Книгата „Press & Play“ на Ненад Георгиевски е сведоштво за едно плодно време во македонската музика

Како запис за еден квалитетен период во креативниот процес на голем број македонски музичари, авторот Ненад Георгиевски ја издаде книгата „Прес енд плеј“ („Press & Play“) која вчера беше онлајн промовирана на фејсбук-страницата на „Литература.мк“. Станува збор за дело на англиски јазик составено од рецензии на албуми, концерти и фестивалски настапи на домашни изведувачи кои овој музички новинар ги има објавено во реномираниот светски медиум „Ол абаут џез“ („All About Jazz“). Книгата е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина ‒ публикации“ и може да се најде во сите книжарници „Литература.мк“ или да се купи онлајн на www.literatura.mk.

Модератор на промоцијата беше музичката новинарка Бранка Костиќ-Марковиќ, а покрај Георгиевски се вклучија и уредникот на делото Милан Дамјаноски и Оливер Јосифовски од групата „Љубојна“. Во „Прес енд плеј“ („Press & Play“), меѓу другото, се вклучени и рецензии за Влатко Стефановски, „Леб и сол“, Кирил Џајковски, „Фолтин“, Џијан Емин, Ади Имери, Гоце Стефковски, Џон Апелгрин, Зоран Маџиров, „Анастасија“, „Чалгија саунд систем“, „Проект Жлуст“, „Скопскиот џез фестивал“, „Офф-фест“ итн.

‒ Кога зборуваме за „Ол абаут џез“ („All About Jazz“) мора да кажеме дека овие текстови минале низ филтерот на еден етаблиран светски медиум. Ние секогаш се гордееме со музичарите кои завршиле на „Беркли“ или на други познати академии, а „Ол абаут џез“ („All About Jazz“) е еден вид новинарска академија бидејќи сте на испит секојпат кога ќе поднесете еден текст. Со тоа се покажува и самата вредност на македонската музика која минала низ тестот на квалитет на тој медиум. Сепак, во „Ол абаут џез“ („All About Jazz“) се бележи светското џез творештво и наследство. Со самиот факт дека овие рецензии биле вклучени таму и дава еден кредибилитет на оваа книга – истакна рецензентот Дамјаноски.

Press & play

Георгиевски пишува во овој реномиран медиум од 2004 година и досега има објавено огромен број рецензии и интервјуа. Во рамки на вчерашната промоција, тој се потсети и на времето кога ги почнал овие соработки.

‒ Овој медиум има ограничување од околу 510 зборови за рецензиите. Првично имав проблем да ги доловам историските, политичките, културолошките корени кои нас и нашата музика ја прават поразлична. Воедно, на тој начин да ѝ доловам на една читателска публика која не е од нашето подрачје како се создала оваа музика. Но, полека, низ таа комуникација со уредниците на „Ол абаут џез“ („All About Jazz“) и јас растев и се развивав како автор – појаснува Георгиевски и додава дека книгата „Прес енд плеј“ („Press & Play“) е резултат на неговата 15-годишна работа во овој медиум.   

Музичарот Оливер Јосифовски, пак, истакна дека читајќи ја книгата се сретнал и со многу интересни видувања на Георгиевски кои му отвориле и интересни перспективи.

‒ Кога создаваме музика може да кажам дека е акција, а оваа книга е реакција. Ако не е забележано ова време, нема да знаеме кога ќе дојде подоброто време. Сега имаме документ и сведоштво. Освен цедеата, пишаниот збор е многу важен. Му честитам на Ненад за брзото реагирање. Ако немаме сведоштво од ова време нема да знаеме дали било добро – посочува Јосифовски.

„Прес енд плеј“ („Press & Play“) е трета книга на Георгиевски и во 200 страници може да се прочитаат голем број рецензии наменети за македонски музичари.

Целата промоција на книгата може да ја погледнете на следниот линк: https://www.youtube.com/watch?v=bVr0qQR_9BY&fbclid=IwAR3idh5DDv98LMRsFy9C3M7H0uH6A4yEAhpCWIvMWqEJ1O6_Bam1GNxGQhM

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.