Совети од Давор (Dave’s kitchen): Зимницата е здрава, но ако се подготвува на природен начин

Кулинарскиот шеф Давор Панчевски е познат по својот проект „Дејвс китчен“ (Dave’s Kitchen) и воедно е автор на книгите „Dave’s kitchen: гответе насмеани“ и „Најдоброто од македонската традиционална кујна“. Делата се во издание на „Арс Ламина“ и може да се купат во сите книжарници „Литература.мк“ како и да се нарачаат онлајн на www.literatura.mk. Давор е обожавател на домашните специјалитети поради што поразговаравме за начинот на исхрана особено во зимскиот и празничниот период.

* Веќе е пристигнат периодот на зимници како и зимски посни и мрсни слави во Македонија. Како вие гледате на храната која често се подготвува овој период во земјава, дали сметате дека е потребна поздрава алтернатива и кои се вашите омилени јадења од ова македонско мени?

Зимниците се од исклучителна важност во нашата кујна. Секоја година се обидувам на моите профили на социјални медиуми „Фејсбук“ и „Инстаграм“ да прикажам повеќе зимници со цел луѓето да си ги конзервираат на природен начин омилените овошја и зеленчуци и да уживаат во нивниот вкус во текот на зимата. Сметам дека треба да се јадат сезонските овошја и зеленчуци, но, исто така, сметам дека е добро да се конзервираат летните овошја и зеленчуци, особено доколку ги одгледувате сами и ги имате во големи количини. Домашното е сепак поздраво од купените зимници бидејќи знаете што ставате во нив.

* Честопати во зимскиот период ја заменуваме свежата храна со зимницата односно киселите краставички, ајварот, пинџурот, чварки, пача… Каков е вашиот став за тоа? Дали сепак е потребен и баланс со зимницата и свежите продукти?

Како што и претходно напоменав потребно е да ги консумираме и сезонските овошја и зеленчуци. Зимниците се секогаш тука за да ја надополнат трпезата, а зошто да не заменат и оброк со оглед на тоа што живееме во брзо и лудо време каде што сè помалку луѓето имаат време да поминуваат часови во кујна подготвувајќи топол оброк за целото семејство.

* Голем дел од младите ја избегнуваат македонската традиционална кујна под претпоставка дека е дел од ’бавното готвење‘ за кое треба многу време. Дали сметате дека ова е заблуда и колку во вашиот готвач посветен на традиционалната македонска кујна посветивте на модернизирање на рецептите?

„Најдоброто од македонската кујна“ е колекција на испробани рецепти кои даваат максимално уживање на трпезата. Верувам во тоа дека на добрите рецепти им е потребно повеќе време и дека бараат особено внимание, но креирајќи ја оваа книга со рецепти, одлучив да го скратам максимално времето на подготовка на секој рецепт, а истовремено да го добијам оној автентичен традиционален вкус. Речиси сите рецепти се подготвуваат во временски период помал од 60 минути, вклучувајќи го и времето за печење или готвење на плоча.

* Младите вообичаено се соочуваат со недостиг на време, а понекогаш и недостиг на желба за готвење, па се вртат кон брзата храна. Што би им порачал за да ги мотивираме да влезат во кујната и да направат нешто здраво и вкусно?

Постојат многу рецепти кои се подготвуваат брзо, па наместо да поминете 20-30 минути кон одредена продавница за брза храна, може да се подготват различни рецепти, па вклучувајќи и пита по брз рецепт што не бара сукање, месење ниту пак стасување. Рецептот за оваа брза пита со готови кори, ќе ја најдете во мојот прв готвач „Гответе насмеани“

* Според вас, колку исхраната влијае врз севкупното здравје на поединците и дали е пожелно да пристапиме посериозно и поедукативно кон тоа како се храниме на ниво на нација?

Според мене, важно е да се јаде често, во помали количини и да се консумираат повеќе природни производи како зеленчук и овошје. Тука ќе ги вклучам и природните сокови и зимници кои ги правиме во летниот период. На пример, многу е подобро да конзервирате домашно доматно пире отколку често да купувате и да го вклучувате во речиси секој рецепт што го подготвувате.

* Светот е освоен пред сè од италијанската, француската, кинеската, индиската кујна. Дали и македонската има потенцијал да добие своја почит и репутација на светско ниво?

Македонската кујна изобилува со одлични вкусови кои за жал сè уште не се доволно добро претставени на светскиот пазар. Потребно е голема промоција за нашите вкусови, а се надевам дека со англиската верзија на „Најдоброто од македонската кујна“, многу повеќе туристи ќе можат да уживаат во вкусот на нашата традиционална кујна.

* Велите дека македонската кујна пред сè ве врзува со вашето семејство и со тоа што го подготвувале вашата мајка и баба. Може ли да го споделите вашето најрано сеќавање од таа кујна или, пак, вашиот прв обид да подготвите некое јадење?

Моќта на домашното готвење отсекогаш ме воодушевувалa. Растев во семејство каде секој среќен момент беше споделен на трпезата. Трпезите секогаш биле полни со вкусни јадења подготвени од рацете на мајка ми, а јас го паметам и денот кога десертот беше доверен на мене. Бев почестен од тоа, па не смеев да направам грешка. На овој начин го подготвив првиот рецепт – француски палачинки. Секогаш ќе ги паметам утрата кога моите две баби подготвувале вкусна пита за појадок или, пак, утрата кога мајка ми ќе подготви топли мекици и истите ќе ги уживаме на пикник во планина. Храната е многу важна, бидејќи според мене тоа е начинот на кој се зближуваме со луѓето. Домашното готвење е вистинско уживање, бидејќи не ви се потребни соодветни техники за да уживате во него. Потребно е да промешате неколку состојки, да испечете и да уживате во нешто вие сте го направиле.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.