Ненад Георгиевски: „Press & Play“ е резултат на 15 години работа во почитуваниот медиум „All About Jazz“

Музичкиот новинар Ненад Георгиевски веќе 15 години пишува за „Ол абаут џез“ (All About Jazz), а неодамна ја промовираше и книгата „Прес енд плеј“ („Press & Play“) која е составена од рецензии на албуми, на концерти и фестивалски настапи на домашни изведувачи кои биле објавени во овој реномиран светски медиум. Делото е на англиски јазик и е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, а веќе може да се најде во сите книжарници „Литература.мк“ или да се купи онлајн на www.literatura.mk По тој повод направивме краток разговор со Георгиевски во кој тој зборува за своите идни планови како и за приказната за тоа како се ’родила‘ „Прес енд плеј“ („Press & Play“).

 

Nenad i Vlatko

Фото: Роберт Атанасовски

Ненад, може ли прво да ни кажеш како дојде до соработката со „Ол абаут џез“ (All About Jazz) и дали си засега единствен македонски музички новинар кој соработува со овој престижен медиум?

„Ол абаут џез“ (All About Jazz) уште во тоа време беше познат портал со феноменални содржини и беше како огромна библиотека со книги и теми и подтеми кои многу ме интересираа. На почетокот само ме интересираше да ги голтам тие содржини, но по нечија сугестија се пријавив и понудив содржини. Ја имав таа среќа да ме прифатат. Во тоа време веќе имав некакво искуство со пишувања, интервјуа по домашните медиуми, а и контакти со издавачки куќи од надвор. И останатото е историја. Со својот придонес ме гледаа како интересна аномалија која пишува за широк распон на теми каде беа вклучени и музики од ова поднебје и внесува некоја свежина. Засега сум единствен од Балканот кој пишува за нив.

За „Ол абаут џез“ (All About Jazz) пишуваш 15 години. Покрај сите рецензии што ги имаш направено како селектираше кои ќе влезат во оваа книга или, пак, влегоа сите што ги имаш напишано за македонски изведувачи?

Идејата беше да се направи една убава книга за македонската музика, но на англиски јазик како што беа пишувани за ААЈ, да се зборува за албуми од македонски изведувачи. Меѓутоа, набргу идејата ја проширивме и во насока на тоа да се стават и други работи како концертни рецензии, рецензии на книги и видеоизданија. Потоа идејата пак ја проширивме и ставивме рецензии од „Скопскиот џез фестивал“ и „Оффест“ кои се сепак реномирани македонски манифестации и се светски познати. Тие се светски, а сепак наши и без тоа таа слика би била некомплетна. Не би дало вистинска слика за тоа што доаѓа од ова подрачје. На тој начин го склопивме овој мозаик од имиња, музики, жанрови, сеќавања, емоции во една убава целина наречена книга.

Nenad 1

Фото: Richard Wayne

Можеш ли да ни дадеш едно твое кратко видување за македонската музичка сцена во изминативе 15 години колку што всушност и пишуваш за „Ол абаут џез“ (All About Jazz)? Дали има развој или, пак, квалитетот беше тука и пред 15 години и сега?

Македонија е земја богата со музички таленти. Мислам дека секоја година се објавуваат бројни изданија од најразлични генерации кои творат во најразлични жанрови што ако се земе по глава од жител мислам дека сме и предводници во регионов. Имаме уметници со долга километража зад себе, со бројни изданија, а некои имаат и своја интернационална кариера. Тоа што никогаш не одело во прилог на музичката сцена во Македонија е исчезнувањето на клупска култура која е душата на една сцена во кој било урбан град. Со годините тие урбани оази полека исчезнуваа, а со корона кризата, па и тоа малку што го има е нокаутирано. Од друга страна, не постојат големи издавачки куќи кои би работеле на градење на нови таленти и дистрибуција. Но, како и секогаш, творењето на луѓето кои се застапени во книгата и надвор од неа е резултат на ентузијазмот што го имаат и љубовта кон музиката, како и во инвестирањето во самите себе и самоиницијативите. Од една страна мислам дека уште долго ќе се изнаслушаме прекрасни музики кои се специфични само за нашето поднебје, но од друга страна околностите прават таа да не замине предалеку од овие граници. Се надевам дека со дигиталните сервиси и новите генерации издавачки куќи кои се насочени кон дигиталното издаваштво ќе помогнат за поголема промоција и добриот глас да се слушне уште подалеку.

Досега имаш издадено две книги. Може ли да ни кажеш нешто повеќе за овие дела и дали веќе имаш визија и идеја за твојата четврта книга?

Првите две книги се колекции на музички интервјуа што ги имам правено подолго отколку мојот ангажман со ААЈ и се викаат „Музика и муабети“ и „Уште музика и муабети“ и се објавени во „Полица“. Конкретно се работи за интервјуа кои ги имам работено со годините со музичари од најразлични меридијани и се објавувани за различни медиуми и земји. Кога почнував со новинарство, мојата појака страна беа интервјуата и обично правев интервјуа со луѓе пред да дојдат на „Скопскиот џез фестивал“ или „Оффест“. Кога почнав со пишувањата за ААЈ пишував и за домашни и за странски уметници, но некако се искристализира да промовирам странски уметници во домашни медиуми, а домашните кај ААЈ. Но, книгите со интервјуа се приказ за неверојатно креативните и харизматични луѓе кои ги имам среќавано и интервјуирано со годините, како домашни така и странски и не сакав тие средби да исчезнат. Покрај музичари, тука се и графички дизајнери, фотографи, новинари, односно секој кој имал допирна точка со музиката. Читателите на тие книги се среќаваа со разговори со луѓе од профилот на Дејвид Силвијан, Пет Метини, Бил Ласвел, Руичи Сакамото, но и домашни музичари како Кирил Џајковски, Вера Милошевска – Јосифовска (Љубојна), Џијан Емин, Доријан Јовановиќ, Влатко Стефановски. Тука набројувам само неколку инаку се многу повеќе соговорници. За четврта книга, имам идеја за уште една колекција со интервјуа нешто би опфатило соговорници кои им се добро познати на луѓето, од Филип Глас до Мориконе, од Лиса Жерар до Рон Картер. Од Крсте Роџевски до Гоце Стевковски или Бил Вајман. Желба ми е сите овие мозаици да претставуваат книги за современа музика.

Како дојде до соработката со „Арс Ламина“ и зошто сметаше дека токму оваа издавачка куќа ќе има слух за едно вакво дело?

Уредничката Бранка Бугариска е пријателка и е музиколог. Не ѝ требаше многу да ја увиди вредноста на содржината и интересот кој ќе го предизвика. Затоа бргу дојдовме до договор. Целта ни беше и промоција на македонската култура на начин на кој не било правено тоа претходно и градење публика за ваков тип на изданија. „Арс Ламина“ веќе има неколку музички биографии и „Прес енд плеј“ („Press and Play“) лесно се вклопи.

viber_image_2020-07-17_16-20-51

Фото: Хана Бабачиќ 

Книгата е целосно на англиски јазик. Дали имаш во план да ја промовираш и на странски пазари со цел и друга публика да дознае нешто повеќе за македонските изведувачи?

Потенцијалот за допирање до читатели надвор од границите на Македонија со ваква содржина е огромен и тоа сигурно ќе го направиме. Целта на самата книга е да даде преглед за современата македонска музичка култура и тоа ни е врежано во кодот за нејзина промоција. Меѓутоа, редот е прво да се промовира пред домашната публика и на домашните фестивали, а кога ќе дојде време ќе се презентира и пошироко.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.