Не допирај ме (Noli me tangere), ѝ вели Исус на Марија Магдалена непосредно по воскреснувањето. Истото важи и денес, во екот на најголемата пандемија во современата историја на човештвото. Не смееме повеќе да се допираме. Допирањето, блискоста, тактилноста се строго забранети во време на пандемија! Иако нашиот супстрат го чини нашата душа, ние сепак сме тело. И до нас се пристапува преку телото, оти сме тело! Нашата надворешност е некаква кондензација, епитомизација и манифестација на нашата внатрешност. Не бадијала се вели дека нашето лице е израз на нашата душа. Секоја брчка, секоја сенка е жиг втиснат од нашата внатрешност, видлива слика на тескобите на нашата душа. Дали пандемијата, преку оваа забрана за недопирање, ги затвори портите кон нашата внатрешност? Дали недопирањето нè оддалечува, не затвора за другиот или можеби, пак, само го изострува нашето внатрешно сетило за внатрешната средба со другиот?
Славој Жижек сака да верува дека е така. Во воведот на неговите есеи кој е насловен токму како и нашиот осврт за неговата книга, која е пишувана и во време на пандемија, но и која се однесува на пандемијата, тој ја интерпретира оваа реченица на Исус од Евангелието по Јован оптимистички а пропо пандемијата. Само по себе е интересно и провокативно, тоа што заколнатиот атеист, Славој Жижек, книгата ја отвора со реченица од Библијата, за да тематизира прашања и проблеми кои се јавија поради пандемијата со Ковид 19. Но, за мене, особено интригантен е и фактот што вообичаено циничниот и зајадлив Жижек, и поради годините, и поради сеопштата атмосфера на паника и страв предизвикани од пандемијата, прилично сентиментално ја отвора својата нова книга. Па интерпретацијата на оваа реченица на Исус упатена на Марија Магдалена, ја поврзува со одговорот на Христос кон еден од неговите апостоли кој го прашува, како ние земните и смртни ќе знаеме дека Христос воскреснал и се вратил, на што Христос одговара дека тој ќе биде секаде каде ќе има љубов помеѓу луѓето. Со што сака да каже, ќе биде таму не како личност што ќе може да се допре туку „како нишка на поврзување сочинета од љубов и солидарност меѓу луѓето“ – како што вели Жижек, дообјаснувајќи по малку и чудно за Жижек, скоро патетично – „што значи, ’не допирајте ме мене, туку допирајте ги и помагајте им на другите во духот на љубовта‘.“[1]
Дека уморот на староста затропал на вратата на Жижек, но и дека го фатила сеопшатата атмосфера на страв можеби, најилустративно говори и фактот што исто толку слаткасто како погорната реченица, звучи и неговиот „комунизам“ во книгата. Имено, сите добро знаеме дека и самиот Жижек се декларира како „радикален левичар“[2] и непоправлив комунист. Во книгата има едно поглавје, насловено како Едноставно е: или комунизам или варварство (што е парафраза од Памфлетот на Роза Луксембург), во кое тој на почетокот се жали: „Од Алан Бадју, до Бијунг-Чул Хан и од многумина други, и од десничарите и од левичарите, трпев многубројни критики, дури бев и исмеван поради тоа што како одговор на пандемијата со корона-вирусот постојано и упорно предлагав една форма на комунизам.“[3] За веќе подолу во истиот есеј да објасни што всушност подразбира под комунизам!? „Овде на сцена стапува моето стојалиште за ‘комунизмот’[4], не како некаков нејасен сон, туку како назив за нешто што веќе се случува (или барем нешто што многумина го сметаат за неопходно), мерки што веќе се разгледуваат и дури делумно стапуваат на сила. Тоа не е толку визија за некаква светла иднина, колку што е еден ‘комунизам при катастрофи’ како противудар на ‘капитализмот при катастрофи.’“[5] Хм, ете на што се сведе комунизмот на Жижек, на „комунизам за катастрофи“! И во овој есеј, но и во останатите каде реферира на неопходните мерки за пандемијата, тој „комунизмот“ го „сведува“ на реорганизација на постојниот поредок со цел за поефикасно справување со последиците од пандемијата. Кога последен пат јас проверив, комунизам беше политичка идеологија за трансформација на постојниот систем преку воспоставување на нов социоекономски поредок заснован на идејата за работничко поседување на средствата за производство и укинување на класите, а не „целосна и безусловна солидарност и глобално координирано дејствување, што е нова форма на она што порано се нарекуваше комунизам.“[6] Јас не знам што порано се нарекувало комунизам, но знам како Жижек го бранел комунизмот, дури и кога било евидентно дека тој не успевал: „ако државниот комунизам не функционирал, тоа е примарно поради неуспехот на антиетатарните политики, неуспехот да се излезе од ограничувањата на државата, да се заменат етатарните форми на организација, со ’директни‘ нерепрезентативни форми на самоорганизација.“[7] А оваа книга, е преполна со сугестии за засилена улога на државата, на што Жижек го сведе комунизмот.
