор на Филозофскиот факултет во Скопје, академик и прв претседател на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Роден е на денешен ден, 19 декември, во 1921 година, во селото Небрегово, Прилепско. „Јазикот е нашата татковина“ е една од најзначајните пораки на Конески, која е испишана и на неговиот споменик поставен пред зградата на МАНУ.

Конески учествувал во комисијата за македонската азбука, во составувањето на првиот македонски правопис, ги напишал „Граматика на македонскиот јазик“ и „Историја на македонскиот јазик“, тој е еден од составувачите и главен редактор на тритомниот Речник на македонскиот јазик. Во 1945 година е објавено неговото прво поетско дело Мостот, збирката Земјата и љубовта, Песни, Везилка, циклусот Стерна, збирката раскази Лозје. Ги напишал и стихозбирките: Записи, Стари и нови песни, Чешмите, Послание, Цркви, Златоврв, Сеизмограф, Небесна река и Црн овен.

Конески беше почесен директор на неколку универзитети, а во негова чест, денес Филолошкиот факултет го носи неговото име.

По повод неговиот роденден, да се потсетиме на една од неговите најрепрезентативни поетски творби − „Тешкото“:

О тешкото! Зурли штом диво ќе писнат,

штом тапан ќе грмне со подземен екот −

во градиве зошто жал лута ме стиска,

во очиве зошто ми навирa река

и зошто ми иде да плачам ко дете,

да превијам раце, да прекријам лик

та гризам јас усни, стегам срце клето,

да не пушти вик.

О тешкото! Старци излегуват еве,

на чело им мисла, во очи им влага

и првиот чекор по меката трева

е мирен и бавен, со здржана тага.

Но ‘рзнува тапан и писок се крева

и молнија светнува во секој глед,

и напред се пушта, се стрелка, се слева

стегнатиот ред.

До старците момци се фаќаат скокум;

не издржа срце − сив сокол во клетка,

не издржа пламен жив потулен во око,

не издржа младост што сака да летне!

Се залула оро! Се заврте земја,

и чиниш − се корне стресениот век,

и околу трпнат ридиштата темни

и враќаат ек.

И божем се врасло кипнатово оро

со исконска сила за земјава наша

и во него шуми на реките зборот,

и во него рика див ветер и страшен

и во него шепнат узреани житја

и вечерен мирис се разлева тих,

и земјата дише во пролетна ситост

со запален здив.

И душата, чиниш, на родот мој мачен

во тешково оро се уткала сета –

век по век што трупал сè попуст и мрачен

од крвава болка, од робија клета,

век по век што нижел од корава мисла

за радосна челад, за слободен свет,

од песна − за љубов што гине со пискот

ко жерав во лет.

О тешкото! Кога во молк да те гледам,

на очиве магла ми напаѓа сура,

и одеднаш − в бескрај се растега редот

и ридја се губат в пустелија штура −

и еве кај иде од маглата матна

сè сенка до сенка, сè еден до друг −

во бескрајно оро син оди по татка,

по деда си − внук.

Времињата мрачни се нивното поле,

и нивната свирка − на прангите ѕвекот,

а главите им се наведени доле,

и покроце врват − сè чекор по чекор.

О времиња, што ве в мрак родот мој минал,

кој збор ќе ми најде за вашата стрв?

Кој збор ќе ми најде за ужасот зинат

над пустош и крв?!

Кој број ќе ми каже на лутите рани,

на пламнати ноќи, на пеплишта пусти,

кој на срце болки ќе изреди збрани,

и на очи солзи, и клетви на усти?

О тешкото! Синџир ти беше на робја,

од калеши моми и невести ред.

со врзани раце во плен што ги погнал

насилникот клет.

О тешкото! Синџир ти беше на робја,

дур не стана народ во листена гора,

сè дури со јадот од векови собран

не поведе бујно, бунтовничко оро!

се залула танец низ крвје и огон,

и повик се зачу и грмеж во чад −

те разнесе сегде бунтовната нога

по родниот кат.

О тешкото! Сега по нашите села

во слобода првпат штом ќе opo сретнам,

зар чудно е − солза да потече врела,

зар чудно е − жалба јас в срце да сетам?!

Од вековно ропство, мој народе, идеш

но носиш ти в срце дар златен и пој.

Пченицата твоја триж плодна ќе биде,

И животот твој!

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.