Катерина Трајановска: Со приказните во „Брзосплетковска 63 и случајот со смрдливите чорапи“ сакав да ги насмеам децата

„Брзосплетковска 63 и случајот со смрдливите чорапи“ неодамна ја доби наградата за најдобра книга за деца од 6 до 13 години на фестивалот за детска литература и илустрација „Литера“. Авторката на ова дело, Катерина Трајановска, ја дочека информацијата во Берлин, Германија каде што живее и работи. Делото e во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, а илустрациите се на Калиопи Трпчева и може да се купи во сите книжарници „Литература.мк“ или да се нарача онлајн на следниот линк. Книгата беше објавена лани, а фокусот на „Брзосплетковска 63 и случајот со смрдливите чорапи“ е детската игра, конкретно, авантурите на главните ликови: Лили, Мечкина Канџа, Змејски Очи, Зиги и Гризли.

* Зошто одлучивте вашата прва книга да биде за деца и дали воопшто пишувањето за деца го доживувате како поинакво од она за возрасните?

Со развојот и конципирање забавни игри и песни за деца се занимавам веќе подолго време, не како примарна работа, туку повеќе како хоби и од задоволство. Мојата прва книга настана кога веќе подолго време не можев да се ослободам од мислите за создавање нови приказни за деца кои како главна цел ја имаат идејата да ги смеат и расположат децата. И тоа ми беше основната цел – да се смеат во слободното време или за време на летните и зимските распусти, за потоа кога ќе пораснат да носат убави впечатоци од времето кога биле деца. А, пишувањето за деца, за мене, бара сосема поинаков пристап од пишувањето за возрасни. За мене е неопходно да се вметнат смешни и бесмислени настани кои поврзуваат неколку навидум неспоиви точки од реалниот и имагинарниот свет зашто токму таков – едновремено реален и измислен – и е детскиот! Секако, уште поубаво е кога овие настани се проследени со интересни податоци што ги прошируваат видиците како егзотични имиња на држави, острови, градови или растенија кои можат да се сретнат во енциклопедиите.

* Може ли да ни кажете нешто повеќе околу процесот на создавање и самата идеја зад „Брзосплетковска 63 и случајот со смрдливите чорапи“?

Најпрвин се роди идејата за создавање збирка од пет раскази кои ќе се занимаваат со „валканите“ детски навики за кои тие се многу често прекорувани од возрасните, но кои ќе исчезнат или ќе избледат како што децата растат имитирајќи го светот околу нив. Идејата ми беше да ја разлабавам тензијата околу тие теми и да додадам комичен елемент кој ќе застане во одбрана на децата и таквите навики. Еден од тие раскази беше веќе завршен, кога почнав да го пишувам вториот од кој всушност се роди „Брзосплетковска 63 и случајот со смрдливите чорапи“. Како што продолжував со пишување на расказот, тој сѐ повеќе растеше и веќе беше очигледно дека се работи за детска книга. Првата верзија ја завршив во рок од 3 месеци и беше долга 40 страници. Откако се одобри текстот за печат имав уште неколку месеци да го доведам до финална верзија, а во тој период се родија уште 40 страници за на крајот, вклучувајќи ги илустрациите, книгата да се отпечати во 120 страници.

rpt

* За ова дело соработувавте со илустраторката Калиопи Трпчева. Како дојде до оваа соработка?

Калиопи беше предложена од страна на „Арс Ламина“ како илустраторка која веќе некое време успешно работи на детските книги и лектири. Заедно направивме 12 илустрации и неколку мали цртежи кои ги вметнавме помеѓу редовите текст во книгата.

* Во моментов живеете во Берлин. Со што се занимавате во моментот во Германија?

Во Берлин живеам повеќе од 3 години и работам како дизајнер за кориснички интерфејс во софтверска компанија.

* Би можеле ли да направите една груба паралела помеѓу литературата за деца во Македонија и во Германија?

Можам да зборувам за литературата за деца во претшколска возраст бидејќи поради јазичната бариера, таа ми е повеќе достапна. Во Германија се издаваат автори кои добиваат меѓународни признанија и преводи на повеќе странски јазици. Особено се посветува внимание на иновативната илустрација и темите кои засегаат досегa необработени теми во детската литература како одржлив развој и грижа за животната средина. Исто така во фокус се и теми како инклузија на порано маргинализирани деца (припадници на различни раси и со различни физички, ментални и психички способности) во едно заедничко општество за сите. Но, сѐ повеќе и во асортиманот на македонските издавачи куќи се забележуваат преводи на книги кои засегаат вакви теми и процепот бавно и суптилно се отвора за нов бран детска литература.

* „Брзосплетковска 63 и случајот со смрдливите чорапи“ е ваша прва соработка со„Арс Ламина“. Зошто одлучивте дека ова е вистинската издавачка куќа за ова дело?

„Арс Ламина“ веќе со години посветуваат огромен дел од своите ресурси на детска литература и можам да речам дека, благодарение на тоа, ја воведоа македонската книжевност во една нова ера во која многу писатели и поети се инспирирани да творат за најмладите. Издвојувањето средства и отворените можности кои во моментов се нудат на авторите поттикнуваат огромна креативна енергија да се насочи во тој дел, со што и се овозможува брз развој на овој жанр, кој веќе со децении изгледаше дека е сосема заборавен во Македонија.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.