Јулијана Настоска Петреска: Најпосакуван модел за нашата земја е оној на Нов Зеланд каде е декриминализирана сексуалната работа

Книгата „Зад црвените чадори“ на Јулијана Настоска Петреска, која е адаптација на нејзиниот магистерски труд посветен на нерегулираното насилство врз сексуалните работнички, од неодамна е достапна во сите книжарници „Литература.мк“ и може да се нарача онлајн на http://www.literatura.mk. Делото кое е објавено од издавачката куќа „Арс Ламина“ се фокусира на сензитивна тема за која, за жал, многу ретко се зборува во македонското општество. По тој повод поразговаравме со авторката Јулијана за сите предизвици како и за мотивот да ја направи оваа книга.

* Зошто одлучивте дека фокусот на вашата магистерска работа треба да е нерегулираното насилство врз сексуалните работнички врз земјата?

Да нагласам: зборуваме за доброволна сексуална работа. Магистерскиот труд е работен со многу посветеност и внимание и вложено е во него многу време и ресурси на што сум посебно горда. Бев водена од ставот дека оваа маргинализирана и стигматизирана група е многу малку истражувана, посебно насилството како општествено неприфатлива појава. Притоа, не сакав да навлегувам во моралниот и етичкиот концепт на сексуалната работа во нашата локална заедница. Практичното искуство во граѓанскиот сектор конкретно во ЗГ „Опција“ – прва и единствена организација во Охрид и Струга која ја третира проблематиката на сексуалната работа и болестите на зависност, секојдневните средби со нив на терен и во дневниот центар, директното набљудување на моделите во нивната природна средина, а професионалниот пристап и довербата која е заемна, ми беа олеснителна околност во спроведување на истражувачкиот дел и добивање на многу значајни податоци и информации, кои во иднина би придонеле за подобрување на нивниот статус во општеството.

* Може ли накратко да ни ги прикажете податоците кои ги собравте од вашата студија која воедно може да се прочита и во книгата „Зад црвените чадори“?

За жал, темната бројка на жртвите на насилство е секогаш поголема од онаа прикажаната. Затоа направив една сублимација и резиме на истражувања кои се однесуваат на насилство, психолошки и социјални карактеристики, од претходни истражувања на странски автори, на наши искусни и професионални колеги од граѓанскиот сектор, и сопствено истражување кое го спроведов со сексуални работнички на територија Охрид и Струга, како и податоци од нивните социјални анамнези. Како временско определување на предметот на истражување е периодот од 2011 година, од почетокот на спроведувањето на програмите за поддршка на сексуални работници и нивни семејства, на територија на Охрид и Струга, заклучно до крајот на 2016 година. Во овој труд се направени анализи на 40 сексуални работници од женски пол, различна националност: македонска, ромска, албанска, турска, српска и бошњачка, кои се со постојано или привремено живеалиште и работа на територија Охрид и Струга. Анализата покажа дека сите 40 сексуални работнички биле жртви на висок степен на насилство поради сексуалната работа. Ако се направи една паралела помеѓу формалното образование и примарното занимање на испитаниците, поголемиот дел од нив: 35 % се со завршено основно образование, а 37,5 % имаат средно образование и стекнати одредени квалификации кои може да ги понудат на пазарот на трудот, но 55% од нив во моментот на спроведување на анкетата не биле во никаков работен однос, со што сексуалната работа сами ја избираат како примарна и основна професија која им носи финансиски приход за животна егзистенција. Честопати се наметнува комплексна поврзаност на сексуалната работа со употребата на дроги како алтернативен излез, моментално задоволство и бегство од реалноста. Сексуалната работа се користи за да се стигне и до одредена доза на хероин, кокаин, метадон или марихуана. Од вкупно 40 испитанички, 21 биле консуматори рекреативно на опојни дроги и психотропни супстанции; две од нив имаат издржано затворска казна за посредување при продажба и овозможување на просторија. Подетално за истражувачкиот дел ќе може да се прочита во книгата.

* Каков е односот во нашата земја кон сексуалните работнички во споредба со регулативите во другите држави?

Повеќето држави во светот, вклучувајќи ја и Република Македонија, ја забрануваат доброволната сексуална работа преку законски одредби со кои примарно се засегнати сексуалните работници. Во законската регулатива на Р. Македонија, вршењето односно вклучувањето во сексуална работа претставува прекршок против јавен ред и мир („Кој се оддава на проституција, како и издава, односно става на располагање простории за вршење проституција ќе му се изрече глоба во износ од 600 до 800 евра во денарска противвредност“). Во моментов, најпосакуван е моделот на Нов Зеланд односно декриминализација на сексуалната работа. Главна карактеристика на моделот на декриминализацијата на сексуална работа во однос на легализацијата е тоа што не постои посебен закон кој го регулира функционирањето на сексуалната работа, туку се применуваат постојните закони за регулирање на кој било друг работен однос во која било гранка на стопанството.

* Која е сликата на сексуалниот работник што вие ја гледате и која не е полна со предрасуди, стигматизација и вербално осудување?

