За д-р Карајлиќ и „Солунска 28“, сага која ги отвора чакрите и создава сопствена илузија

Лани, некаде во ова време или малку подоцна, некојси септември, Ненад Јанковиќ, на јавноста многу попознат како д-р Неле Карајлиќ, престојуваше во Скопје. Беше дел од некое музичко случување, па во рамките на престојот се дружеше со своите читатели, а сето тоа под закрилата на издавачката куќа „Арс Ламина“. Имавме интервју, и помеѓу два реда муабет, потпишуваше примероци од своите дотогаш објавени книги на македонски – „Фајронт во Сараево“ и „Солунска 28“, се сликаше со фановите… На поздравување ми кажа дека брза за Белград, каде ќе ја претстави својата нова книга, продолжување на „Солунска“…

Го прашав, колку на шега, толку сериозно, дали тоа можеби ќе биде „Солунска 29“, на што се насмевна и дополни…

„Вториот дел на ’Солунска 28‘. Овој пат приказната е за пријателството и за предавството.“

Од таа средба, за мене немаше никакви дилеми, дека таа вечер зборував со подеднакво успешен и писател и рокер.

Сепак… д-р Неле е последна личност од плејада ЈУ-рокери за кого можев и да претпоставам дека ќе биде нешто друго, освен шоумен. Она што го правеше со „Забрањено пушење“ и „Топ листа надреалиста“ ми изгледаше како генијална заебанција, па секое ставање на д-р Н.К. во некаква посериозна рамка ми беше „too much“.

Но, кога за „Солунска 28“ му беше врачена наградата „Момо Капор“, немав дилема дека е роден уште еден голем писател. Најголем меѓу екс-југословенски рокеришта. Ова ми беше само последна потврда. Нешто како второ мислење од докторот. Овој пат „за докторот“.

Всушност, тогаш е претставен како голем писател, бидејќи не е мала работа да се биде добитник на награда која го носи името на еден од симболите на Белград – Момо Капор, кој, исто како и Ненад Јанковиќ, е роден сараевчанец.

Solunska 28 fb nastan

На своето Сараево, Неле, сепак му напиша „Фајронт“, и тоа е веројатно една од највозбудливите рокерски биографии на овие простри. Но, рокерите неретко се фаќаат за перото. Кој сè не напиша автобиографија… Џони Штулиќ неколку, па и останатите членови на „Азра“, Бора Чорба и Миша Алексиќ… За Бајага, Оливер Драгојевиќ, Арсен Дедиќ, Џибони, Милан и Маги од ЕКВ… пишуваа другите. Музички новинари. Кругот брзо се ширеше.

Но, кој освен Неле се фати да пишува романи. Никој, освен Балашевиќ. Нешто малку и Зоран Предин. Сепак, тие ја немаат добиено наградата „Момо Капор“! А тоа е веќе нешто!

Слободан Тишма е нешто сосема друго.

Solunska 28 fb nastan

Откако знам за себе, сакав да бидам во тек со музиката и литературата. И важните дела во регионот сакав да ги читам изворно, на оној „југословенски јазик“ на кои се пишувани. Не можев да го замислам „Диво месо“ поинаку, освен на македонски или „Глембаеви“, а да не се на хрватски.

Да бидам искрен, романите на Карајлиќ се првите „извикани“ книги од регионот кои ги прочитав на македонски. Подеднакво добро во приказната, освен опасно добра приказна, е што преводот не ми пречеше.
Воопшто. Како да се пишувани на нашиот јазик. И сите тие кротки, егзотични јазични шеги на Неле, собрани од најдоброто сараевско надреално училиште, не загубија ништо од својот шарм.

Критички, велат дека и двете „Солунски“ ù припаѓаат на историска фикција. За мене тие се нестварно реални. Како магичен реализам во сликарството. Така некако Неле доаѓа како сликарот Тапи во литературата.

Внимателен собирач на некои мигови кои за некого се невидливи и безвредни, а всушност се бесценети.

Трилогијата „Солунска 28“, во своите први два дела, а за третиот ќе дознаеме в година, е неверојатна фузија на историја, љубов, драма, страсти… Приказна за желбите и амбициите, која подучува и навестува. Не посакувајте ништо што навистина би можело и да ви се случи. Бидејќи – ќе ви се случи!

