„Арс ламина“ организираше работилница за цртање на која присуствуваше и првата дама Елизабета Ѓоргиевска

Со цел да се поттикнат децата да читаат, цртаат и творат, издавачката куќа „Арс Ламина“ вчера на терасата на новата суперпродавница на „Литература.мк“ – Literatura.mk Superstore сместена во „Скопје сити мол“ одржа работилница за млади креативци на која присуствуваше и сопругата на претседателот Пендаровски, Елизабета Ѓоргиевска. Авторката Оливија Георгиевска која веќе има објавено две книги за деца „Игра со глаголи“ и „Игра со именки“ во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“ го одржа предавањето каде децата на возраст од осум до 11 години имаа можност да научат како да нацртаат нешто почнувајќи од геометриски форми како круг, квадрат или триаголник, но воедно зборуваше и за нејзините дела. Настанот беше организиран според прописите, каде секое дете беше седнато на посебна масичка и оддалечено од останатите учесници во работилницата.

Slika 2

‒ За мене е многу важно децата да читаат. Сметам дека возрасните се оние кои треба да го наметнат читањето како начин за поминување на слободното време. И овие настани, што пред пандемијата повеќе пати ги организиравме во „Млади Хаб“, треба да им покажат на децата колку се прекрасни книгите и што кријат во себе. Така детето ја развива својата фантазија, разменува приказни со своите другарчиња или се интересира и самото да почне да составува сопствени приказни кои ќе бидат илустрирани. Кога детето ќе го користи умот, фантазијата, па дури и своите раце, ќе открие свои скриени таленти и ќе биде гордо на себе. Приказните и книгите за деца, како и илустрациите, треба да се промовираат колку што може повеќе преку авторите кои ги создаваат и преку работилници како оваа. Читањето е навистина супермоќ, а приказните се полни со суперхерои и позитивни ликови кои вршат позитивно влијание во развојот на детето; да биде хумано, да помага, да се грижи, да се дружи и да споделува. Кога бев дете, ни велеа дека книгата е најдобар пријател. Тоа треба да го знае секое дете. Книгата е навистина пријател што никого не изневерил, секогаш бил тука и бил корисен. Книга наместо компјутерски и телефонски екрани, тоа е една од поентите на нашите иницијативи од овој тип – објаснува првата дама, Ѓоргиевска.

Slika 3

Предавачот на работилницата Оливија Георгиевска вели дека денешните деца се визуелни типови и многу се вешти во учењето на техники за цртање.

‒ Тоа што можев да го забележам и од денешниот настан е дека децата веднаш се вклопија и умееја од триаголници, правоаголници или кругови да го направат она што беше потребно. Од друга страна, за читањето кај децата, мислам дека им е многу поблиску она што е митското бидејќи во литературата во моментов владее еден таков жанр на фантастика кој постоеше порано во седумдесеттите и сега повторно има ново оживување. Гледам дека децата секаде каде што има застапено волшебништво и фантазија имаат волја и желба да читаат – објаснува Оливија.

Slika 4

Секое од децата кои присуствуваа на работилницата добија подароци од книгите на Оливија во издание на „Арс Ламина ‒ публикации“, „Игра со глаголи“ и „Игра со именки“.

1

2

3

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.