Постои огромна разлика во она што нè „учат“, на факултет за ликот и делото на маргинализираните заедници, со она што ќе го видете и слушнете на терен и во пракса. Сексуалните работници се поединци чии причини за започнување со сексуалната работа и напуштање на истата се од лична, социјална и материјална природа, и се исто толку сложени како и причините на кој било друг што се занимава со друг вид на работа. Таа претставува единствена и најдобра можност да заработат доволно за да се прехранат себеси и семејството, и едноставно се пронаоѓаат во концептот на сексуалната работа. Во мојот труд сакав да ги прикажам од еден поинаков аспект, помалку дискриминирачки и морализирачки. Без да навлегувам во детали за нивниот личен избор на живот, да ги оправдувам или да ги критикувам, да се обидам да ги променам, напротив, во самиот труд се залагам за почитување и заштита на човековите права и слободи, унапредување на здравјето и социоекономскиот статус на сексуалните работници, преку еднаков пристап до сервиси и услуги, менување на нивната перцепција за себе и за општеството, зајакнување на заедницата и подигнување на јавната свест. Во трудот се залагам за едно сензибилизирано општество и присуство на цивилизациски и хумани придобивки на односите меѓу луѓето.

* Дали оваа книга би им отворила нови начини на гледање на обичните читатели и зошто сметате дека треба да се прочита?

Како што напоменав на почеток, во книгата се вложени многу труд и внимание. Сепак се работи за стручно излагање кое пред сè ќе им биде од голема корист на професионалци и студенти кои ја третираат оваа проблематика. Искрено се надевам дека книгата ќе предизвика интерес во стручната, но и во пошироката јавност, и ќе биде дел од мозаикот кој во иднина ќе поттикне промени, со цел развивање на ефективен и сеопфатен систем во државата во процесот на препознавање и решавање на проблемите и потребите на сексуалните работници, но и отворено општество кое знае да ги почитува различностите. Тука сакам искрено да ѝ се заблагодарам на издавачката куќа и на Вам за несебичната поддршка и помош, книгата да излезе во јавност и да биде достапна за секој заинтересиран читател.

* Може ли да ни кажеш нешто повеќе за твојата биографија?

Живеам во Охрид. Сопруга. Мајка на синот Никола. Дипломирав на Институтот за социјална работа и социјална политика при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Самоиницијативно, заедно со уште 3 колешки од институтот, извршував 3-годишна волонтерска пракса во ЈУ „Завод за згрижување, воспитување и образование на деца и млади Ранка Милановиќ“ – Скопје. Ко-автор сум на „Малите деца со големи срца“ – прирачник за групна социјална работа, со деца во институционален третман со проблеми во емоционално и социјално однесување, Скопје 2006 година. Од 2006 година активно сум ангажирана како социјален работник, на програмите за намалување на штети од употреба на дрога, со интравенозни корисници на дрога, во Здружение на граѓани „Опција“, кое територијално ги покрива Охрид и Струга и околните села. Од 2010 година ангажирана сум и на програмите за поддршка на сексуални работници и нивни семејства, исто така во ЗГ „Опција“ во Охрид. Од средината на 2020 година сум координатор на теренско, доброволно советување и тестирање за ХИВ/Сида и на гинеколошка мобилна амбуланта, во партнерство со Центар за јавно здравје Охрид, гинеколог од Општа болница – Струга и Здружение ХЕРА – Скопје. Автор сум на текст-репортажата „СТИГМА“ – успешен пример за намалување на штети од употреба на дроги во Словенија, во списанието ,,Дроги политики и практики“, 3. издание Март 2015. Исто така и на текстот за ,,Десет години Здружение на граѓани ,,Опција“ од Охрид, во 6. издание, мај 2016 година. Низ мојот работен ангажман следуваат низа обуки, тренинзи, семинари, едукативни работилници со целната група, но и со јавни установи: полиција, Малолетнички затвор – Охрид, ЈУ „Затвор Тефериџ“ – Струга, пожарна, АРМ (касарна Охрид), Општина Охрид, ЈУ „Метадонски центар Охрид“, Црвен Крст – Охрид, но и гостувања во локални ТВ и радиоемисии, веб-портали и сл. Во мојата кариера сум била член на: координативно тело за борба против семејно насилство – Црвен Крст – Охрид; член на советодавна група на граѓани во координација на СВР Охрид; член во Комисија за унапредување на правата на пациентите на Општина Охрид; секретар на Локален совет на млади на Општина Охрид.

На покана на OSCE – претставникот во Охрид и Секторот за превенција-СВР Охрид, бев единствен учесник и презентер од граѓанскиот сектор на „Конференција на локални совети за јавна безбедност“ одржана во Приштина, на која учествуваа членови на локалните совети во склоп на армијата и полицијата од Црна Гора, Косово, Македонија и Р. Српска и амбасадорот на Норвешка.

Ангажманот во граѓанскиот сектор и контактите со најразличен профил на луѓе ми помогна да се изградам како личност и како професионалец. Сметам дека имам многу придонесено за локалната заедница, но од поодамна размислувам да се вложам максимално и во други области и сектори кои подеднакво би ме исполнувале како и оваа досега.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.