Александра Тодоровиќ: Интерактивната книга за деца „Мистериозниот град под калето“ е дел од серијал посветен на тајните на Скопје

Само неколку дена пред 13 ноември, Денот на ослободување на градот Скопје, авторката Александра Тодоровиќ ја објави интерактивната книга за деца „Мистериозниот град под калето“ која е посветена на историјата на главниот град односно на периодот во текот на османлиската власт. Делото е прво во серијалот „Скопје од А до Ш“ издание на „Либи“, импринт на „Арс Ламина – публикации“ и е наменето за најмладите читатели, односно да им ги претстави „тајните“ на градот од неговото историско и културно минато. Илустрациите во „Мистериозниот град под калето“ се на Марко Јанев, автор кој живее во Виетнам и има богато професионално портфолио и со кого авторката Тодоровиќ соработувала беспрекорно. Делото веќе може да се купи во сите книжарници „Литература.мк“ низ земјава како и да се нарача онлајн на www.literatura.mk. За оваа книга, како и за идните планови поразговаравме со писателката која посочува дека овој проект бил вистински предизвик.

* Вашата нова книга за деца „Мистериозниот град под калето“ е посветена на Скопје и на животот во градот во текот на османлиската власт. Зошто одлучивте да го фокусирате делото токму на овој период од нашата историја?

„Скопје од А до Ш“ е насловот на серијалот книги за деца. Прва од серијалот е „Мистериозниот град под калето“ што го обработува османлискиот период на Скопје. Со овој период всушност ја почнувам авантурата за Скопје. За оној дел пред Османлиската Империја, за време на Византија има многу малку податоци и затоа се одлучив да почнам од периодот на Скопје под османлиска власт. Серијалот е замислен така што секоја книга ќе обработува различни историски периоди на градот. Понатаму дејството би продолжило во втората книга за Скопје во време на Кралството СХС, постземјотресно Скопје и приказната би се заокружила со модерно Скопје.

* Колкав период минавте во истражување со цел соодветно фактографски и историски да ја поставите книгата?

Скоро една година посветив на истражување на фактите шетајќи по музеи, разговарајќи со кустоси, со повозрасни скопјани кои ги среќавав низ локациите кои се споменуваат во книгата, собирајќи литература од приватни, но и од градските библиотеки. Приказната почна на калето, на една заедничка прошетка со мојот син кој всушност е главниот виновник за оваа книга. Во четврто одделение кога учеа за историјата на Скопје и Македонија, тој беше многу љубопитен и воедно фасциниран од богатото историско минато и сакаше да ги види културно-историските споменици на градот. Така и се роди идејата за темата на оваа книга. Многу непосредно, а сепак и како исполнување на една детска желба.

* Дали сметате дека децата, па дури и возрасните, се доволно запознаени со историјата и приказните кои ги крие градот Скопје?

Веројатно поголем дел од возрасната популација е запознаена со историјата на главниот град, меѓутоа оваа книга дава една друга димензија и го обработува историскиот дел на градот од една детска перспектива која на моменти е и наративна и фактографска, а воедно и забавува и учи. Верувам дека сите хроничари на Скопје ќе се согласат со мене, дека Скопје има толку многу приказни и легенди што никој никогаш не може сите да ги знае, ама добро е да се прераскажуваат од генерација на генерација, така ќе живее старо Скопје, ќе живее во нашите спомени и срца. Има една стара изрека „Ако не знаеш од каде доаѓаш или, уште пострашно, ако заборавиш од каде доаѓаш, не знаеш ни каде да одиш“. Цела вистина крие оваа стара мудра изрека. Затоа што за да се запознаеме себеси треба да ги знаеме нашите корени, нашето семејно дрво, нашата историја. Таа е дел од нас и ние сме дел од неа. Токму затоа, читателите преку оваа книга ќе го запознаат Скопје од минатото, ќе дознаат зошто Скопје е град на различности. Ќе дознаат дека Скопје е еден убав спој на повеќе култури кои му даваат неверојатен шмек на градот.

* Кој дел од Скопје ви е вам омилен и зошто?

Ако мислите на дел од историјата, тоа е постземјотресно Скопје. Градот не бил никогаш поубав со сите импозантни градби од тоа време: Стариот театар, Офицерскиот дом, Ристиќева палата, шармантното Корзо, вкуснотијата „Апче“ и уште многу други, за кои ќе може да прочитате во вториот дел од серијалот за Скопје. Ако мислите на локација, тоа би била чаршијата. Таа дише во ритамот на градот со векови. Таа е душата на Скопје, таа е мојата младост, се надевам дека ќе биде и мојата старост. Од пред неколку години почнав да практикувам прошетки низ чаршија рано наутро, додека се буди, додека не почнала да врие од народ, од трговци, од чаршиски муабети. Тогаш можеш да ја вдишеш и да се транспортираш во времето на нашите предци, во таа тишина да ја осознаеш, во таа чистина да се вљубиш. Во чаршија одам кога сакам да го вкусам вкусот на Скопје, преку познатите ќебапчиња, тулумби, боза и слично.

