Извадок од книгата „Девет ‒ роман во илустрирани приказни“ од Славимир Футро

Лубеница

Двапати се родив. Не се сеќавам на своето второ раѓање. Имам девет години. Насекаде околу мене е бесконечна темнина. Не чувствувам ништо, само лебдам. Не знам што е горе, а што е долу. Ништо не се гледа, не се слуша, ниту, пак, што било мириса. Немам воздух. Мора да излезам оттука како знам и умеам. Во далечината здогледувам точка светлина кон која почнувам да пливам како збудален, мавтајќи со рацете и со нозете по празната темница. Лесен, неискусен и бавен. Колку што повеќе се приближувам до изворот на светлината, толку е поголема паниката дека нема да стасам навреме. Одеднаш, изворот на светлината почна да се разделува на два дела. И двата пропорционално растат додека им се приближувам. Растам и јас во борбата за воздух, сè додека двата извора на светлина не се совпаднаа со моите очи. Тогаш, во последниот миг, длабоко ја вдишувам својата прва порција воздух, вторпат.

Сликата што ја гледам се ниша, матна е и некако погрешно свртена. Сфаќам дека имам тело составено од неколку дела: една глава, две раце, две нозе и труп што го поврзува сето тоа. Чувствувам дека лежам настрана и дека гледам тројна слика од некоја градба од чија шарена фасада ми се заврти во главата. Не знам каде сум, но тоа е помал проблем. Не знам кој сум.

Повторно замижувам. Одговорот го барам назад во темницата. Во далечина, придушено, се јавуваат првите звуци. Зад себе го слушам длабокото брмчење на сообраќајот, а отстрана високи тонови на џагор и вресокот на нејасни детски гласови од кои, исто така, ме фаќа мачнина. Кога повторно ги отворам очите, се обидувам да ја кренам главата и да го насочам погледот кон тие неподносливи пискливи звуци. Во моментот повраќам. Две зацрвенети момчиња притрчуваат, привлечени од моето очајно рикање. Едното е пониско, а другото дебеличко со фудбалска топка под мишка. Понискиот вели:

− Добро е! Жив си! Одиме дома.

Ми кажуваат дека понискиот е мојот помлад брат и дека се вика Владо, а дека дебеличкиот е, се разбира, Буцо, соседот од нашиот влез и најдобар другар на

Владо. Немам друг избор освен да им верувам. Тие две шестгодишни деца некако мораа да ме однесат до куќата што, како што рекоа, е оддалечена околу еден километар. Тоа е претешка задача за нив. Ме носат, секој од една страна, придржувајќи ме под мишките. Тоа го прават со тешка мака, па секогаш кога ќе се изблујам на улицата, правиме пауза од десетина минути. До куќата ни треба цел час.

Додека се мачиме да дојдеме до дома, ми раскажуваат дека сме играле фудбал кај главниот влез во Ледената сала „Пионир“. Тука, веднаш до влезот, има некакви

скали од дваесетина метри, на чиј врв тие двајцата ја чекале топката што сум им ја лансирал од подножјето. Тоа сме го повторувале безброј пати зашто тие се воодушевувале колку силно можам да шутирам. Во жарот на таа фудбалска борба со скалите, занесен од сопствената важност во очите на децата, не сум ја забележал замрзнатата баричка на која, ете, стапнав со левата нога, притоа замавнувајќи со десната со сета сила. И наместо да ја лансирам топката назад на врвот на скалите, самиот сум се лансирал во воздух и со цела тежина сум се дочекал право на тилот. Велат дека се слушнал силен тап звук, како кога ќе фрлиш лубеница од балкон долу на улица, само што оваа лубеница не се распадна во парампарчиња, туку остана цела, со внатрешни последици.

Којзнае колку долго сум бил во несвест! Владо и Буцо, збунетите деца, ме ставиле на блиската клупа и продолжиле да играат фудбал. Слично сториле и кога некако сме дошле дома. Ме седнале на каучот во дневната соба и отишле да си играат во кујната.

Инаку, кога попладнето дојде некоја жена, ми кажуваат дека тоа е мајка ми. Марија. Откако ù раскажале што се случило, таа итно, со такси, ме носи во Институтот за мајка и дете во Земун каде што утврдуваат тежок потрес на мозокот со последица – трајно губење на помнењето.

Марија беше многу исплашена и лута. Постојано плачеше. Кога дојдовме дома, мене и на брат ми Владо ни рече:

− За ова нема да му кажеме ништо на Богдан.

Богдан, велат, е мојот татко.

Не се сеќавам на ништо пред својата деветта година.

Буквално на ништо.

Тогаш почнав да цртам.


Романот „„Девет ‒ роман во илустрирани приказни“ на реномираниот белградски дизајнер Славимир Стојановиќ – Футро е достапна во сите книжарници „Литература.мк“ и да се купи онлајн на следниот линк

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.