Извадок од книгата „Миа во Амстердам“ (Јас сум Миа #2) од Јана Мишо

„Не одам.“

„Како мислиш, не одиш?“

„Така, не одам.“

Мајка ми ја спушти главата на воланот и длабоко издиша. Ама, што да ѝ правам. Не можев да одам и точка. Што ќе правам без Марко во Амстердам?!

„Миа…“ почна мајка ми со тон што ми кажуваше дека сум ѝ преку глава. „Знам дека си свој човек и те поддржувам. И имаш право да одлучуваш каде сакаш да одиш и кога. Ама… Веќе сме на аеродром!“

Па, што ако.

„Со купени карти! И спакувани куфери!“ продолжи да вика мајка ми. „Не одиш засекогаш!“

„Ама, стварно нема да издржам без Марко, мамо.“

„Ама, не драматизирај, две недели се.“

„Ама, мамо…“

„Ама, престани. Излегувај од кола“, нареди мајка ми.

Ова воопшто не го смислив паметно. Секое лето одиме кај чичко ми во Амстердам на гости и секое лето едвај чекам. И сега едвај чекав и се радував и Марко се радуваше со мене. Знаевме дека сигурно ќе си недостигаме… ама па, две недели?! Ништо страшно. Цело време ќе си пишуваме и ќе се слушаме и цело време ќе си праќаме фотографии и ќе се гледаме на „Фејстајм“. И готово.

И не е готово.

Не претпоставив дека јас всушност не сакам во Амстердам, сакам да си седам дома со Марко.

„Миа, две недели. ДВЕ НЕДЕЛИ! Доста, веќе“, викаше Јована додека го влечкаше нејзиниот куфер до шалтерот за чекирање.

„Да, бе, Миа“, весело рече татко ми. „Ќе си правиш влогови од таму, ќе ти дојде фино за каналот на ’Јутјуб‘.“

Добро, ајде, си помислив. Навистина се само две недели. Не морам да бидам како оние што се црева со дечковците и не поминуваат ни еден саат без да се чујат и да се полигават.

Добро, одам во Амстердам. Одиме јас, Јована и Јаков. Мајка ми и татко ми ќе дојдат за неколку дена.

Амстердам е супер.

Марко ќе го видам за две недели.

Ќе му купам ранец, затоа што го видов дека гледа ранци за од септември.

Кога се сместивме во авионот, ми заѕвони Марко.

„До кај си?“

„Што ќе правиш без мене, Марко?“

„Ќе патам, нема да станувам од кревет и ќе чекам да се вратиш“, весело одговори Марко. „Миа“, почна малку посериозно. „Многу ќе ми недостигаш, ама стварно се две недели во прашање. Ќе шеташ, ќе уживаш и ќе се вратиш и после заедно ќе шетаме и ќе уживаме.“

Океј, има право. Откако си разменивме неколку телефонски бакнежи, а Јаков и Јована превртуваа со очите, морав да го ставам телефонот на airplane mode. И авионот полета.

Неколку часа подоцна, чичко ми нѐ возеше и весело му раскажуваше на Јаков, кој седеше на совозачкото седиште, каква изложба на стари автомобили начекал во еден музеј, а јас и Јована седевме одзади. Додека Јована ѝ објаснуваше на мајка ми по телефон до кај сме, јас му пишував на Марко.

„Стигнав.“

„И, јако е?“

„Уште сме во кола.“

„Добро, убав помин. Те сакам.“

„И јас тебе.“

Добро, ќе преживеам. Да не претерувам веќе. И навистина го обожавам Амстердам. Ќе биде забавно. Јована има и друштво таму и никогаш не ме зема со неа, ама тоа не значи дека не можам да си шеткам во близина на станот на чичко ми и да си ставам „Старбакс“ на „Инстаграм“.

„Миа, колку години наполни сега?“ праша чичко ми.

„Шеснаесет“, реков јас.

„Супер. Знам како да не ти биде гајле кога Јована ќе те откачува за шетање“, таинствено ми рече чичко ми и ми намигна во ретровизорот.

Којзнае што сакаше да каже.

Инаку, чичко ми живее во прекрасен стан во близина на плоштадот Дам, во центарот на Амстердам. Меѓу другите соби, има една огромна спална (што му е уредена како дневна), каде што обично спиеме јас, Јована и Јаков, па таму и се стрчавме откако влеговме. Има сопствен тоалет, за кој ќе мораме сигурно да се тепаме со Јаков нонстоп, затоа што сега ја откри магијата на гелот за коса и уметноста на бричењето. Има дури и дел како мала дневна, со двосед и фотелја, телевизор и „сони“ (за кој ќе мораме со Јаков, нели, пак да се тепаме), мала библиотека и толку е супер, што да не е надвор самиот Амстердам, веројатно не би ја ни напуштиле.

Така разгракани со куферите, влеговме во нашата соба, ама за разлика од секогаш, овој пат не беше празна.

На двоседот, со телефон во рака, седеше – еден дечко.

Не дека имаше рогови на глава, само – не го очекувавме. Го крена погледот да види кој го прекинува. Косата, светла, собрана во мало опавче на тилот, светла брада (малку), сини очи, веројатно нешто помал од Јована, а поголем од мене.

Ми текна.

Чичко ми е во врска со една жена веќе неколку месеци, а јас ја имам видено само на „Фејсбук“ на фотографии кај него. Знам и дека има внук, кој живее со неа, неговите немам поим каде се.

И тој внук, кој се провлекол на неколку фотографии кај чичко ми на профил, сега седи пред нас, а кога ќе ѝ кажам на Сара, ќе полуди, затоа што го има забележано на фотографиите и прописно ме има измалтретирано за него.

Тогаш не ми беше гајле, ама сега гледам зошто Сара реагираше така.

Типот е преубав.

Само што тоа мене не ми значи ништо, затоа што Марко е најубав на свет.

И сега што прави тука овој? Веројатно не живее тука?!

„Здраво“, рече дечкото пристојно и стана да се поздрави. „Јас

сум Макс.“

Ние се претставивме. Јас последна.

„Миа!“ рече тој воодушевено. „Тебе те знам, од ’Јутјуб‘. Одличен канал“, рече и се насмевна.

Дечково е само уште еден пример колку добро Холанѓаните зборуваат англиски.

„Ете со кого ќе шеташ“, безобразно ми се насмевна чичко ми зад Макс, со истата насмевка што ми ја упатува татко ми кога сака да ме зеза. Што сака, бе, да каже?!

И зошто е одеднаш толку возбудливо што сум во Амстердам?!

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.