Обработувајќи теми врзани со чувствата и грижите на жените, писателката Роза Вентрела го создава романот „Приказна за едно семејство“ во кој главниот лик е малото девојче Марија кое расте во Бари, Италија. Книгата е преведена на македонски јазик во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина ‒ публикации“ и е достапна да се купи во сите книжарници на „Литература.мк“ како и онлајн на интернет-страницата www.literatura.mk.
Ова дело е преведено на 20 јазици и беше вистински хит на „Лондонскиот саем на книгата“ во 2018 година. Авторката Вентрела воедно е и историчар и новинар, а нејзините дела ја обработуваат состојбата на жените низ историјата.
Дејството во романот е сместено во осумдесеттите години во Бари кое воедно е и родното место на писателката. Летата во Бари минуваат со џагорот на децата кои се бркаат низ лавиринтите од тесни улички поплочени со камен, чаршафите што се сушат на терасите, поигруваат на ветрот, а мирисот на домашните кујни продира и во најскриените агли. Марија расте заедно со своите двајца постари браќа, Џузепе и Винченцо. Таа е мало девојче со карактеристичен изглед: голема уста и две речиси ориентални очи што сјаат како блескави сечила. Живее целосно сплотена во безвременската атмосфера на стариот град, скриена во својот мал свет полн со омаловажувања – свет од кој е многу тешко да се излезе.
Единствените охрабрувања што ги добива во периодот од детството до адолесценцијата доаѓаат од Микеле, син на едно од најнесреќните семејства во старото Бари. Пријателството помеѓу Марија и Микеле станува сè посилно и посилно, и покрај отвореното непријателство помеѓу двете семејства и ударите што ги нанесува животот. Сè додека тие чувства помеѓу нив двајца – силни, а истовремено нежни – не прераснат во љубов. Љубов која, и покрај тоа што е забранета, не им дозволува да го мразат светот околу нив.