Љупчо Петрески: „Лазарка“ долго време стоеше во фиока, но „ПЕГАЗ“ ја препозна вредноста

Авторот Љупчо Петрески со неговиот ракопис „Лазарка“ е победник на конкурсот за наградата за најдобар необјавен роман „ПЕГАЗ“ за 2020 година, на кој пристигна 61 ракопис. Ова е втора година како се објавува повикот кој е организиран од издавачката куќа „Арс Ламина“ и фондацијата „Славко Јаневски“. Овој пат беа доделени две први места, па така, покрај Петрески, победник е и Владо Јаневски со „Мртвите знаат најдобро“. Со авторот на „Лазарка“ позборувавме за неговите авторски мотиви, за темите како интертекстуалноста, феминистичката и квир теоријата кои се предмет на неговиот интерес.

* Кој беше вашиот главен мотив да го пријавите ракописот „Лазарка“ на конкурсот „Пегаз“?

„Лазарка“ ја имаше таа среќа или несреќа да биде финалист на конкурсот за необјавен дебитантски прозен текст „Новите“ пред неколку години, а потоа и да заврши во фиока на неколку издавачки куќи кои начелно искажуваа (не)заинтересираност да го издадат, никогаш не го издадоа, а причина претпоставувам беше неговата содржина, која ја доживуваа како „проблематична“. Искрено, кога го пријавив на конкурсот веќе навикнав на таквиот став и воопшто не очекував ништо, но потајно се надевав дека „Лазарка“ ќе го има истиот издавач во Македонија како и еден од моите најомилени романи „Ноќна шума“. На голема радост тоа и се случи!

* Кога и како се роди „Лазарка“ и може накусо да ни го претставите романот?

Идејата за романот се роди пред десетина години кога почнав да го читам „Целосниот дневник на Силвија Плат“. Како што пополека навлегував во нејзиниот свет, ја почувствував нејзината потреба од безусловна љубов ослободена од наметнатата позиција на жената која според хетеронормативното општество треба да биде покрај шпоретот и сопругот во домот. Како една од многуте жени која светот ја губи прерано, знаев дека треба да создадам прозен текст во кој ќе се реконструира митот за Лазарката. Но, се разбира Силвија Плат не е единствената инспирација – тука можам да набројам еден куп авторки и уметници кои искусниот читател ќе ги препознае кога го чита романот. Овој краток роман го следи животот на една сосема обична жена, пренесен низ сеќавања, внатрешни монолози, а со многу малку дијалог, сѐ со цел да се укаже на потребата од дијалог со Другиот – со оној чија смрт (која звучи страшно) се доживува како ништо страшно. Овие настани се испреплетни со последните мигови од животот на уште неколку други ликови-личности (Силвија Плат, Дора Карингтон и Ева Браун) кои ја надополнуваат потребата за меѓучовечкото разбирање во современото општество. Целиот роман е сложувалка – на микро план тоа е сложувалка од сеќавања на главната хероина, а на макро план тоа е сложувалка во иста боја, мирис и вкус.

* Кога почнавте со пишување и каква е вашата заднина кога станува збор за книжевноста и пишувањето?

Уште како дете сакав да читам и го обожавав летото и мирисот на книгите во библиотеката и секогаш се радував кога ми беше дозволено да одам сам во библиотека за да ги изнајмам лектирите. Многу ги сакав и книгите кои татко ми ми ги купуваше за време на саемите за книга, посебно сакав да ги читам расказите за деца на Ернест Хемингвеј и Вилијам Саројан. Подоцна, како студент, многу повеќе ги сакав часовите по англиска книжевност отколку оние по лингвистика. Токму тука беа и моите почетоци, првин со препев и превод на современа англиска книжевност, а потоа и пишување кратки раскази кои беа објавувани по веб-портали, литературни списанија или на мојот блог. Текот на свеста стана моја опсесија за која вечно ќе ѝ бидам благодарен на мојата менторка по англиска книжевност, Љубица Јанешлиева која ме внесе во еден сосема поинаков свет и разбирање за делата на Вирџинија Вулф, Џејмс Џојс и Марсел Пруст. Подоцна, нормално, како и секој читател, љубопитноста ме одведе кон еден куп други автори кои сакам да ги читам и препрочитувам, а кои секогаш се одлична инспирација како Жан Жене, Џуна Барнс, Ен Секстон, Денис Купер, Елфриде Јелинек и многу други.

* Велите дека интертекстуалноста, феминистичката и квир теоријата се предмет на интерес во вашата проза. Колку сметате дека има публика и чувство во македонското општество за ваков тип на дела?

Секогаш има публика за ваков вид проза, проблемот е што многу од авторите и авторките кои работат на ваквиот вид проза најчесто се маргинализирани (како и обично) од комерцијалната ајде да не ја наречам хетеронормативна литература. Но, радува фактот што дел од издавачките куќи почнаа не само да издаваат македонски автори кои творат ваков вид литература туку издаваат и одлични преводи на дела кои се значајни за феминистичката и квир книжевноста во светски рамки. Често се зборува дека литературата треба единствено да се дели на добра или лоша, и дека секоја друга поделба е непотребна. Се сложувам, но литература на другоста треба да е присутна со цел да создаде чувство на културен континуитет на одредена заедница која дели иста или слична судбина. Затоа мислам дека интересите на денешниот читател не треба да се ограничени туку само да се изостри вкусот на читателот, бидејќи поголемата застапеност на ваквиот вид дела во македонското општество нема да значи „омекнување“ на обичниот читател кон розовото перо, туку мешање на мастилата и искуствата.

* Ова е ваш прв роман, но дали веќе размислувате на ново дело и нов роман?

Да, веќе работам на новиот роман. „Лазарка“ подолго време лежеше во фиока и додека го чекаше совршеното време за издавање работев на неколку концепти поврзани со феминистичката теорија на Симон де Бовуар. Дејството на романот е сместено во времето кога живеела и творела заедно со нејзиниот партнер Жан Пол Сартр во повоено Скопје. Но, не би сакал повеќе да откривам додека не го завршам. 

* Може ли да издвоите неколку домашни писатели кои според вас го претставуваат квалитетот на домашната книжевна сцена?

Лидија Димковска и Румена Бужаровска за мене се исклучително одлични домашни авторки кои мислам дека секој читател треба да ги прочита. И двете изградија одлична репутација како современи авторки, не само кај нас туку и пошироко. Румена Бужаровска ја читам уште од нејзината прва збирка раскази „Чкртки“ и мислам дека е одличен раскажувач и маестрално ги портретира ликовите, а поезијата на Лидија Димковска е вистинска медитација. Тука морам да го истакнам и Петар Андоновски кој ме воодушеви со неговиот последен роман „Лето во кое те нема“, читајќи го имав чувство како да се наоѓам во филм на Педро Алмодовар – многу моќен роман во чие читање уживав.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.