Владимир Плавевски: Романот „Боксерот од Ново маало“ е приказна за вистински лик од старо Скопје, Шуре Катиљ

Романот „Боксерот од Ново маало“ на авторот Владимир Плавевски во кој се раскажува уникатна приказна за боксерот Шуре Катиљ од старото Скопје неодамна излезе од печат и може да се најде во сите книжарници „Литература.мк“. Делото е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина публикации“, а воедно може да се нарача и онлајн на следниот линк. За новото издание, како и за тоа каков бил градот пред повеќе децении, зборувавме со Плавевски кој, иако по професија е доктор, оториноларинголог, отсекогаш се занимавал со фотографија, како и со пишување и може да се нарече хроничар на старото Скопје.

* Како дојдовте до идејата за романот „Боксерот од Ново маало“ и може ли да ни ја доловите приказната во ова дело?

Идејата за романот „Боксерот од Ново Маало“ беше присутна во мене од поодамна бидејќи е вистинска приказна. Идејата обично се појавува како искра, која или ќе исчезне или постепено прераснува во пламен во потсвеста и ве прогонува. Тогаш веќе почнувам да пишувам. За овој роман ми се појавија посебни проблеми околу спортските правила на боксирањето и техниката. Морам да кажам дека во овој специфичен дел, мојот одличен пријател и еминентен спортски коментатор, Зоран Михајлов, во детали ми ги објаснуваше сите мои прашања околу боксот како спортска гранка, неговата организација, спортската техника, правилата и соодносите на боксерите. Потоа седнав и го напишав романот.

* Дали главниот лик во ова дело, боксерот Ангел Тотевски познат како Шуре Катиљ е инспириран од вистински лик од Скопје или, пак, е целосно измислен?

Главниот лик со интригантен прекар Шуре Катиљот е вистинска личност која постоеше во моето детство кога живеев во Ново маало, секако со нова варијација на името и презимето. Тој беше маалска легендарна личност, маалски идол кон крајот на педесеттите и почетокот на шеесеттите години, згора и водач, кабадахија, на маалската банда. Јас и да се трудев да го измислам, не ќе можев да го димензионирам како ликот кој го опишувам бидејќи беше, практично кажано, вонсериска личност. По професија беше колач на стока во тогашната Скопска кланица и маалски тепач, дури и по нарачка. Повеќепати лежеше во затвор и последниот пат директорот на затворот го советувал да се бави со бокс за да не скапува по зандани. Ова Шуре го сфати сериозно. Ме повика да му читам книги за боксот и, потаму оставам на читателите да продолжат со читање како Шуре Катиљот станува спортски боксер.

* Често сакате да пишувате и да се навраќате на старо Скопје. Дали сметате дека ова е период кој е недоволно познат или покриен во домашната литература?

Старо, поточно кажано, предземјотресно Скопје до 1963 година, е литературно скудно покриено, па и непознато. Не од ова сознание за нашата, македонска литература туку од пресилната импресија од тогашното живеење почнав да пишувам раскази, а подоцна и романи во кои се трудев да го објаснам тоа чудно време кое со својата носталгична бургија ми ја будеше потсвеста. Особено што тоа време не го третирам само како носталгија или како, за тогаш, литература на величење на комунистичката доминација туку како реален груб, егзистенцијален свет без политички конотации, само за тогашни човечки соодноси и психоемотивни-социјални изблици кои беа присутни во тогашната реалност.

* Во делото се покриени периодите на 1962 и 1963 година во Скопје кога се случуваат прво големата поплава и потоа катастрофалниот земјотрес. Како вие го минавте овој период и колку од вашите сеќавања се вметнати во оваа книга?

И поплавата во ноември 1962 година и катастрофалниот земјотрес од 26 јули 1963 година кои го осакатија Скопје како град, јас ги имам преживеано како дете од почетокот до крајот. Секако, овој стресен период во мене сè уште живее бидејќи кога почнав да објавувам, најголем дел од приказните беа за земјотресот и поплавата кои наидоа на одличен прием од читачите, бидејќи објаснувам податоци во детали и за поплавата и за земјотресот. Пред две години го објавив романот „Земјотрес 63“ кој го опишува земјотресот како страотна појава која ги менува судбините на главните ликови. Некои читатели, посебно читателки, ми кажуваа дека научиле многу нешта за скопскиот земјотрес кои не ги знаеле и уште подраматично – плачеле во текот на читањето!

* Може ли да ни кажете нешто повеќе за животот во Ново маало во Скопје во текот на овие години?

Животот во Ново маало, како и во другите скопски маала, беше, типично, внимавајте на терминот! – маалски, поим што денес ништо не значи. Но, тогаш соседите биле поважни од роднините, соседите или вие за соседите, сте им помагале во секакви животни драматични состојби. Социјалната средина беше – сиромаштија, на граница на беда, во куќи плитарки со клозет со септичка дупка во дворот, бавча во која се садело пипер, домати и други потребштини за домашна исхрана. Леб се месеше дома, ако купите брашно во гранапот или бескрајно ќе чекате и ќе ве изгмечат пред фурната; вода се полнеше, и за пиење и за хигиенски потреби, од маалска чешма која во летен период секнуваше. Струјата постојано се прекинуваше и многупати сум читал на свеќи. Во улицата само ние имавме радио и секој вторник во 20 часот дворот ни се полнеше со соседи и познаници кои слушаа радиодрама што ја емитуваше „Радио Скопје“. Гости имавме и секој петок во 16 часот кога се емитуваше радиоемисијата „Поздрави и желби“ кога спикерот ќе почнеше да чита имиња и презимиња на луѓе кои честитаат роденден, веридба, свадба или некаква друга причина за честитање. Потоа одеше песна, народна или забавна, па повторно некој што честита и песна… Ако некој од слушачите беше кажан како честитач тогаш беше славен во маалото цел месец. Се капевме во Вардар што тогаш беше чист. Како деца игравме џамлии, челик, мижитатара, како-први-така-други, Индијанци и каубојци. Се одеше скришно на слави. И, секое маало имаше своја улична банда, најчесто тинејџери, кои се тепаа со други банди од други маала, како од одмазда така и поради слава. Тепањето тогаш беше нормална појава, посебно меѓу децата и бандите. Кога ќе ве прашаат оти имаш модрица на окото, па дури и домашните, секогаш одговорот беше дека си паднал во дупка.

* Со оглед на тоа дека постојано работите и размислувате на нови дела, дали веќе сте во подготовка на некој нов роман?

Секако. Ќе ми треба само добра консултација со атомски физичар кој е надвор од Македонија и консултација со Знахарка, баба врачарка која лекува. Таа што ја знаев во близина на Скопје, за жал, починала од корона вирус, но еден мој пријател знае таква личност од Струмичко. Сепак, поради ковид опасноста, таа не сака средба со никого, дури ни да се види. Ова кажува дека подготвувам роман со научно-фантастична содржина.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.