* Книгата е интерактивна. Може ли да ни кажете на што точно се мисли и колку беше комплицирано да се создаде ваква книга?

Уште кога ја создавав тоа беше пресудно, децата да бидат активно вклучени во неа, затоа што познавајќи ги нив знаев дека им треба нешто повеќе од книга за читање, која би им задржала внимание. Соодветна е и за помали и за поголеми, за сите оние кои сакаат да научат нешто повеќе за градот. Книгата не се чита по вообичаен редослед. Низ страниците читателите ќе бидат соочени со многубројни предизвици, чии одговори ќе ги носат низ страниците на книгата. Пред да одговорат на прашањата можат да побараат помош од речникот поместен на крајот на книгата. Во средината на книгата има оставено простор каде можат да ги тестираат своите знаења. Во еден дел книгата нуди и креативност со тоа што читателите можат да дадат уметнички печат во боење на традиционалната облека од тоа време. Во книгата поместен е еден дел занимливости кои опфаќа повеќе легенди за градот. Околу прашањето колку беше комплицирано да се создаде ваква една книга, би одговорила дека навистина беше комплицирано. Најкомплицирано беше да се постави приказната на тој начин што читателот секогаш ќе отиде на повеќе страници од првото читање. Тоа е цела наука, статистичка веројатност. Тоа е навистина предизвик и ако наиде на добар одзив кај публиката, повторно ќе се потрудам да поставам една приказна на овој начин.

* На оваа книга соработувате со илустраторот Марко Јанев кој живее во Виетнам и има навистина богата професионална биографија зад себе. Како дојде до оваа соработка?

Соработката со Марко беше клик од прва. Многу случајно наидов на него, кога в рака ми дојде една книга што тој ја дизајнирал. Ми се допаднаа илустрациите, стилот и побарав негов контакт. Марко е професионалец во вистинска смисла на зборот и се договоривме да ми прати една скица, една илустрација од книгата. Тотално ме освои уште со првата скица. Претходно 2 месеца активно барав илустратор кој би ја оживеал книгата на начин на кој што го замислив во мојата глава, но безуспешно. Веднаш знаев дека Марко е вистинскиот кој неуморно работеше секојдневно, а богами и ме трпеше секојдневно. Уште еднаш и овде би сакала да му заблагодарам за вниманието, за посветеноста, за успешната работа.

* Ова е ваша трета книга. Зошто одлучивте да се насочите кон литературата за деца и дали планирате да продолжите во оваа насока?

Претходно имам напишано еден готвач „Македонска кујна“ и една сликовница „Митски суштества“ кои нашата публика многу добро ги прифати. Секако дека планирам да продолжам со пишување на книги за деца. Единствено не знам со кој интензитет би било тоа, затоа што мојот син Иван е тинејџер и му треба многу внимание и време, а мојата ќерка Алексија е мало бебенце на која максимално сум ѝ посветена. Меѓутоа, и покрај моите слатки обврски, јас не застанувам, сè додека имам инспирација ќе има и нови дела. Уште многу многу идеи имам кои чекаат да бидат реализирани.

* Може да ни кажете неколку зборови за вашата биографија и како дојдовте до тоа да објавите книга?

– Јас сум дипломиран новинар, меѓутоа во издавачката дејност работам веќе 20 години. Имам работено во делот на преводи, продажба, маркетинг… буквално скоро сè што е поврзано со нив – книгите. Преку насобраното искуство точно знаев што недостига на нашиот пазар и идејата во мене тлееше со години. Низ дваесетгодишното искуство и професионална работа се роди идејата да напишам книга која ќе остане за многу генерации. Сакам да создавам работи што немаат рок на употреба, што се секогаш во мода и на кои одново се навраќаш. Се водев од идејата да создадам репрезентативен подарок за многубројните туристи кои го посетуваат нашиот град, но воедно и книга со која би ја претставиле нашата историја на светот, а и на младите генерации кои треба да научат кои се и од каде и од кого потекнуваат. За крај, би сакала да потенцирам дека иако книгата на првата страница е посветена на моите две деца, Иван и Алексија, меѓутоа исто така книгата ја посветувам и на моето семејство: на мојот прерано починат татко, на мојата прекрасна мајка, на мојот сопруг, на мојот брат и на мојот внук кои секогаш биле и ќе бидат мојата најголема поддршка. Без нив немаше да сум ова што сум – ТАЦКА.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.