Секако дека во извесна смисла на ваквиот комунизам промовиран во оваа последна книга на Жижек може да се гледа и како на извесна доследност, затоа што тој отсекогаш говорел дека „комунизмот мора да се реосмисли во секоја нова историска епоха“, па дури и дека тоа реосмислување е првенствено токму поради современите предизвици, како еколошките катастрофи и новиот технолошки и научен развој кој отвора низа социјални дилеми, во што може да се смести и оваа криза со пандемијата. Но, ако реосмислувањето на комунизмот го редуцираме на ‘комунизам за катастрофи’, тогаш се согласуваме со поговорката на која самиот Жижек се исмева: „во криза, сите стануваме социјалисти.“[8] И навистина тоа го сведочиме: „социјализмот“ во капиталистички систем се претвора во фарса, како и при финансиската криза во 2008-2009, гледаме како „социјалистичките мерки“ се насочени кон спасување на богатите, на капиталот и финансиите, впрочем, на самиот капиталистички систем како таков! Тоа се случи во тогашната криза, тоа се случува сега: се спасува капитализмот! Во услови на криза, повеќе не важи правилото на „невидливата рака на пазарот“, ами на „видливата рака на државата“ која го спасува пазарот и капиталот!
Оттука, според мене, е и прилично наивно уверувањето на Жижек дека оваа криза ќе промени нешто драматично. Веројатно само некоја осамена сентименталност, родена во условите на карантин и изолација на кои бил изложен Жижек, може да роди вакво наивно уверување: „Само преку ваква смртна закана можеме да замислиме едно обединето човештво.“[9] Или пак, можеби Жижек е непоправлив оптимист, каков што впрочем и треба да биде еден философ. Мене сепак ми се чини, дека Жижек, бил само премногу уплашен, што секако, пак не е својствено за еден философ. До толку уплашен, што во едно поглавје повикува „Надзор и казна? Да, ве молам!“ – што е директна референција на книгата на Фуко, Надзор и казна, а во која се зборува за улогата на државата и државната контрола на човековиот живот, особено во сферата на приватноста. Во овој есеј, Жижек, го искажува своето несогласување со италијанскиот философ Агамбен, кој истапи со текст во кој ги прекори „прекумерните, ирационални и апсолутно неоправдани мерки прифатени врз основа на наводна епидемија на корона-вирус.“ Оваа непропорционална реакција на властите и на државата за Агамбен е доказ на растечката тенденција за апсолутна контрола на државата врз животите на луѓето и за него, затворањето на цела Италија е остварување на најголемиот тоталитарен кошмар. На ова Жижек искажува несогласување: „реакцијата на Агамбен претставува само екстремна форма на еден широко распространет став меѓу левичарите, кои ’претераната паника‘ предизвикана од ширењето на вирусот ја исчитуваат како мешавина на наметнување на општествена контрола во комбинација со елементи на несомнен расизам, како кога Трамп зборува за ’кинескиот вирус‘.“[10] Сепак, вели Жижек „ваквите општествени толкувања не можат да направат да исчезне реалната закана.“[11] За исплашениот философ корона-вирусот е толку „реална закана“ што тој попрво на идејата за „надзор и казна“ би и рекол „да, молам“, отколку да застане во одбрана на слободата!? Зарем за философот не важеше ‒ „Navigare necesse est, vivere non est necesse “!?
Како и да е, книгата Пандемија: Ковид 19 го тресе светот, останува провокативно и возбудливо четиво, дури и да не се согласувате со ставовите на авторот. Впрочем, Жижек е крајно контроверзен и секогаш интересен автор. Во оваа последна негова книга секако ќе го имате уникатното задоволство да погледнете на последиците на пандемијата од една философска перспектива, од перспектива надвор од катадневните медиумски шумови и да добиете еден продлабочен увид во различните димензии на кризата: здравствени, социјално-политички, економски, егзистенцијални и длабоко метафизички. Особено за поздравување е фактот што една философска книга се појавува после само неколку месеци од нејзиното објавување во Њујорк, што е вистинска реткост во македонската издавачка дејност. Оваа храброст на издавачката куќа „Арс Ламина“, како и солидниот превод на делото, се вистинска светла надеж за скромниот читачки пазар во нашата земја и ја заслужуваат секоја пофалба.
Автор: проф. д-р Трајче Стојанов
[1] Славој, Жижек, Пандемија: Ковид 19 го тресе светот, Арс Либрис, Скопје, 2020, 9
[2] Slovenian Philosopher Slavoj Zizek on Capitalism, Healthcare, Latin American “Populism” and the “Farcical” Financial Crisis https://www.democracynow.org/2009/10/15/slovenian_philosopher_slavoj_zizek_on_the
[3] Славој, Жижек, Пандемија: Ковид 19 го тресе светот, Арс Либрис, Скопје, 2020, 83
[4] Навистина е нејасно зошто имал потреба да го стави во наводници, но кога ќе се прочита што подразбира под комунизам, станува јасно дека се работи за наводен комунизам, со што се оправдуваат и наводниците.
[5] Жижек, Op. cit., 87
[6] Жижек, Op. cit., 51
[7] Santiago, Zabala, Why so many communist philosophers? https://www.aljazeera.com/indepth/opinion/2012/06/20126511494498219.html
[8] Жижек, Op. cit., 79
[9] Жижек, Op. cit., 88
[10] Жижек, Op. cit., 66
[11] Ibid., 66