Марија Костадиновска: „Вистинска приказна за двете соседни кралства“ е наменета за сите деца кои се кралеви и кралици

Марија Костадиновска е дипломиран филолог, професионален едриличар и авторка на книгата за деца „Вистинска приказна за двете соседни кралства“. Отсекогаш сакала да пишува за најмладите, а нејзината желба конечно стана стварност. Издавачката куќа „Арс Ламина“ неодамна ја објави „Вистинска приказна за двете соседни кралства“ во која илустрациите се на Александра Филипоска. Делото може да се најде во сите книжарници „Литература.мк“ или да се нарача онлајн на www.literatura.mk.

Марија не живее во земјава и работи како главна стјуардеса на приватни и чартер јахти. Но, една од нејзините најголеми пасии е пишувањето книги за деца и веќе подготвува нови авантуристички приказни за младите читатели.

* Како се роди „Вистинска приказна за двете соседни кралства“ и зошто се одлучивте да соработувате со илустраторката Александра Филипоска?

Жарчето да почнам да пишувам за деца го носам уште од студентските денови. Еден од најомилените ми беше курсот „Литература за деца“, а професорката Весна Мојсова-Чепишевска вешто го разгоруваше тоа жарче. Но, иако желбата постоеше, сè уште ја немаше приказната. Тука беа и моите најдобри другарки Елена и Анета, кои често ме потсетуваа дека мојата креативност, дефинитивно треба да се преточи во пишување приказни за деца. Конечно ги послушав! Приказната ја напишав во Сан Ремо, Италија, во текот на една од моите пловидби. Сакав да напишам приказна која ќе ги отслика денешните деца во целост, а сепак ќе им биде наменета ним. Бидејќи секое дете живее во своето сопствено кралство и е мал крал/кралица. Откако ја напишав приказната на ред беше илустрацијата. И тоа е еден многу сериозен дел. Да се најде илустратор кој ќе ги оживее моите зборови и карактери, онака како што јас сум ги замислила во главата, па и не е така едноставно. Заедно со мојата уредничка Бранка Бугариска разгледавме повеќе портфолија на илустратори, но застанавме кај Александра Филипоска. Многу ми се допадна нејзиниот стил на илустрирање. Таа направи пробни илустрации на главните ликови и, едноставно тоа беше тоа. Моментен „клик“!

* Какви поуки и насоки за децата пренесува оваа книга?

Хана и Фран (главните ликови), иако ги имаат своите кралства тие ги губат. Оттука е и првата порака и поука дека ништо не е вечно и засекогаш. За да ги вратат изгубените кралства ќе мора да се потрудат. Насоките се и повеќе од јасни. Најпрвин ќе треба да научат многу нови нешта. Да бидат истрајни. Мудро и логично индивидуално да размислуваат, но да дејствуваат тимски. За на крајот да дојдеме до заклучокот дека најважна е среќата. Успеваат создавајќи го кралството на среќата. Хана и Фран се сите деца, затоа и оваа приказна е вистинска!

* Дали подготвувате нови материјали за деца или, пак, можеби за возрасни?

Да, иако јас пишувам и за возрасни, сепак дефинитивно останувам во шарениот и магичниот свет на децата. Ќе откријам само дека се подготвува еден прекрасен серијал.

* Ова е ваша прва книга објавена од „Арс Ламина“. Зошто одлучивте да соработувате со оваа издавачка куќа ?

Кога стануваше збор за издавачка куќа, не постоеше никаква полемика. Како тип на карактер почитувам соработка со високи професионалци. „Арс Ламина“ цврсто застана зад моите идеи. Освен професионалност, добив и огромна морална поддршка од мојата уредничка Бранка Бугариска и писателката Јана Мишо, на кои сум им бескрајно благодарна.

* Во моментов не живеете во Македонија. Што работите и колку сте задоволни од работата надвор од земјава?

Уште во текот на моите студии секое лето едрев, насекаде по Медитеранот. Тоа беше моето најголемо хоби, сезонска работа и љубов. Откако дипломирав требаше да одлучам каде и што понатаму. Длабоко во себе знаев дека треба да го следам својот сон. Од хоби во кое бев вљубена ми се претвори во професија и кариера. Јас сум главна стјуардеса на приватни и чартер јахти. Јахтингот како една најголема перфекција, комбинирана со пловидби околу светот се мојот животен стил. Презадоволна сум. Иако живеев еден период во Флорида, Америка, Грција, Италија и Шпанија, сепак јас му припаѓам на морето.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.