„Арс Ламина“ ја поттикна 11-годишната Дарија да пишува, издавајќи ја нејзината прва книга

Дарија Трендафиловска од Куманово има само 11 години, но нејзината прва книга „Модна дизајнерка“ веќе ја гледа светлината на денот во рамки на едицијата „Млади креативци“ на „Арс Ламина“. Сето ова се случило ненадејно и сосема случајно, но е резултат на талентот и потенцијалот кој издавачката куќа го препозна во ова девојче. Целата едиција „Млади креативци“ има за цел да ги мотивира младите луѓе да се занимаваат со пишување.

Modna dizajnerka

Дарија, што те поттикна да ја направиш книгата „Модна дизајнерка“ и што сè вметна во оваа книга?

‒ На часот по македонски јазик учевме за „Книгата како медиум“ и добивме домашна да направиме книга, да ја илустрираме, да направиме корица и да напишеме содржина. Добив инспирација случајно, гледајќи еден „Барби“ цртан филм. Ја напишав книгата, а како илустрации и корица користев слики од интернет – вели таа.

Кога почна да пишуваш и што те мотивираше?

‒ Мислам дека околу трето одделение почнав со пишување. Учевме една песничка за пролет и имавме домашна да напишеме сопствена песничка. Јас напишав една полна со описи. Се сеќавам на неколку описи: „Тревата е мека како зелен јорган, ишарана со цветчиња… Небото е сино како синиот јоргован, облачињата се како белите јорговани“. Мотивација ми беше градината која ја гледав од прозорецот. Наставничката беше воодушевена, како и моите другарчиња. Ја закачивме песничката на паното и оттогаш имам желба за пишување песни и состави – додава Дарија.

Дали имаш и други хобија освен пишувањето? 

‒ Освен пишувањето имам други хобија. Сакам да читам различни книги, да глумам, да правам куклени претстави, сакам и долги разговори со другарка ми и да гледам филмови. Понекогаш читам и за хороскопските знаци, астрологијата ми е интересна. Вежбам јога и кошарка, а исто така од неодамна имам и канал на „Јутјуб“, и сакам да смислувам сценарија за видеата, да ги монтирам и да ги објавувам.

Darija

 Може ли да ни кажеш нешто повеќе за себеси? Каде учиш, како го поминуваш слободното време?

‒ Имам единаесет години и живеам во населба Карпош во Куманово. Имам помали брат и сестра. Учам во основното училиште „Магдалена Антова“, каде што ќе почнам седмо одделение. Сите предмети ги сакам, а најмногу македонски јазик, посебно кога пишуваме состави или читаме драмски текстови. Исто така сакам да зборувам на англиски и сум била на неколку натпревари по англиски јазик. Победив на регионалниот натпревар по англиски јазик во петто одделение. Во слободно време најчесто читам и пишувам додека слушам музика, вежбам јога…

 Како влезе твојата книга во едицијата „Млади креативци“ на „Арс Ламина“?

‒ Книгата како проект ја прочитав во едно видео на мојот канал на „Јутјуб“. Една од моите најомилени писателки, Јана Мишо, го видела видеото и го покажала на нејзината издавачка куќа и ним им се допаднало. Бев пресреќна кога Јана ми пиша да го испратиме ракописот на нејзиниот издавач, Бранка Бугариска, чија беше идејата за книгата да се најде во едицијата „Млади креативци“ – објаснува Дарија.

Дали во иднина планираш да се занимаваш со моден дизајн или, пак, со пишување? 

Сон ми е да станам писателка уште од трето одделение, со издавање на мојата прва книга имам чувство дека го направив првиот чекор и се надевам дека еден ден ќе станам светски позната авторка. Дизајнот не ми е баш силна страна.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.