И, за разлика од првиот дел, кога дејството е поместено во Белград, на почетокот на ХХ век, во периодот околу Првата светска војна, кога авторот мајсторски ги создава ликовите во историско опкружување, вториот дел зборува за окупираниот Белград. Тоа е мизансценот.

Приказна за една забранета љубов, за џезот, „Радио Београд“, пријателството и предавството. Како што стои во „најавата“.

Карајлиќ и овој пат изненади со својата бујна фантазија и, како мајстор на играта, кој не ги отвора картите докрај, внимателно освојува во повеќе фронтови.

Без оглед дали е тоа нарацијата, длабоките описи, интелигентни дијалози или заднина на сето тоа – пресвртот со кој на крајот изненадува.

Еднаш го прашав Џони Штулиќ, дали неговата фасцинација со антиката, Александар Македонски и целата таа митологија имаат врска со фактот дека е роден токму во Скопје? Не знаеше да ми одговори, но не се сомневаше дека душите патуваат, па ништо не му беше исклучено.

Исто е и со Неле. Иако ми беше невозможно да го замислам во кое било опкружување, освен сараевското, тој феноменално, безмалку 30 години продолжува да ги негува своите белградски корења. И, на тоа дрво лисјата се уште зелени. Зимзелени.

Душите патуваат, па не е невозможно дека во ДНК му е пренесено нешто фасцинантно вистинско од некој од ликовите кои живееле на Дорќол, во најградската белградска општина Стари Град. Во куќата на „Солунска 28“…

Д-р Карајлиќ, знае, тоа го доживеал и преживеал, па јасно му е дека писателот живее трипати. Еднаш реално, вторпат кога се сеќава, и третиот пат кога сеќавањето го става на хартија. На Неле тоа му се повторува последователно, од автобиографијата „Фајронт во Сараево“, па досега, во вториот дел на „Солунска 28“. А, и понатаму бидејќи сагата мора да има крај.

Затоа, кога најавувајќи го третиот дел на „Солунска“, вели дека тоа ќе биде приказна за сексот, дрогата и рокенролот, поместена во временската рамка на осумдесеттите и деведесеттите години од минатиот век. Приказна за третата генерација на неговото семејство Јанковиќ. Копање по сопственото минато и личните антагонизми. Така, приказната за љубовта и страстите, пријателствата и предавствата ќе го добие својот единствено можен крај. Разврат и блуд.

А ние, неговите читатели, уште еден добар писател. „Момчето што ветуваше“ сега го исполнува својот аманет.

Само, во редица на своите светци, сега ги има и Лу Рид и Иво Андриќ. Секој на својата страна на знамето.

Оваа историска фикција е приказна која е фузија на комбинирани стилови, зачинета со надреализмот на „докторот“, како што веќе напишав, еден од основоположниците на тоа сараевско престижно училиште.

На некој начин, како да го читам Марио Варгас Љоса, кој на патот од точката А до точката Б се сретнал со Шинтор од „Се сеќаваш ли Доли Бел“, кој по пат му „продава“ неколку сараевски финти. Затоа е егзотично и сочно.

Од тие причини автор сака да комбинира стилови и жанрови. Не со намера да го збуни читателот, туку да му ги отвори чакрите и да му овозможи да создаде сопствена реална илузија. Ако е воопшто возможно такво нешто…

Со својата оригинална приказна „Солунска 28“, прв и втор дел, Неле неочекувано ме вовлече во новосоздадениот свет на својата фантазија. Тој не е здодевен ниту сувопарен. Попрво би кажал дека е иновативен и максимално непредвидлив. И, над очекувањата, успешен како писател.

Којзнае, можеби токму тој ја смисли фразата „Свакога дана у сваком погледу све више напредујем“, која неверојатниот Славко Штимац милион пати ја верглаше во „Доли Бел“, влегувајќи и на тој начин, по којзнае кој пат, во филмската историја.

Тој во филмска, а со трилогијата „Солунска 28“, Неле во светот на книжевноста!
Аирлија!

 

Автор: Иван Бечковиќ, музички новинар

 

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.