Ексклузивно интервју со Грир Хендрикс и Сара Пеканен, авторките на „Анонимна девојка“ „НАШЕТО МОТО Е: ЗАЕДНО ПОДОБРИ“

„Луѓето се мотивирани да застранат од своите морални компаси поради најразлични исконски причини: опстанок, омраза, љубов, завист, страст. И за пари.“

Анонимна девојка

Динамичното дуо Грир Хендрикс и Сара Пеканен, пред да станат ко-авторки, заедно, како автор и уредник, работеле на седум книги. „Анонимна девојка“ (издание на „Арс Ламина“), нивниот втор заеднички роман, стана инстант-бестселер бр. 1 на листата на „Њујорк тајмс“ и ќе биде адаптиран како ТВ-серија. „Не си сама“, новиот роман од овој тандем, наскоро ќе биде објавен на македонски јазик, што беше повод да поразговараме со овие две писателки, кои успеаја да го подигнат нивото на жанрот психолошки трилер.

slika 1

*Пишувањето романи во тандем е плод на вашето долгогодишно пријателство и соработка. Со оглед на огромниот успех на вашите романи, она што веројатно најмногу ги интересира читателите е како се одвива креативниот процес на пишување книга со оглед на тоа дека сте ко-авторки?

‒ Процесот започнува со многу долги разговори низ кои постојано се провлекува прашањето: „Што ако?“ Многу го сакаме делот на креативно разменување сижеа и идеи. Исто така често електронски си праќaме инспиративни извадоци: од статии во весници, блогови и фотографии. Во оваа фаза комуницираме со еден вид кратенки, и додека нашите текстови може да бидат неразбирливи за другите, нам совршено ни имаат смисла.

Што се однесува на пишувањето, за разлика од повеќето коавтори кои си ги делат поглавјата или, пак, карактерите, ние го пишуваме секој ред заедно. Работиме користејќи „Гугл док“ преку „Гугл хенгаутс“ разговарајќи за нашите приказни, креирајќи нови сцени и уредувајќи го она што веќе сме го напишале. Луѓето секогаш ги интересира дали се караме. Најголемиот дел од времето нашите уреднички инстинкти се неверојатно синхронизирани. Секако, понекогаш не се согласуваме, но чувството дека ако нешто не функционира за едната од нас, не функционира за другата, ни е заедничко. Кога имаме креативни разлики, издвојуваме време да ги дискутираме во позитивна атмосфера, и двете сметаме дека токму затоа нашите книги се подобри.

 * Вашата книга „Анонимна девојка“ ќе биде адаптирана во ТВ-серија. Какво е вашето искуство со пишувањето адаптирано сценарио?

 ‒ Всушност сите наши три книги „Совршена замена“, „Анонимна девојка“ и „Не си сама“ ќе бидат адаптирани за филм или ТВ. Студиото „Емблин ентртејнмент“ (Amblin Entertainment) на Стивен Спилберг нè ангажираше да напишеме сценарио за „Совршена замена“, и веќе ја комплетиравме втората нацрт-верзија. За нас е фасцинантно да пишуваме за друг медиум и да ја раскажеме нашата приказна на нов начин. Држете ни среќа да ја видиме на екраните наскоро!

Slika 2

* Критиката за вас вели дека го подигнавте нивото на жанрот психолошки трилер на повисоко скалило. Читателите, пак, велат, каква магија и да користите, треба да ја раширите како самовилите својот волшебен прав врз читателите низ целиот свет. Која е тајната на вашиот успех?

 ‒ Ви благодариме многу! Не знаеме дали имаме тајна за нашиот успех, но мислиме дека нашата соработка е уникатна. Често се шегуваме дека ни требаат двата наши мозока за да држиме чекор со сите пресврти во нашите книги. Едно од нашите мота е: „Заедно подобри“. Во нашиот случај еден плус еден е три, што значи дека заедно создаваме книги која ниту едната од нас не би можела да ги напише сама.

* „Не си сама“ е вашиот нов роман. Како и во претходниот, од една страна прикажувате силни карактери, а од друга страна, интровертни ликови со ниска самодоверба и необичен психоемоционален профил. Дали истражувањето на женската психологија во различни контексти ви е главна тематска одредница во процесот на пишување?

 ‒ Кога почнавме да пишуваме заедно, знаевме дека сакаме да креираме комплексни женски карактери со кои читателите лесно ќе се поврзат. Двете студиравме психологија и сме љубопитни студенти на човечкиот ум. Слушаме многу психолошки поткасти, претплатени сме на „Психологијата денес“ (Psychology Today) и читаме нефикција што вклучува психолози, на пример, „Можеби треба да разговараш со некого“ (Maybe You Should Talk to Someone) на Лори Готлиб и „Добро утро, чудовиште“ (Good Morning, Monster) на Кетрин Гилдинер. Толку многу ја сакаме психологијата што главниот наратор во романот „Анонимна девојка“ е психијатар.

Slika 3

* Дали работите на нов роман и за што станува збор? 

 ‒ Напорно работиме на нашата четврта по ред книга, во која главни ликови се неконвенционален психолог и гламурозна брачна двојка кои одат кај неа.

Slika 4

 * Кој е вашиот совет за младите македонски писатели?

 ‒ Нашиот совет до секој млад писател е да чита многу и да обрне внимание што е она што најмногу сака да го чита. Постои стара изрека која вели дека луѓето треба да пишуваат за она што го знаат, но ние сметаме дека треба да пишувате за она за кое страсно сакате да пишувате. Секојдневно издвојувајте време да ставите зборови на хартија. Дури и да пишувате една страница дневно, до крајот на годината ќе имате комплетен нацрт за книга.

Романот „Анонимна девојка“ е една од оние книги: откажете што и да сте планирале и исклучете го телефонот. Хендрикс и Пеканен ја имаат контролата врз приказната, едноставно невозможно е да го предвидите финалниот пресврт ‒ формулата за пишување романи полни пресврти и неизвесност ја довеле до совршенство. Тие маестрално манипулираат со желбата за опасност на нивните ликови, ги водат до раб на катастрофа и тие се осмелуваат да скокнат. Прашањето што притоа се наметнува е: кои тајни се безбедни за споделување и дали моралот и етиката се навистина важни кога ги заштитувате оние кои ги сакате?

Еве накусо за што станува збор…

Се бараат млади жени на возраст од 18 до 32 години да учествуваат во студија за етика и морал. За учеството е ветена великодушна компензација, плус анонимноста е загарантирана. Кога Џесика Фарис ќе се пријави да учествува во психолошката студија спроведена од мистериозната д-р Шилдс, мисли дека сè што треба да направи е да одговори на неколку прашања, да ги земе парите и да си оди. Но, како што прашањата стануваат сè поинтензивни и поинвазивни, а сесиите со сè повеќе барања, од типот што да облече и како да се однесува, Џес почнува да чувствува како д-р Шилдс да знае што мисли… и што крие. Како што расте паранојата на Џес, станува јасно дека веќе не може да разликува што е реално во нејзиниот живот, а што е дел од манипулативните експерименти на д-р Шилдс. Заробена во мрежата на измама и љубомора, Џес мошне брзо сфаќа дека некои опсесии можат да бидат смртоносни.

Книгата е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина ‒ публикации“ и може да се најде во сите книжарници „Литература.мк“ или да се купи онлајн на www.literatura.mk.

Татјана Димовска – Атанасова

 

 

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.